1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Темната страна на анти-беби пилулите

Јулија Вергин
31 јануари 2019

Јасмин своите тинејџерски години ги поминала во депресија, обиди за самоубиство и терапии. И - со анти-беби пилули. Откако престанала да ги зема овие таблети ѝ е многу подобро. Ова е нејзината приказна.

https://p.dw.com/p/3CTpK
Schwangerschaftsverhütung Antibabypille
Фотографија: picture alliance/dpa/T.Ireland

Јасмин има 20 години и се одзва на еден повик на Фејсбук. Барав жени кои страдаат од депресија и нагон за самоубиство. Онакви кои оваа психолошка состојба ја поврзуваат со земање на анти-беби пилули. И ги најдов во групата „Генерација пилули“. Групата има повеќе од 6.000 членови. Дел од нив ме контактираа и сакаа да си ја раскажат сопствената приказна. За психолошките падови кои ги преживеале низ годините. Терапијата и антидепресивите кои требало да им помогнат често биле без ефект.

Приказната на Јасмин е вистински пример за приказните на овие жени. И пример за резултатите на две научни студии, во кои депресијата и висок ризик за самоубиство се сметаат за последица на земање апчиња за контрацепција.

„Имав 11 години кога почнав редовно да добивам менструација. Тоа секогаш беше проследено со неподносливи болки. На 14 години мајка ми ме однесе на гинеколог кој ми препиша контрацептивни апчиња.

Бев психички оптоварена и поради мобинг. Откако почнав да ги земам анти-беби пилулите, запаѓав во сѐ поголема депресија. Тогаш таа состојба сѐ уште не ја поврзував со контрацептивните апчиња. Но, од ден на ден стануваше сѐ полошо, сѐ повеќе имав самоубиствени мисли и дури и се обидов да си го одземам животот. На крај завршив во затворено одделение на психијатрија. Таму дијагнозата гласеше: нарушено однесување. Три недели бев на клиниката, каде што имав психотерапија. По една и пол година третмани мојата терапевтка ми рече дека веќе нема што да ми прави и дека ќе ми биде подобро. Ја прекинавме терапијата и околу половина година ми беше добро.

Летото 2016 година ситуацијата повторно ми се влоши. Постојано имав промени во расположението. Дури и се самоповредив. Не се сакав себеси и не знаев што да правам со себе. Една моја пријателка која исто така страда од слични симптоми ми рече дека мора пак да се проверам. Така отидов на испитување во една клиника во Келн. Таму се покажа дека има осум од девет таканаречени гранични симптоми. Бидејќи таму немаа слободно место за терапија, ме препратија во Манхајм, каде на почетокот на 2017 година две недели бев под секојдневна терапија.

Infografik Depression in Deutschland EN
Депресија во Германија: секое четврто лице има член на семејството или пријател кој страда од депресија

Нема пилули, нема симптоми

Терапевтката таму, меѓу другото, ме праша зошто сум воопшто дојдена. Немав никакви симптоми. И јас тоа го гледав. Тогаш за првпат ми падна на памет дека мојата состојба е можеби поврзана со земањето контрацептивни средства. Така прекинав да ги земам за време на двонеделната терапија, бидејќи во тоа време не сакав да мислам на тоа дека треба да голтам уште една таблета. Ѝ ги кажав моите сомневања на терапевтката. Таа предложи да ги тестираме и кога ќе одам дома да пробам повторно да ги земам апчињата. Ако ситуацијата ми се влоши, тогаш таа ме советуваше да престанам да ги земам. И јас ја послушав. Дојдов дома и повторно се напив од таблетите. За помалку од една недела мојата психолошка состојба повторно се влоши и ми се врати екстремната промена на расположението, исто како и депресијата и самоубиствените нагони.

Повеќе: 

Депресијата повеќе ги погаѓа жените

Зимска депресија: Пет прашања, пет одговори

Хормони, хормони, хормони..

Мојот гинеколот ми советуваше да ги прекинам таблетите и да барам некој друга метод за контрацепција. Неговите предлози беа тромесечна инјекција, хормонски контрацептивен имплант или хормонски фластер. Си помислив: ако имав онакви реакции од таблети, тогаш и останатите хормонски контрацептивни средства ќе имаат исто така лошо влијание, или можеби ќе ми предизвикаат уште полоши последици. Поради тоа во август минатата година си ставив спирала. Откако ги прекинав таблетите во февруари 2018 година се чуствувам одлично.

Мојот прв циклус потоа траеше 102 дена. Во овој период сѐ уште се плашев дека мојата менструација може да се случи во непредвиден момент. Исто така, околу девет месеци имав голем проблем со паѓање на косата. Јас едноставно чекав и потоа едноставно помина. Според мене, многу е важно да не им се верува слепо на лекарите. Пилулите не се врвното средство за контрацепција. Човек мора да биде навремено информиран за контраиндикациите од одредена терапија. Колку само често слушав дека овие таблети немааат големо влијание врз телото. Но напротив, имаат! Пилулите во основа го пореметуваат циклусот. Во меѓувреме мислам дека нивното влијание врз хормоналниот баланс е многу опасно!"