1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десетици илјади луѓе протестираа против новиот устав во Унгарија

3 јануари 2012

Во Будимпешта десетици илјади луѓе протестираа против новиот устав кој стапи во сила на први јануари. Во центарот на критиките - конзервативната влада на премиерот Виктор Орбан.

https://p.dw.com/p/13d6I
Протести во БудимпештаФотографија: REUTERS

Свечена облека и чардаш во операта во Будимпешта - владата на Виктор Орбан се слави себеси и новиот устав. Уставот е во сила од почетокот на годината, на негодување на десетици илјади луѓе кои пред операта демонстрираа гласно, но мирно.

Многу демонстранти во рацете имаа огромни Стоп-знаци на кои стоеше „Доста ни‘ е“ и бараа оставка на владата. „За најкратко можно време донесоа толку многу закони што влијаат и врз мојот живот, а имам чувство дека сме сосема ограничени“, вели еден од демонстрантите.

Демонстрации под мотото „Повторно ќе има Република“

Ова беше еден од најголемите протестни собири против Орбан и неговата десно-национална партија Фидес од одржувањето на парламентарните избори пред година и половина. Оттогаш владата систематски ги менува правните основи на државата. Новиот устав недвосмислено ја поместува тежината на власта во полза на премиерот и воочливо ги нагласува историските корени на унгарскиот дух и традиција. Критичарите стравуваат од уривање на демократијата. Според медиумите, се очекува значително да бидат скратени овластувањата на судството и работењето на опозицијата.

„Ова ќе биде долг процес, но се надевам дека еден ден, не само кај нас, туку и во странство, на пример во Брисел, ќе се согледа дека вака не оди“, нагласува еден од демонстрантите во Будимпешта.

Ungarn Budapest Proteste gegen neue Verfassung
Протести во БудимпештаФотографија: REUTERS

„Сакаме да демонстрираме и да и‘ покажеме на Европа и на цел свет дека Унгарија не е само владата на Виктор Орбан, туку дека Унагрија е и либерална земја и во нејзе живеат и дoбори луѓе. Тоа е важно да се покаже“, вели друг.

Демонстрациите се одржаа под мотото „Повторно ќе има Република“. Во новиот устав, имено, зборот Република е избришан од името на државата и наместо „Република Унгарија“, таа сега се вика едноставно „Унгарија“. На протести повикаа повеќе граѓански организации и опозициони партии. Критики на сметка на Орбан и неговата влада доаѓа и од странство. Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо, Европската централна банка и американската министерска за надворешни работи Хилари Клинтон отворено го критикуваа курсот на Орбан.

Автор: Јерг Пас/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска