1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дерала: Во Македонија има масовна дискриминација

Свето Тоевски10 декември 2013

Џабир Дерала, раководителот на невладината оранизација „Цивил“, по повод 10-ти декември, Меѓународниот ден на човековите права, во интервју за Дојче веле говори за ситуацијата со човековите права и слободи во Македонија

https://p.dw.com/p/1AVyJ
Фотографија: Xhabir Memedi Deralla

ДВ: Каква е состојбата на планот на човековите права во Македонија?

Дерала: Оценката за состојбата на човековите права и слободи во Македонија е лоша. Невладината организација „Цивил“ изготви извештај со согледувања за за ситуацијата во сите делови во земјата, каде што се забележуваат безмалку сите видови кршења на човековите права. Дополнително загрижува тоа што човековите права и слободи се загрозени токму од институциите. Дискриминацијата е масовна. Се работи за системско и систематско ускратување низа човекови права, манифестирани преку различни облици на дискриминација на дневна основа.

ДВ: Врз основа на што ги темелите тврдењата дека „дискриминацијата и кршењето на човековите права и слободи во Македонија се широко распространети“?

Дерала: Нашите констатации и оценки секогаш произлегуваат од нашата работа на терен, во директна комуникација со граѓаните, „Цивил“ има свои организациски и работни тела, како и проектни тимови и соработници дословно во сите краишта на Македонија. „Цивил“ има одлична соработка со извесен број навистина релевантни и посветени невладини организации, чија работа посебно ја ценам, а нивните искуства и информации ги сметаме за драгоцен извор на информации. Не помалку важна е нашата комуникација со луѓето. Нашата организација ја има довербата на многу луѓе во целата земја. Нивните директни јавувања и дописи се драгоцен извор на информации. Сето тоа се важни елементи во составувањето слика за состојбите кои ги следиме.

ДВ: Во кои области постојат нарушувања на човековите права и слободи, такви „омасовени дискриминаторски практики“?

Дерала: Повредата на социјалните права на граѓаните е секојдневна и масовна. Правата на работниците практично не постојат. Во оваа сфера постојат бројни пријави на ускратување или ограничување на социјалните права на многу лица. Многумина во земјава се соочени со ускратување, или намалување на социјалната помош. Луѓе со сериозни здравствени проблеми, или инвалидитет стекнат на работното место, се фрлени во беда и немаштија, без никаква заштита и финансиска помош. Постојат низа случаи, во кои би било сосема нормално овие луѓе да добијат големи суми на отштета и доживотна поддршка, но наместо тоа, тие се дополнително казнети за својата трагедија. Постојат податоци за повреда на правото на образование, особено кај социјално загрозените категории или лица со посебни потреби.

ДВ: Имате ли можеби сознанија за слични случаи и во здравството?

Дерала: Правото на здравствена заштита е загрозено по низа основи, почнувајќи од дискриминаторски практики на ниво на комуникација пациенти - здравствени работници, завршувајќи со политиките и практиките на Министерството за здравство и Фондот за здравство, кои во голем број случаи го ограничуваат, или го ускратуваат правото на лекување на различни категории болни, како и по основа на социјален статус, етничка припадност, политичка афилијација итн. Регистрирани се и неколку позитивни примери, кои само потврдуваат дека состојбите можат да бидат подобри, без оглед на тоа во какви услови работат здравствените установи.

Mazedonien - Proteste in Skopje
Протести против загадувањето во СкопјеФотографија: MIA

ДВ: Што е со слободата на говорот, како едно од основните човекови права? Од која причина е тој во „слободен пад“, како што тврдите во својот извештај, кој го споменувате?

Дерала: Слободата на говорот е во „слободен пад“. Покрај очигледните примери за кршење на правото на слободата на говорот, забележлив е сé поизразениот страв кај општата популација да го искаже сопственото мислење. Соработниците на проектот, активистите и членовите на нашите работни групи за човекови права, солидарност и толеранција, без исклучок, јавуваат за широко распространет страв да се критикува, или да се коментира за Владата, или за нејзини функционери, односно, за партиите на власт на локално, или централно ниво.

