1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици жртви во заложничка драма во црква

1 ноември 2010

Најмалку 50 лица, меѓу кои членови на безбедносните сили и христијански верници загинаа во обид на американските и ирачките сили да ги ослободат заложниците во христијанска црква во Багдад.

https://p.dw.com/p/PvI8
Црква во Багдад, фотографија од архиваФотографија: AP

Меѓу загинатите се и пет жени, седум деца и двајца свештеници, потврди ирачката полиција. Уште најмалку 56 луѓе се повредени во обидот на безбедносните сили да и стават крај на заложничката драма. Петмина од напаѓачите биле убиени, а осуммина се уапсени, соопшти полицијата.

Нападот бил извршен за време на неделната вечерна миса кога во катедралата се наоѓале повеќе од 100 верници. Сведоците на настанот изјавија дека веднаш по упадот во црквата, еден од напаѓачите застрелал еден од свештениците.

„Влегоа облечени во воени униформи. Кога стигнаа до главната сала веднаш го застрелаа свештеникот“, изјави еден од очевидците.

Irak Kirche in Bagdad Messe
Фотографија: AP

Најмалку еден од напаѓачите се разнел со експлозив веднаш откако полицијата се обидела да влезе во црквата. Багдадскиот бискуп Шлимуне Вардуни тврди дека напаѓачите барале ослободување на затвореници во Ирак и Багдад.

Ал Каеда во офанзива

Според информациите, одговорноста за нападот ја презел локалниот огранок на Ал Каеда, Исламска држава Ирак, која соопшти дека нејзините борци ги нападнале христијаните, а исто така и дале и рок од 48 часа на христијанската Коптска црква во Египет да ослободи муслиманска жена која била во манастир во таа земја.

„Група муџахедини кои го поддржуваат Алах нападна една од валканите дупки на идолатрија која отсекогаш беше користена од Христијаните во Ирак како штаб за напади врз Исламот и врз оние кои го поддржуваат“, соопштија напаѓачите.

Katholische Kirche in Bagdad
Христијаните на мета на исламистите во ИракФотографија: AP

Познавачите на состојбите велат дека џихадистите и медиумите кои ја поддржуваат Ал Каеда извесен период воделе кампања против Коптската црква во Египет по наводите дека во неа биле затворени две жени. Првата, жена на свештеник која наводно преминала во ислам, и втората која сакала тоа да го стори. Обете, тврдат радикалните муслимански медиуми, биле затворени во манастир.

Околу 800 илјади христијани живееја во Ирак до 2003 година, но нивниот број сега изнесува едвај 50-ина илјади, откако поголемиот дел ја напуштија земјата поради насилството. Во изминатите години стотици луѓе и десетици цркви беа цел на напади.

Автор: БГ/АТ/афп

Редактор: Жана Ацеска