1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децата боледуваат како пензионери

30 јануари 2012

Хроничните болки се нешто што обично се поврзува со лицата во постара возраст. Но, една студија покажува дека се‘ повеќе деца и млади страдаат од болки предизвикани од стрес. Најчести пациенти се учениците во гимназија.

https://p.dw.com/p/13t1S
Младите и децата под се‘ поголем стресФотографија: fotolia/Mikael Damkier

Болки во стомакот, главата, грбот - за се‘ повеќе млади и деца во Германија хроничните болки стануваат секојдневие.

„Последниве години ни‘ доаѓа зголемен број деца на кои хроничните болки на пресуден начин им влијаат врз животот и секојдневието“, вели лекарот Борис Зерников. Бројот деца со хронични болки е пораснат до таа мерка што во западногерманскиот Дателн е отворена клиника специјализирана за истражувања и терапија на болки кај децата и младите.

Стресот како причина за болките

Во Германија се регистрирани околу 350 илјади млади и деца со трајни болки,  а бројот е во постојан пораст.

„Лекуваме многу пациенти со класични тегоби како реума или болки во грбот, но во последно време расте бројот млади до психосоматски заболувања“, вели шефот на клиниката во Дателн, Борис Зерников.

Kind Stress Ärger Verzweiflung Symbolbild
Болки како кај постаритеФотографија: Fotolia/Nicole Effinger

Главната причина лекарите ја гледаат во засилениот стрес кај младите.

„Децата во училиштата се изложени на неверојатен стрес“. Тоа посебно се забележува кај гимназијалците“, вели Зерников. Последиците се трајни и ја доведуваат во прашање иднината на засегнатите.

„Моите пациенти веќе не одат во училиште. Ја губат волјата за живот и се повлекуваат во себе“; истакнува лекарот.

Паметните боледуваат почесто

И покрај драматичноста, овој проблем е слабо познат во јавноста. Поради тоа и малку се вложува во овој вид дијагностика и терапија, па има и премалку болници специјализирани за маките на младите пациенти. Секој десетти пациент во клиниките од овој вид доаѓа од места што се многу оддалечени, што со себе носи нови проблеми. Клиниките се освен тоа полни и долго се чека на прегледи. Проблем е и малиот број педијатри специјализирани за оваа област.

Често, наведуваат специјалистите, многу тешко е одредувањето на причината за болките. Но, досегашните искуства носат интересни сознанија:

„Веруваме дека паметните деца се попогодени од хронични болки“, вели Зерников.

Имено, коефициентот на интелигенција на младите пациенти со хронични болки е натпросечен. Тоа сознание сега би требало да помогне за низ истражувањата да се дојде до нови методи на лекување.

Автор: Ненад Крајцер/Ж.Ацеска

Редактор: Е.М.Фиданоска