1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска и утре на самитот во Брисел се решава судбината на Турција

16 декември 2004

“17-ти декември решава и за темелните вредности на Европа и за судбината на натамошната соработка меѓу нашите нации“ - напиша Ердоган во отвореното писмо што го објавува денешен “Билд цајтунг“.

https://p.dw.com/p/AcJ0
Плакати во Анкара
Плакати во АнкараФотографија: AP

ЕУ и вети на Турција уште пред две години дека ќе почне официјални преговори за прием, доколку владата во Анкара ги исполни предусловите за тоа до крајот на годинава. Иако турската страна тврди дека ги исполнила сите поставени услови и дека високи претставници на ЕУ самите ги оценуваат изминатите две години како “тивка револуција“ во Турција, меѓу 25-те земји членки на европското семејство не владее хармонија и единство околу ова чувствително прашање. Има гласови кои бараат покрај полноправното членство со Турција да се водат преговори и за алтернативна цел, на пример за т.н. “привилегирано партнерство“.

Ставовите околу преговорите со Турција се спротиставени и во германската јавност. Додека опозиционите ЦДУ и ЦСУ се залагаат за партнерство со Турција, шефот на дипломатијата и вице-канцелар Јошка Фишер нагласува:

“Привилегираното партнерство Турција го сфаќа како одбивање. Тоа не е опција. Сега станува збор за тоа да се почнат преговори за полноправно членство!“

Поделеност во ставовите владее и во Европскиот парламент. Вчера додуша мнозинството пратеници се изјаснија за почеток на преговори чија цел ќе биде членство на Турција, но делови од конзервативната Народна партија бара оставање и алтернативни решенија. Тие се надеваат дека со помош на австрискиот канцелар Волфганг Шисел ќе успеат да внесат соодветна формулација во документот од самитот во Брисел.

И тоа не е се: шефовите на држави и влади на самитот што почнува вечерва ќе мораат да решат и какви заштитни клаузули би требало да донесе ЕУ за да се амортизираат негативните последици од пристапувањето на Турција. На пример како да се спречи евентуалната поплава турски работници на пазарите на работна сила во старите земји членки.

Тука е прашањето на заштитна клаузула и од евентуалниот прекин на реформите во Турција, иако премиерот Ердоган деновиве се обиде да ги разувери критичарите со следното ветување:

“Турција не сака да биде товар за ЕУ, туку да ги дели со неа оптоварувањата.“

Конечно, останува да се реши и кипарскиот проблем. Владата на јужниот, грчки дел на островот бара официјална Анкара да ја признае прво Република Кипар. Во спротивно како членка на Унијата се заканува со вето за прием на Турција:

“Ние се надеваме дека резултатот од самитот ќе ги отсликува обврските на Турција кон Кипар, во склад со протоколот од Анкара“ - порача шефот на кипарската дипломатија Јакову. Станува збор за протокол со кој се предвидува проширување на царинската унија меѓу ЕУ и Турција и на новите 10 членки а Унијата, меѓу кои спаѓа и Република Кипар. Тоа би било фактичко меѓународно признавање на Турција на грчкиот дел од острвот.

И германскиот парламент денеска повторно дебатира околу преговорите на ЕУ со Турција. Како подлога за расправа служи барањето на опозиционите Христијанско демокраска и Христијанско социјална Унија, со кое се бара од сојузната влада на самитот д се заложи за привилегирани партнерство, а не за полноправно членство на Турција како цел на преговорите. Партиите на владината коалиција, Социјалдемократската и Партијата на Зелените, напротив во нивниот предлог документ се залагаат за

отворање на патот за членство на Турција. На пратениците им е поднесен и трет предлог, во кој Либералите бараат преговорите да се водат без дефинирана конечна цел.