1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден за борба против интернет-цензурата

12 март 2010

Организацијата „Репортери без граници“ го прогласи 12 март за светски ден на борбата против интернет-цензурата. Целта е да се мобилизира светската јавност против цензурата.

https://p.dw.com/p/MRFV
Фотографија: picture-alliance/dpa

Репортери без граници секоја година објавува листа на земји „непријатели на Нет“ или земји кои тендираат да станат непријатели. Невладината организација која се бори за слободата на печатот во светот, констатира дека во 2009 година е забележена тенденција на зголемување на цензурата на интернет-мрежата. На листата на земјите кои треба да се следат внимателно се ставени Турција и Русија.

Авторитарните режими денес ја цензурираат интернет-мрежата и заплашуваат, велат од Репортери без граници (РСФ). На листата на невладината организација чие седиште е во Париз, се најдоа шеесетина земји - двапати повеќе во споредба со лани.

Цензурата на интернет, според РСФ може да има техничка форма со филтрирање или затворање на веб- страниците на опозицијата, водење на досиеја и набљудување на активноста на лицата кои одат на интернет. Но, се користат и класични методи како апсење или физичко заплашување на новинарите и блогерите. Така, за првпат од создавањето на интернет- мрежата, околу 120 блогери или сајбер-дисиденти се најдоа зад решетки само затоа што се осмелија да го искажат нивното мислење на интернет.

Symbolbild Iran Zensur Medien Internet Zeitungen
Иран, во извештајот на РСФ, е особено критикуванФотографија: DW/dpa

Земјите се поделени во две категории

Во првата категорија „непријатели на интернет“ се ставени Мјанмар, Северна Кореја, Куба и Туркменистан кои по секоја цена ги попречуваат нивните граѓани да имаат пристап до интернет, потоа Саудиска Арабија и Узбекистан кои се имаат определено за масивно филтрирање и автоцензура, како и Кина, Египет, Тунис и Виетнам кои ја контролираат одблиску политичката и социјалната содржина на интернет страниците. Иран со сериозната внатрешна криза ги фати во мрежата сите „нет-граѓани“ и нови медиуми кои се претворија во непријатели на режимот.

Не случајно првата награда „Нет-граѓанин“, РСФ во партнерство со Google, им ја додели на иранските сајбер-феминисти основачи на интернет страницата “промени за еднаквост“ www.we-change.org. На уредувањето на оваа веб-страница, работат дваесетина новинарки и блогерки, кои се здружија во 2006 за промоција на кампањата против дискриминација на жените. Тие одиграа важна улога во одбраната на слободите и демократијата во Иран по спорниот избор на Махмуд Ахмадинеџад за претседател на државата.

„Некои од нив првпат јавно можеа да кажат што чувствуваат. Замислете си го чекорот што е направен. Тие станаа автономни иако делуваа тајно. Се разбира, цензурата е се‘ посилна, но тоа не‘ прави уште посилни“, вели Парвин Адралан, која дојде во Париз да ја прими наградата.

Symbolbild Medizin im Internet Online Arzneimittel Bestellung
Во извештајот се упатени критики и за демократски земјиФотографија: picture-alliance/dpa

Демократските земји не се поштедени

Меѓу демократиите што не се поштедени во извештајот на РСФ е, на пример, Јужна Кореја поради острите закони за корисниците на интернет и Австралија која има намера да воспостави систем за филтрирање на содржините на интернет.

Русија се најде на листата на земји под набљудување поради обидите да го замолчи интернетот како место на слободна размена на информации, исто како и Турција која ги блокира содржините на YouTube поврзани со прашања за малцинствата, како и заканите со судски репресии за блогерите и корисниците на интернет кои се изразуваат слободно.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска