1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денеска продолжува министерската средба на НАТО во Софија

28 април 2006

Министрите за надворешни работи на НАТО денеска, на вториот ден од неформалната средба во Софија, ќе разговараат на одвоени средби со украинскиот и рускиот колега, Борис Тарасјук и Сергеј Лавров.

https://p.dw.com/p/Ac77
НАТО министрите во Софија
НАТО министрите во СофијаФотографија: AP

На разговорите со Тарасјук ќе станува збор за желбата на Украина наскоро да му се приклучи на Северно атлантскиот сојуз. Шефот на американскиот Стејт департмент Кондолиза Рајс порача дека Украина би морала многу да се потруди за да стане зрела за прием. Со Лавров пак министрите на Алијансата ќе разговараат за задршките на официјална Москва против членството на Украина.

На вратата на НАТО тропаат членките на Јадранската повелба: Хрватска, Македонија и Албанија, но исто така и Украина и Грузија. 26-те земји членки на Алијансата меѓутоа за сега се воздржани и не сакаат да дадат никакво конкретно ветување спроти планираното следно проширување во 2008-та. Може да биде испратен само позитивен сигнал во таа насока, посочи генералниот секретар Јап де Хоп Шефер:

„Видот на сигналот што членките на Алијансата ќе го испратат од самитот во Рига ќе зависи од напредокот на секоја одделна земја аспирант. Јасно е дека во Рига ќе има некаков сигнал, но тој нема да биде конкретна покана за членство.„

Освен со прашањата на проширувањето, министрите за надворешни работи во Софија се занимаваат и со разните опции за соработка со трети земји во совладувањето на кризите ширум светот. НАТО нема намера да стане светски полицаец, вети портпаролот Џејмс Апатураи. Тој исто соопшти дека за сега нема конкретни предлози како би можело да изгледаат партнерствата со земји како Австралија, Нов Зеланд, Јапонија или Северна Кореја.

По прашањето на ангажманот на НАТО во суданската јужна покраина Дарфур, генералниот секретар Де Хоп Шефер ги информира министрите за најновите контакти со Африканската Унија. НАТО и‘ понуди имено на Унијата логистичка поддршка за мисијата во кризната покраина, но испраќање воени сили на Алијансата не доаѓа предвид, порача Шефер.

И уште една тема го преокупира вниманието на шефовите на дипломатиите, тоа е спорот околу атомската програма на Иран. Денеска имено истекува ултиматумот што Советот на безбедност му го постави на официјален Техеран.

„Нашите услови се јасни, рековме дека пружаме рака за натамошни преговори, но очекуваме од Иран за возврат да ги прекине сите активност околу обогатувањето ураниум, да се придржува до меѓународните стандарди, особено до контролата на Меѓународната агенција за атомска енергија и да овозможи потполна транспарентност во поглед на можноста цивилната атомска програма да ја користи за развој на нуклеарно оружје„ – нагласи Франк Валтер Штајнмајер.