1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден на Охридското Езеро - повод за славење или за срамење?

21 јуни 2019

Денеска го славиме неговиот Ден, а идниот месец во Баку Комитетот за светско наследство ќе решава за статусот на Охридскиот регион, со предлог да се стави на листа на загрозено природно и културно наследство.

https://p.dw.com/p/3KogX
Radozda am Ohrid See Mazedonien
Фотографија: Milco Jovanovski

Сечење на трската, негрижа за рибниот фонд која води кон бавно но сигурно исчезнување на  охридската пастрмка  и белвица, спорни планови за жичница, железница и пат во заштитено подрачје, „медитерански“ плажи и палми за езерото да личи на море (!), несанкционирано истекување на фекалии во водата, градежни интервенции во природата непосредно до езерскиот брег... Ова се само мал дел од големите „придонеси“ на човечката и институционална негрижа што ги доживеа македонскиот бисер - Охридското Езеро. Со години состојбата не се менува, и покрај бројните предупредувања за опасноста од загрозувањето на статусот на овој регион, кој од 1979 година е впишан во листата на природно и културно светско наследство на УНЕСКО.Езерото досега добиваше само ветувања кои личат на неговите бранови -  доаѓаат и исчезнуваат. Нови ветувања ќе стигнат и денеска, на одбележувањето на 21-ви јуни, Ден на Охридското Езеро. На охридското пристаниште напладне со свои говори ќе се обратат градоначалниците на општините распослани крај неговиот брег - Охрид, Струга и Поградец од Албанија: Константин Георгиевски, Рамиз Мерко и Едуард Капри. Ќе следи културно-уметничка програма, изложба на подводни фотографии, презентација на нуркачка опрема и дефиле на спортските клубови на вода. Што потоа? Дали Мерко фокусиран на новите плажи повторно нема да ја види масовната сеча на трска во Струшко? Дали и тој, и Георгиевски, ќе ги толерираат пловните објекти со нееколошки мотори, наместо да го извадат од фиока проектот на екологистите „Смарт Охрид“ кој предвидува замена на спорната флота со пловни објекти кои не загадуваат?

Дивоградбите и УНЕСКО

Шанса за спас

Но, некој друг внимателно ја следи состојбата, потсетува пратеничката и екологист, Лилјана Поповска.

 „Од 30-ти јуни до 10-ти јули во Баку, на сесијата на Комитетот за светско наследство ќе се одлучува за статусот на Охридскиот регион, со предлог да се стави на листа на загрозено природно и културно наследство. За Македонија тоа е голем срам, зашто сме го нагрдиле тој бајковит амбиент на раскошна природа и бесценети културни споменици. Од друга страна, ставањето на таа листа можеби е единствената шанса за спас на ова богатство, зашто под надзор од светски експерти би можеле со поголема извесност да го спречиме натамошното уништување. Да нема веќе дива урбанизација, загушеност на охридскиот брег и езерските води со туристи, вулгаризација на просторот со несоодветни објекти, звуци и мириси. Да се научиме на одржливо управување со регионот, преку еко, културен, селски, адреналински туризам“, апелира Поповска.

Охрид досега доживеа многу експерименти и понижувања - од планови изградба на елитна населба кај Студенчишко Блато и опасност од негово пресушување, па сѐ до промени на законската заштита на изворите кај Свети Наум од највисок на најнизок степен, само заради изградба на огромен туристички комплекс на индискиот бизнисмен Субрата Рој од Љубаништа до изворите на Свети Наум. Охрид се спаси од тој проект само затоа што Субрата Рој заврши во затвор во Индија, но сѐ уште е далеку од спас ако се има предвид ниската свест за значењето на неговото природно и културно наследство.

„Македонскиот бисер не смее да се тркала во кал, не смее да се нуди како безвредна панаѓурска дрангулија на туристи што не му ја знаат и не му ја ценат вредноста! Одговорните луѓе во институциите треба да бидат први на браникот на нашата убавина, а не алчно загледани во 'муштериите' подготвени да платат за прекршување на законите и реализација на своите мегаломански бизнис-идеи. Борбата со корупцијата и невкусот мора да биде бескомпромисна, чесна и доследна, онака како што ја водат македонските екологисти!“, вели Поповска.

Таа објаснува дека во моментов се одвиваат спротиставени процеси. На локално ниво, продолжува узурпацијата на просторот со дивоградби и уништување на природата. На национално ниво, во трка со времето Владата го поминала новиот Закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и го доставила до Собранието, а владини интерресорски работни групи го довршуваат планот за управување со зонирање, како и стратегиската оцена на влијание.

Ohrid See in Mazedonien
Фотографија: Milco Jovanoski

Владата ги засука ракавите

Со цел да се заштити езерото од загадување, Поповска потсетува дека е формирано Јавно претпријатие за колекторскиот систем и за негова санација.

„Техничката документација е одамна изготвена, но со години не се издвојуваат сериозни буџетски средства за таа намена. При носењето на последниот буџет ни беше одбиен амандманот за 11 милиони евра за обновување на колекторот, но, еве доаѓа ребалансот и може да се поправи пропустот. Само така ќе може да се обезбедат дополнителни средства од донатори, за секундарната мрежа и нова пречистителна станица, што е проценето на околу 50 милиони евра. Како и да е, Баку 'доаѓа', а загрижените и чесни претставници на државата имаат единствена можност да си подадат рака со екологистите и заеднички да му ја вратат аурата на Охридскиот регион“, вели таа.

Дека алармот е вклучен, сведочи и реакцијата на Владата. Таа соопшти дека на седницата одржана на 11 јуни ја усвоила информацијата за постапување по препораките на УНЕСКО, во насока на зачувување на статусот светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот регион. Вицепремиерот за економски прашања во соработка со Канцеларијата на премиерот е задолжен да формира работна група составена од функционерите на сите засегнати институции која ќе постапи по забелешките на УНЕСКО за анализа за алтернативна рута на железничката пруга долж Коридорот 8, како и рутата од автопатот А2 Требеништа - Струга, согласно наодите на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО. Предлог решенијата треба да бидат доставени до Владата најдоцна до 15-ти јануари 2020 година. Министерството за транспорт и врски е задолжено во соработка со Националниот парк Галичица и општините Охрид, Струга и Дебрца да изработи инвентар на нелегални градби во Регионот и истиот да го достави до Владата најдоцна до 1-ви септември годинава. Министерствата за животна средина и за култура се задолжени да изработат предлог План за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион, усогласен со Центарот за светско наследство на УНЕСКО, кој треба да биде доставен до Владата најдоцна до почетокот на декември годинава.

До реализацијата на овие цели, спокојно е само Охридското Езеро од течен метан, кое се наоѓа на најголемиот сателит на Сатурн, Титан. Името го доби во 2010 година од НАСА и од Меѓународниот астрономски сојуз во чест на нашето Охридско Езеро.