1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десницата ги прегрна левичарските политики

25 јуни 2021

Денес клучниот критериум е дали една партија е навистина демократска и прогресивна, подалеку од криминалот и партизацијата, отколку дали е лева или десна партија. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/3vWqG
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Европските традиционални партии, силно врзани за локалната територија, со долга историја позади себе, покажаа дека се уште се живи и го одбија ударот и подемот на популистичките партии. Резултатите од последните регионални избори во Франција, каде Републиканците и Социјалистите кои беа блиску до исчезнување на претходните избори, а сега изгледаат како победници, ја потврдуваат новата тенденција во срцето на Европа.

И покрај брановите популизам кои веќе неколку години се удираат од плеќите на Стариот континент, и покрај најекстремните партии како Националниот совет на Марин Ле Пен, Вокс во Шпанија, АДФ во Германија или Лигата на Салвини во Италија, тие се почесто губат на терен. Таква е тенденцијата и во Франција и во Германија и во Шпанија.

За волја на вистината, во Франција поразени не се само популистичките опции, туку и партијата на актуелниот претседател Макрон. Од Националниот совет на Марин Ле Пен се надеваа да извојуваат победа во шест од 13 региони, но сега пред вториот круг во недела ризикуваат да останат со победа во само еден, а можеби и ниеден регион на Франција. Сепак, лошите вести се резервирани пред се за Макрон и за неговата „Република во движење“, додека воскреснувањето на голистите, односно Републиканците на екс-претседателот Никола Саркози, како да го навестува поразот на Макрон на претседателските избори идната пролет.

-претходни колумни од авторот: Бајден и Путин - успешна мисија

Францускиот случај не е уникатен, напротив. Во Германија, Партијата на Меркел – ЦДУ, под водство на новиот шеф на партијата Армин Лашет, забележа убедлива победа на изборите во Саксонија-Анхалт. ЦДУ која инаку не ги ужива најдобрите моменти во својата историја освои меѓу 35 и 36 проценти од гласовите, запирајќи ја антиимиграциската Алтернатива за Германија која остана на само 22 проценти. Победата не ги решава сите проблеми на ЦДУ, но ја потврдува тенденцијата: не е доволен популизмот за традиционалните партии да се испратат во историјата. Германските федерални избори ќе го дадат дефинитивниот суд за состојбите во ЦДУ-ЦСУ и ќе потврдат дали оваа тенденција е трајна или само моментална.

Но, тенденцијата се потврдува и во Шпанија. Во 2019 година на парламентарните избори, традиционалната левичарска опција – Социјалистичката партија, победи на изборите. Премиерот Педро Санчез беше приморан да формира коалициона влада со Подемос, додека традиционалната десничарска Народна партија, освои само 66 пратенички места. Изненадувањето на тие избори беше влезот во Парламентот на екстремно десничарската партија Вокс. Само година и пол подоцна Народната партија се реваншираше. На изборите во Мадрид на почетокот на мај месец, изненадија освојувајќи 45 проценти од гласовите, на чекор од апсолутно мнозинство.

Овие резултати, повеќе од само една европска тенденција, потврдуваат и една меѓународна еволуција која се повеќе се кристализира пред нашите очи.

-претходни колумни од авторот: „Кинескиот вирус“ и американската „вистина“

Популистот Доналд Трамп изгуби и ја препушти претседателската функција на човек кој денес води кејнесијански економски политики преку јавни инвестиции и зголемување на даноци. Една крајно хетерогена коалиција во Израел успеа после 12 години да го симне од власт популистот Бенјамин Нетанјаху.

Некогаш сецесионистичката, а денес популистичка Лига на Салвини, со цел политички да преживее, мораше да стане дел од италијанската Влада за национален спас која се повеќе ја потврдува блискоста и припадноста на Италија кон ЕУ. Полските национал-популистички конзервативци полека ја губат власта и веќе се во ситуација каде не веруваат дека би добиле уште еден мандат на изборите во 2023 година. Лошото дете на Европа – Виктор Орбан, кој деновиве повторно доби публицитет, но и прекор од ЕУ за своите анти-ЛГБТИ закони, кога денес би распишал избори, речиси со сигурност би ги изгубил. Изборите се предвидени за идната година, а опаѓачкиот тренд на партијата на Орбан делува како незапирлив. Ердоган веќе ги изгуби сите поголеми турски градови и заедно со последиците од големата економска криза која веќе со години ја разјадува Турција, делува дека се приближува кон крајот на својата политичка доминација. Позицијата на Болсонаро во Бразил е се полоша и после ослободувањето на Лула од затвор и неговото неминовно политичко кандидирање, делува дека деновите се избројани и за бразилскиот популист. Истото важи и за индискиот премиер Моди и неговата хиндуистчко-националистичка партија.

-претходни колумни од авторот:  Лукашенко – уште еден силеџија пред портите на Европа

Со други зборови, популистите насекаде низ светот и низ Европа го губат чекорот, но за сметка на нивниот пад, сведоци сме на подемот на десницата. Секако дека огромен придонес за оваа трансфомација лежи во последиците од пандемијата, поради која токму популистичките опции, сфатени како нереални, брзоплети и разделувачки, сега ја плаќаат цената пред електоратот. Но, сведоци сме на уште еден многу важен феномен, додека десницата се повеќе се враќа во мода, решенијата во политиката и економијата се оние на левицата.

