1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска почнува со работа Генералното собрание на ОН

19 септември 2006

На отворањето прв ќе зборува генералниот секретар, Кофи Анан, за кого ова е последен пат од таа функција да може да изврши влијание врз светската политика.

https://p.dw.com/p/AdxA
Седница на Генералното собрание од 15. март годинава, при гласањето за новиот Совет за човекови права на ОН
Седница на Генералното собрание од 15. март годинава, при гласањето за новиот Совет за човекови права на ОНФотографија: AP

При тоа неговата омилена тема, реформата на Светската организација, веројатно и овој пат ќе падне во втор план поради големиот број кризни жаришта што ќе се најдат во центарот на вниманието на шефовите на држави и влади од 192-те членки. Рајнер Зитфелд ја пренесува атомосферата и главните настани што се очекуваат на Ист Ривер.

Една година по милениумскиот самит во Њујорк, на кој Кофи Анан ја промовираше реформата на ОН, веќе се забележуваат првите контури. Така Советот за човекови права ја испрати во пензија спорната Комисија за човекови права. Во меѓувреме почна со работа и Комисијата за консолидирање на мирот, што е дел од реформските зафати што ги предложи Анан. Но:

„Никаква реформа на ОН нема да биде комплетна без реформа на Советот за безбедност„ – уверен е генералниот секретар на заминување.

Во рамките на реформата на Советот за безбедност Германија се надеваше на негово проширување и со тоа на место на постојана членка, покрај сегашните пет. Но, желбата на официјален Берлин на годинешното Генерално собрание нема да игра никаква посебна улога. А германските дипломати добро знаат исто така дека времето работи против ваквите амбиции на нивната земја.

Реформите на Светската организација ионака нема да се најдат во преден план. Генералната дебата многу повеќе се очекува да биде проникната со актуелните кризни жаришта во светот, како на пример Ирак, Палестинскиот конфликт, војната во Либан, кризната суданска покраина Дарфур, како и ескалацијата на борбите во Авганистан. На ова последното ќе му биде посветен и неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО сојузот на маргините на самитот во Њујорк.

Она што особено овој пат ги интересира дипломатите на Ист Ривер, тоа е дуелот на двајца политичари, кои инаку се одбегнуваат на меѓународниот дипломатски паркет:

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад втор пат по ред ќе ја брани атомската програма на својата земја пред пленумот на Светската организација. И тоа во непосредно присуство на претседателот на онаа држава, што најмногу инсистира на воведување санкции против Иран:

Џорџ Буш и неговите дипломати овој пат сторија се‘ што беше во нивна моќ да одбегнат американскиот претседател и неговиот лут противник од Иран да зборуваат ист ден во пленумот. Но, тоа не им појде од рака и Ахмадинеџад ќе се обрати пред Генералното собрание само малку подоцна од Џорџ Буш. Она што американските дипломати уште повеќе ги загрижува, тоа е опасноста Ахмадинеџад да го изненади Буш и да му пријде за време на заедничкиот ручек со Кофи Анан во седиштето на ОН. Наспроти ваквите дипломатски опасности, Буш денеска ќе биде во Њујорк:

„Тоа ми дава шанса да ги појаснам целите на нашата нација, како да им се помогне на оние кои ја загубиле надежта, како да се шират слободата, добробитта и мирот.„

Иран како потенцијално кризно жариште формално не се наоѓа на дневниот ред, пред се‘ бидејќи европските дипломати не сакаат за неговата атомска програма да се расправа толку блиску до салата на Советот за безбедност, каде се закануваат санкции за официјален Техеран. А и за наследникот на Анан на местото генерален секретар на Светската организација нема да станува збор, бидејќи идеален кандидат за сега не е ни на повидок.