ДВ: Кога се говори за слободата на говорот, тука е неодбежно и прашањето: каква е ситуацијата и во информативните медиуми?

Дерала: Слободата на медиумите е посебен проблем, за кој континуирано алармираме. Македонија е земја на политички затвореници, меѓу кои се наоѓаат и двајца новинари. Но, во Македонија има и многу повеќе затвореници во преносна смисла на зборот. Новинарите и уредниците не се осмелуваат да пишуваат и известуваат слободно и објективно. Ако власта директно и физички затвори една национална телевизија и три дневни весници пред нешто повеќе од две години, секако, таа бројка е многу повисока. Всушност, оттогаш власта затвори многу повеќе медиуми преку притисоци, закани и своевидна корупција, преку владините кампањи и други облици на плаќање на „послушните“ медиуми.

ДВ: Како котира РМ во поглед на респектирањето на човековите права, споредено со европските стандарди?

Дерала: Европските стандарди за почитување на човековите права и слободи во Македонија се практично непознаница. Тоа се гледа дури и во најдипломатски напишаните извештаи на релевантни институции, кои се занимаваат со оваа голема тема. Некои се помалку, некои повеќе обвиткани во дипломатските „обланди“, но секако кажуваат едно: Македонија не е на добар пат, а на тој и таков пат граѓаните се третирани под стандардите, кои се пропишани на меѓународно и на локално ниво.

Proteste der Journalisten 23.10.2013 in Skopje
Протести на новинарите во МакедонијаФотографија: DW/P. Stojanovski

ДВ: За денес во Скопје во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права организирате поетска и мултимедијална претстава со симболичен наслов „Проговори !“ Ова ви е и проект – иницијатива со ист наслов. Каква порака упатувате со овие манифестации?

Дерала: Проектот „Проговори!“ го спроведуваат уметници, кои ја согледуваат својата улога во општеството како активни чинители и бранители на човековите права и слободи, а не како безрбетни службеници на власта. „Стихови на слободата“ е сегмент на проектот во кој поети, сликари, музичари, ди-џеи и други креативци заедно настапуваат на поетски и мултимедијални перформанси со ангажирана содржина. Во проектот, финансиран од Министерството за надворешни работи на Германија, досега веќе се одржаа повеќе навистина добро посетени мултимедијални настани, вклучувајќи пет големи изложби на визуелни дела од четири автори од Македонија и еден од Германија. Во подготовка се и публикација и документарен филм, кои говорат за улогата на уметникот во општеството во одбрана на човековите права и слободи и јакнење на солидарноста меѓу луѓето.

ДВ: Дали македонските граѓани се борат самите доволно за своите права и слободи?

Дерала: Не, напротив, политичката култура на граѓаните во Македонија изобилува со вредности, кои се далеку поназад од времето во кое живее демократскиот свет. Граѓанската свест е на многу ниско ниво, но граѓанскиот активизам е практично невидлив и поради широко распространетиот страв меѓу луѓето.

ДВ: Дали се судираат со одредени проблеми невладините организации, па и „Цивил“, на планот на промоцијата и заштитата на човековите права и слободи во земјата?

Дерала. Проблемите се бројни, почнувајќи од постојаната неизвесност на финансиски план. Но, уште поголеми се проблемите, кои произлегуваат од различните видови притисоци на кои сме постојано изложени, од суптилни административно-политички, до директни закани од страна на гласноговорници што работат во провладините медиуми и кои не штедат на вулгарности и грубости во своите напади на активистите за човекови права. Забележани се и голем број случаи на притисоци и закани врз активисти на граѓанското општество, особено оние кои се занимаваат со човекови права и слободи.