Да се говори за кризата на левицата и левичарскиот интелектуализам веќе одамна е анахроно и безпредметно. Едноставно, како ретко кога сме сведоци дека темите и стравовите, културата и носталгијата промовирани од десницата добиваат се повеќе на сила и стануваат доминантни. Кејнс повторно е главен на сцената и освојува предност пред Адам Смит, но парадоксот и иронијата лежат во фактот дека токму во моментот кога инспираторот на социјалдемократијата и социјалната економија дефинитивно ги закопува неоконзервативните рецептури на Маргарет Тачер и Роналд Реган, левицата исчезнува како интелектуална и политичка сила и им ја препушта сцената на десничарите.

Денес новата левица се Зелените партии, но тие, освен можеби во Германија, се далеку од способноста и можноста да се борат за културната и интелектуална доминација во општеството, камоли да се наметнат како валидна политичка опција која би имала капацитет да формира Влада. Интелектуалците, кои до вчера беа левичари, денес се почесто стануваат десничари или можеме да кажеме, дека десничарските крила на левите партии денеска се се посилни од левичарските крила на десничарските партии. Така, идеите за прогрес, универзализам, социјална правда, толеранција и еднакви можности, потклекнаа пред новиот подем на конзервативизмот и денес се осудени во својата маргиналност да бидат застапувани од невладините, од младите и од граѓанските активисти.

Крахот на левицата настапи со светскиот успех на реганизмот и тачеризмот и нивниот социјален и фискален дампинг и регрес. На западната левица не и остана друго освен да бара утеха во фалшливиот Трет пат на Блер, Клинтон и Шредер. Така уште од почетокот на 90-тите, левицата се откажа од спротивставувањето против економските догми на неоконзервативизмот. На тој начин, политичките елити на левицата, кои порано можеа да се пофалат со некаква политичка или интелектуална искреност и независност од големиот бизнис, станаа подеднакво корумпирани како и десничарските елити. Левицата се претвори во партија на урбаната средна класа, стана либерална, ја напушти својата работничка електорална база и им ја препушти на десничарите или уште полошо, на екстремната десница која ги освои „плавите крагњи“ со своите стравови од глобализацијата, деиндустријализацијата и мигрантите дојдени да им ја украдат работата.

-претходни колумни од авторот: Израел и Хамас си се потребни еден на друг

Така дојдовме до тоа и овој нов милениум, овој нов век, да се претвори во век на конзервативизмот, бидејќи се поголем дел од луѓето се уплашени од промените и бараат враќање на границите, на старите работни места, на големите индустрии, се потхрануваат со стравот од странецот и различното, од технолошките и културните новини, масовно препуштајќи се на десничарскиот конзервативизам и национализам.

Така и се создаде овој чуден меланж каде десничарите доминираат водејќи левичарски економски политики. Феноменот не е нов, но денеска е општопотврден. Се сеќаваме дека и ВМРО додека беа на власт имаа доста левичарски потези како на пример зголемување на плати и пензии, евтино образование и здравство, потези кои се сметаат за карактеристични за левицата.

Како што отфрлањето на левичарските економски политики и одбивањето на оданочувањето беа предуслов за конзервативната и неоконзервативната револуција, така денес, пред се поради пандемијата и неопходноста да се инвестира во иновативни политики, во центарот на вниманието е државната интервенција. Оттука, живееме во времиња кои не се левичарски, туку што поради кризата од пандемијата, што поради самите циклични економски кризи, денес далеку е поголема потребата од државата, од поголеми фискални приходи, од поголема социјална кохезија која би ја намалила нееднаквоста, а со тоа и од враќање на јавната моќ, јавните инвестиции и државниот интервенизам. Парадоксот е што денес речиси насекаде низ светот овие политики ги водат десничарите. Како што реков, таа промена почна пред речиси една деценија, за денес, благодарение и на хаосот кој настана со пандемијата, да се афирмира како нормална и општоприфатена состојба.

Како што левицата пред 30 години премина во десница, така и десницата денес преминува во левица. Со таа разлика што, додека левицата во процесот на транзиција ја изгуби својата интелектуална и илуминистичка мисија, десницата се поупорно ја задржува својата конзервативна и националистичка идеологија.

Идејата дека во иднина ќе имаме некаков вид на алтернација помеѓу десницата и левицата веќе е надмината и застарена работа и тука повеќе нема враќање назад. Да се разбереме, разликите помеѓу тоа што е десницата, а што левицата, постојат и ден денес, тие се културни, политички, филозофски и антрополошки, и се состојат од две речиси дијаметрално различни сфаќања на светот. Тоа што се помалку постои е како тие различни идеи политички се интерпретираат и претвораат во функционални политики. Едноставно, особено на страната на левицата, денес недостасуваат чинителите кои се подготвени да се жртвуваат за левите идеи, принципи и вредности, без притоа да деклинираат кон десничарските логики и погледи на светот.

Денес клучниот критериум е дали една партија е навистина демократска и прогресивна, подалеку од криминалот и партизацијата, отколку дали е лева или десна партија. Тоа што е сигурно е дека во политиката денес владее општ хаос и таквата политичка конфузија нема наскоро да заврши.