1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден за сеќавање на жртвите

12 септември 2011

Со низа комеморации на местата каде беа изведени терористичките напади на 11 септември 2001-та Американците им оддадоа почест на жртвите. Претседателот Обама порача дека треба да се гледа во иднината со срца полни надеж.

https://p.dw.com/p/12XAv
Актуелниот и поранешниот претседател на САД, Обама и БушФотографија: picture alliance/dpa

Обама рече дека изминатата деценија од нападите ја покажала одлучноста на Американците да го одбранат својот начин на живот. Идеалот дека „мажите и жените треба самите да владејат е само зајакнат“. „На 12 септември се разбудивме во свет во кој злото беше блиску до нас, а несигурноста ја замаглуваше нашата иднина“.

Околу 3.000 луѓе загинаа откако киднапираните авиони се урнаа во Њујорк, Вашингтон и Пенсилванија. Последниот говор, Обама го одржа на комеморативен концерт во Вашингтон, откако претходно ги посети и останатите места каде нападнаа милитантите на Ал Каеда. Безбедноста во земјата беше на највисоко ниво поради стравувањата од нови можни напади. 

Оддавајќи им почит на жртвите во нападите, Обама ги поздрави и „двата милиони Американци кои заминаа во војна по 11 септември. „Тие покажаа дека секој што ќе ни наштети не може да се сокрие од лицето на правдата, било каде во светот“, рече Обама. „По 11 септември тогашниот претседател Џорџ Буш јасно кажа едно нешто кое важи и денес: САД никогаш нема да започнат војна против Исламот или против било која друга религија“.

Повеќе од 6.200 американски војници загинаа во војните во Авганистан и Ирак кои земјата ги водеше по нападите.

На остатоците на Светскиот трговски центар во Њујорк вчера за првпат пред светот беше откриен споменикот на жртвите. Меморијалниот центар посветен на 11-ти септември, со два големи базена и најголемите вештачки водопади  во САД се наоѓа на местото каде што некогаш се издигаа кулите близначки. На бронзените плочи околу рабовите на базените се вдлабени имињата на жртвите од овој напад, како и имињата на шесте жртви убиени на истото место во терористичкиот напад осум години порано. Имињата на сите жртви беа прочитани во текот на комеморацијата, а петчасовното читање беше придружено со тишина.

Автор: БГ/ АТ/ ббс/дв

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи