1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден „Д“ за политичките противници на Ердоган

Сенада Соколу/Б. Георгиевски5 август 2013

По речиси пет години, денеска се очекува правосилната судска пресуда во процесот Ергенекон. Околу 300 луѓе се обвинети дека формирале илегална мрежа за уривање на владата во Турција.

https://p.dw.com/p/19Jhp
Фотографија: picture-alliance/dpa

Процесот Ергенекон е еден од најконтроверзните во турската историја. Околу 300 луѓе- адвокати, политичари, новинари, шефови на компании, поранешни воени функционери- се наоѓаат на клупата за обвинети.

Обвинети се дека биле дел од терористичка мрежа наречена Ергенекон (именувана според место од турската митологија), која пак, наводно е дел од поширока групација (Тајна држава) која е осомничена за подготвување заговори за убиства на членови на турската политичка и културна елита.

Нивната цел, според обвинението, била да подготват терен за воен удар предизвикувајќи хаос и страв во Турција, по што воените сили во земјата би биле приморани да интервенираат.

Турските воени сили традиционално се гледаат себеси како чувари на нацијата и досега изведоа три пуча. Членовите на Ергенекон се обвинети и дека планирале неколку пуча против владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган.

Судењето навлезе во петтата година, а критичарите се‘ погласно протестираат против невообичаено долгите притвори за обвинетите и нејасните докази против нив. Критиките се дека владата е во „лов на вештерки“ на своите политички противници, но Ердоган ги отфрла ваквите критики.

„Емитираме цврст и храбар однос за да ја одбраниме нашата земја од нападите од мафијата и криминалците“, изјави Ердоган на почетокот на месецов.

Nedim Sener Journalist Türkei Freilassung
Недим СенерФотографија: picture alliance/abaca

На другата страна, бројни уметници и интелектуалци повикуваат на масовни протести пред судот во градот Силиври во близина на Истанбул каде денеска треба да бидат изречени пресудите.

Уништување на опозицијата

Истражувачкиот новинар и писател Недим Сенер и самиот, во март 2011 година, беше уапсен и обвинет дека бил член на Ергенекон.

„Доказите против нас беа дека сме биле писатели и дека сме им помагале и на други да пишуваат“, вели Сенер за ДВ. „Вистинската причина поради која бев уапсен беше мојата истрага за убиството на Хрант Динк и моите книги на таа тема“.

Ерменскиот новинар Динк беше убиен во 2007 година. „Полицајците кои ја водеа истрагата за тоа убиство, сега ја водат истрагата за Ергенекон“, вели Сенер.

„Ова судење нема да биде запаметено по тоа што ќе ги открие членовите на Тајната држава, туку по тоа што ќе ја уништи опозицијата“, заклучува Сенер.

Адвокатот Хусеин Ерсез, кој ги застапува обвинетите Тунчај Ошкан, новинар и Мустафа Левент, адвокат, смета дека судењето е политички мотивирано и не очекува никој да биде ослободен. Тој упатува на неодамнешната одлука на Уставниот суд со која беше намалена казната за тероризам од 10 на 5 години затвор. Бидејќи голем број од обвинетите веќе го минаа тој период во затвор, Ерсез очекува по пресудата дел од нив да бидат ослободени.

Hüseyin Ersöz Anwalt Prozess Ergenekon +++ACHTUNG SCHLECHTE BILDQUALITÄT+++
Хусеин ЕрсезФотографија: privat

„Не очекувам фер пресуда. Напротив. Поголемиот дел обвинетите ќе добијат доживотни затворски казни“, очекува Ерсез.