1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дефинитивно е закопана идејата за испраќање сили на ОН во појасот на Газа

22 јуни 2007

Дводневните консултации во Советот за безбедност на ОН, посветени на состојбата на Блискиот исток. Не донесоа ни решение за подобрување на хуманитарната ситуација во појасот на Газа

https://p.dw.com/p/AzIJ
Критична состојба со храна и гориво во ГазаФотографија: AP

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун прво ја уфрли во игра идејата за упатување сини шлемови во појасот на Газа: “Тоа е идеја што би морале да ја сондираме. Како увод во тоа неодамна разменив мислења со членовите на Советот за безбедност”.

Но, со тоа ги налути водечките западни дипломати, кои ова го сметаа за наивно и за недоговорено истрчување, па портпарол на Бан целата работа ја објасни како надоразбирање.

Идејата, инаку, првобитно потекнува од претседателот на Палестинците Махмуд Абас, а наводно не и’ се противел ни израелскиот премиер Ехуд Олмерт. Таа на оваа седница дефинитивно е дипломатски закопана - нема нова авантура по ангажманот во Либан.

Мајкл Вилијамс, специјален координатор на ОН за мировниот процес, по консултациите на Советот за безбедност рече: "Го поздравувам сево ова како индикатор дека долгорочно решението за блискоисточниот конфликт мора да се интернационализира. Но, на краток рок гледам само минимални шанси за упатување такви трупи”. Советот, отфрлајќи ја оваа идеја, укажа на политичките напори на блискоисточниот квартет.

Советот искажа загриженост поради состојбата на еден ипол милион луѓе во појасот на Газа. Откако радикално-исламистичкото движење Хамас таму ја освои власта, Израел ги затвори сите граници. Тоа е повод за апелот на Вилијамс: “Апелирам до сите да не дозволат елементарните хуманитарни прашања да бидат ставени во сенка на политичките калкулации. Луѓето во Газа не смеат да останат изолирани. Сега се потребни конкретни решенија”.

Координаторот на помошта на ОН Дејвид Ширер смета дека досегашните испораки што ги дозволи Израел, се апсолутно недоволни. “Сегашната ситуација е екстремно сериозна, оти границата е затворена. На луѓето во Газа им се потребни 450 тони брашно дневно”.Сега не стигнува ни грам во подрачјето кое ионака беше недоволно снабдено. Приватните и залихите на хуманитарните организации се доволни само за уште една до две недели. Свежи продукти веќе сега воопшто нема.

Преку својот портпарол, генералниот секретар на ОН Бан предупреди на натамошна ескалација на хуманитарната ситуација, а самиот побара: “Молам за доверба во иднината на блискоисточниот квартет”.

Рајнер Зитфелд