1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Денот кога Советскиот сојуз ја нападна Полска

Магдалена Гвожџ-Палокат
17 септември 2019

Само 17 дена откако нацистите ја нападнаа Полска, во земјата вмаршира и источниот сосед. 17 септември 1939 година е датум кој до денес ги оптоварува полско-руските односи.

https://p.dw.com/p/3PiaV
Überfall auf Polen - Sovietische Soldaten (1939)
Советски тенкови при преминувањето на полската граница во септември 1939 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/Fedor

„Кога видов дека Германија притиска од запад, а Русите од исток, си помислив дека тоа е нашиот крај“, се сеќава сведокот на тоа време Еугениуш Сајковски во прилог на германската телевизија АРД. „Нашата Полска повторно ќе падне во 120 годишно заробеништво, нашиот народ е загубен“, си велел тогаш 27-годишниот Сајковски.

Во 6 часот изутрина над 4.000 советски тенкови тргнале во насока на Полска. Сталин испратил повеќе авиони отколку што испратиле Германците. Тоа била инвазија без објавување војна и нееднаква борба, дотолку повеќе што бројчено инфериорните полски трупи биле наголемо зафатени со Германците. До 17 септември, вели полскиот историчар Збигњев Вожничка, можело барем да се има надеж дека војната нема да значи целосна катастрофа за Полска. Околу Варшава имало трупи, а големи градови како Лублин, Вилно или Лвов сѐ уште не биле освоени. Дали западните сили ќе пружат сериозна помош за да се зачува можеби дел од Полска? 17 септември им ја зеде последната сламка за спас на бранителите. На истокот веќе немаше борби, а полскиот командант Ридз-Смигли даде наредба: „Не се бориме против болшевиците“.

Тоа ги продлабочи душевните рани поради „предавството“, здружувањето на толку различни партнери против Полска и заедничкото прославување победа на Советите и нацистите. Полска беше уште еднаш жртва на своите соседи. Честопати се зборува за четврта поделба на земјата.

Повеќе: 

Полска, Германија и сенките на војната

Втора светска војна: Првите бомби паднаа врз Вилун

Наследството на Сталин се чувствува до денес

„Постојано се тврди дека Полска најмногу страдала од Германците“, вели Збигњев Вожничка, историчар од Шлезискиот универзитет. Но, работите не се толку едноставни. „За онаа генерација Полјаци која го познава времето на поделбата, најлошиот непријател тогаш не беше Германија, туку Русија. Царството, задушените востанија, протерувањата во Сибир - со влезот на 17 септември сето тоа повторно излезе на површина.“ Многу брзо се покажа дека и од Германците доаѓа смртна закана, но хоророт од нацистичката окупација во еден момент запре, а наследството на Сталин се чувствува до денес. Во Полска и натаму има недовера кон Русија.

Односите со „големиот сосед“ се оптоварени не само со инвазијата од 1939 година. И убиството на илјадници полски офицери и други носители на функции од страна на претходникот на КГБ, НКВД, во 1940 година во Катин, кај Смоленск, и долгогодишното негирање на убиствата од страна на Советскиот сојуз, сѐ до времето на Гобрачов, сѐ уште не е обработено, иако Владимир Путин во 2009 година, за време на свеченостите по повод 70-годишнината од почетокот на Втората светска војна, изненадувачки го нарече „Катин“ злосторство и на Полска ѝ предложи заедничка обработка на случувањата од тоа време.

Zweiter Weltkrieg Deutsch-sowjetischer Nichtangriffspakt - Hitler-Stalin-Pakt 1939 | Joachim von Ribbentrop und Josef Stalin
Хитлеровиот министер за надворешни работи Јоахим фон Рибентроп со советскиот лидер Јозеф Сталин по потпишувањето на договорот за ненапаѓање, т.н. пакт Хитлер-Сталин, на 23 август 1939 годинаФотографија: picture-alliance/akg-images

Затруени односи

Средбата на Путин со тогашниот полски премиер Доналд Туск на гробовите во Катин, на 7 април 2010 година, многу набљудувачи ја нарекоа историска. За момент се причини како помирувањето да е замисливо. Тоа беше прва посета на руски државник од највисок ранг на местото на сталинистичкото злосторство, кој им оддаде почит на полските офицери. И остана последна. Зашто, само три дена потоа се урна полскиот владин авион кај Смоленск со 96 патници, меѓу кои и претседателот  Лех Качински, кој требаше да присуствува на свеченостите по повод масовните убиства во Катин.

Несреќата повторно ги помести политичките координати во сфера која е толку емоционална, што речиси и не е можно да се води политика со факти. Односот кон нејзе предизвика поделеност и во самата Полска, но ги затру повторно и односите со Русија, која не ѝ ги предава на Полска комплетно остатоците од авионот и со тоа создава почва за теории на заговор. На десноконзервативната влата на ПиС денес ѝ е лесно да го обвинува Туск за тогашниот близок однос со Путин. Годинава, на одбележувањето на 80-годишнината од почетокот на војната, рускиот претседател не беше поканет. Државната телевизија одлуката ја покри со слика, со еден вид коментар без зборови - со снимки од Туск и Путин како се прегрнуваат пред 10 години.

Russland Flugzeugabsturz von Smolensk - Lech Kaczynski getötet
Несреќата во која загина Лех Качински повторно ги помести политичките координати во многу емоционална сфераФотографија: picture-alliance/dpa/S. Chirikov

Смоленск, Катин, 17 септември

Катин, Смоленск - чувствителното поглавје од полската историја е неразделно поврзано со оној 17 септември пред 80 години. Нападнаа Германците, но Сталиновиот Советски Сојуз го овозможи нападот и си спакува дел од пленот кога Полска беше речиси поразена. „17 септември е симбол на голема несреќа“, оценува историчарот Вожничка.

Додека помирувањето помеѓу Послка и Германија беше можно меѓу другото и поради тоа што Германија ја призна својата вина, бискупите разменуваа писма, а Вили Брант падна на колена во Варшава, тешките прашања од заедничката историја помеѓу Полјаците и Русите прво со децении беа туркани настрана заради задолжителната социјалистичка братска љубов, беа табуизирани и по пресвртот никогаш не беа ставени вистински на маса за разговор. Гестовите од 2010 година се чинат заборавени, а во Русија до денес само малкумина знаат дека Советскиот Сојуз ѝ заби нож в грб на Полска.

Повеќе: Пактот Хитлер-Сталин ја промени Европа

Обид за поинакво толкување

Славопојката за Црвената армија како „ослободител на Европа“ во Полска секогаш звучеше поинаку поради монструозната лага околу пактот Хитлер-Сталин. На крајот и пропагандата не успеа во своите цели. Во 1953 година, годината на смртта на Сталин, полскиот филм прави обид да ги уедначи настаните и идеологијата: „'Кулата од карти' на Ервин Аксер го претставува 17 септември како момент на ослободување на Полска од сопствените угнетувачи“, вели полскиот филмски експерт Пјотр Звиржовски. Полска во времето меѓу двете светски војни е прикажана како слаба држава како „кула од карти“ - обид колективната меморија да се преобрати така да се каже во својата спротивност.

Дури во 2007 година полскиот филмаџија Анджеј Вајда во својот филм „Масакрот од Катин“ повторно го обработува 17 септември  - овојпат во согласност со сеќавањата и чувствата на сведоците од тоа време, како Еугениуш Сајковски. Една драматична сцена уште на почетокот на филмот ја прикажува средбата на еден мост на Полјаците кои бегаат од Германците и оние кои од спротивната насока бегаат од Советите. Тој мост е симбол на историските стравови на Полјаците и прашањето - од кој сосед мора да се има повеќе страв, од источниот или од западниот. На 17 септември 1939 година, меѓутоа, кога двата соседа во Полска работеа со заеднички интерес и кога Полска - привремено - беше загубена, ова прашање не беше релевантно.