1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деца во затвор и пред воен суд

11 април 2010

Според израелска организација за заштита на човековите права, повеќе од 300 Палестинци под 18-годишна возраст се наоѓаат во израелските затвори. Борците за човекови права се многу загрижени поради таквата состојба.

https://p.dw.com/p/MqKB
При последните немири се уапсени повеќе малолетни ПалестинциФотографија: AP

18 март во стариот дел од градот Хеброн, во јужниот дел на Западниот Брег. Откако израелската влада соопшти дека гробот на патријарсите, кој е подеднакво почитуван од Евреите и муслиманите, ќе го присвои во израелското национално наследство, во окупираните области со денови без прекин има протести. Стотици демонстранти стојат наспроти израелските безбедносни сили, фрлаат камења, молотови коктели и шишиња, а армијата возвраќа со солзавец и гумени куршуми. Меѓу уапсените се и четири деца од семејството ал Мухтасеб, а еден од нив е 7-годишниот Мухамад: „Не‘ преплашија. Не‘ одведоа. Тоа беше првпат да ме уапсат.“

Протести во источен Ерусалим

Blick auf Ost Jerusalem
Палестинците протестираат против нови израелски населбиФотографија: picture-alliance/ dpa

Во исто време и во источен Ерусалим има немири, на таканаречениот „Суден ден“, кој беше прогласен од Хамас и други палестински организации за да демонстрираат против плановите за проширување на населбите во источниот дел на градот. Во меѓувреме и во логорот за бегалци Суфат може да се видат истите сцени. Стотици, претежно млади Палестинци на улиците водат вистински битки со израелските безбедносни сили. 15-годишниот Мухамед Кајали во својот дом на интернет гледа фотографии од неговото апсење, кои излегле во печатот. Тој само ги набљудувал протестите во Суфат: „Бев сам. Ме фатија одзади додека ги гледав судирите. Сите побегнаа, освен мене.“

При последните немири биле уапсени и затворени повеќе малолетни Палестинци, вели Калед Кузмар од организацијата за заштита на човекови права „Дефенс фор чилдрен интернешнал“. Адвокатот, во неговата канцеларија во Наблус на Западниот Брег, изразува голема загриженост поради растечкиот број затворени палестински деца.

Расте бројот на затворени деца

Gefangenenaustausch zwischen Israel und Hisbollah Soldaten tot pixel Gefangenenaustausch zwischen Israel und Hisbollah - Soldaten tot
Израел не ја почитува конвенцијата за правата на децатаФотографија: picture-alliance/dpa

Во повеќето случаи, по приведувањето, децата се изведуваат пред воен суд. Имено, според израелското воено право палестинските младинци на 16- и 17-годишна возраст се возрасни. Тоа е спротивно на конвенцијата за правата на децата на Обединетите нации, која во членот 1 пропишува дека децата стануваат полнолетни на 18-годишна возраст. „Окупаторските борбени сили во нивното постапување со палестинските деца се повикуваат на воени наредби, кои се издадени со цел да се казни палестинскиот народ, особено децата. Овие мерки се потполно во спротивност со меѓународните прописи, пред се‘ конвенцијата за правата на децата, која е потпишана и прифатена од Израел“, рече Калед Кузмар.

14-годишниот Моад Мусин седи во дневната соба со семејството во Источен Ерусалим, во логорот за бегалци Суфат. Тој поминал 46 дена во израелски затвор, граничната полиција го уапсила во 3 часот по полноќ, одведувајќи го од неговиот кревет: „Не сум ги видел моите пријатели откако ме пуштија од затвор. Дојдоа да ме посетат само еднаш или двапати, но за нив не е добро ако ги видат таму. Ги видов само трипати, ама тоа беше одамна. Дома сум веќе месец, односно два и умирам од досада. Посакувам да можам да излезам надвор и да си играм со моите другари, да играме фудбал или слично. Но тоа е минато, едноставно сум заробен дома.“

Според податоците на израелската организација за човекови права „Б'Тселем, на крајот од февруари годинава во израелските затвори имало 338 палестински деца под 18-годишна возраст, меѓу кои 41 затвореник помлад од 16 години.

Автор: Клеменс Ференкоте / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска