Де-Вестернизација

Девестернизирана од одговорност и десензибилизирана од реалноста, Европа станува „загроза“ за самата себе – и сите нас како потенцијални жртви на нејзиното самозалажување. Колумна на Арсим Зеколи.

Пред неколку месеци, конфидентот на Владимир Владимирович, идеологот на путинизмот и bette noir на руската мисловна класа Владимир Сурков ја објави последната од низата анализи, во кои се осврнува на Русија денес и утре на меѓународната сцена. Написот насловен „Осаменост на мелезите” (28 Мај 2018) дава историографски лежерен и народно вдахновен кроки осврт на искуствата на Русија помеѓу западот и истокот и – според авторот – горкото чувство на неуспехот во приклонување и адаптација кон двете дијаметрално антагонизирани географии на човештвото. Иако духот и словото на написот така познато наликуваат на овдешната „Запад не нѐ сака, Исток не нѐ запишува” теза од ерата на постоколонијалните „движења на неврзаните”, освртот на Сурков е далеку од тоа да биде плачлива елегија за клетата судбина на Русија, како „средовечен ерген осамен на раб на подиумот за танцување”. Напротив, предизвикот на Сурков е повик за „среќна осаменост на предводништвото, на алфа нација пред сите други нации”. Решително подвлекувајќи сумарна линија под вековните искуства кон истокот и западот, Сурков навестува дека „во овие времиња побарувачката ќе биде идеологии од трет вид, за трет-тип цивилизации, за трет свет, за трет Рим”.

Провокативните разглабања на Сурков би биле доволно атрактивни за мисловни фискултури дури и доколку не би имале директен импакт врз политичката извршителност врз домашната и светска политичка сцена. Дотолку повеќе што станува збор за човек кому му се припушува авторството на „суверената демократија” како (првично) идеолошки рбет на путинизмот и (последователно) надграден како глобален борбен извик на антилиберализмот. Впрочем, романсиерскиот истап на Сурков неколку месеци подоцна ќе добие и научно-теориска поткрепа во освртот „Новиот светски поредок: Поглед од Русија“ на еминентните Сергеј Караганов и Дмитри Суслов (Russia in Global Affairs, 4.10.2018). Според нив, „најдраматичниот пресврт (кој ќе следи во 2030-те и 2040-те како неизбежна ротација на елитите во САД и ЕУ) ќе биде крајот на петвековната доминација на Западот – првично Европа, а потоа и САД – во политиката, економијата, идеологијата, како нусефект на губењето на воената супериорност на Западот”.

Дали современиот систем делува?

Случајно или не, во јунското издание на истиот магазин ќе осамне и освртот на Павел Шлуков за „Турскиот Модел во историска перспектива: Од интеграција до де-вестернизација”. Не сосема далеку од ритамот на „полутанството“ на Сурков, авторот ја гради постзападната визија на Турција. Во која „се гради новата митологија како крај на кемалистичкиот секуларизам и воздржана надворешна политика и негова замена со неоконзервативни насоки во кои се комбинира империјалното минато и визијата на Турција како средишна земја во макро-регионот на Афро-Евроазија”.  

Заедничкиот именител на наведените осврти сепак се сведува на новата кованица и бауч на совремието: де-вестернизација (одзападување, кажано нашки) како популистички тренд со кој се надополнува политичката матрица на суверенизмот. Додека концептот на суверена демократија беше замислен како национал-политички концепт за опонирање на економскиот глобализам и политичкиот мултилатерализмот, де-вестернизацијата цели кон давање културолошка и идентитетска смисла на дистанцирање од доминацијата на западните трендови во политичката мисла, култура, творештво и стил на живеење. Агресивната дескрипција на таквиот постзападен свет не случајно ги користи факторите на разочараност од Западот (како оправдување за дистанцирањето) и неговата субституција со реваншистичко алфа-лидерство низ кое се мотивира и куражи презирот и потсмевот кон „емаскулираниот запад”. Но сето тоа не ја побива реалноста дека де-вестернизацијата не е веќе лабораториски конзервирана идеја, туку процес кој допрва ќе се развива низ предвидливи процеси (за неговите креатори) и со непредвидливи последици за наивно приемчивите реципиенти. Впрочем, не случајно Иван Крастев смета дека го смета за загрижувачки трендот на „одбивање на Западот и неговите вредности и институции од страна на земјите кои некогаш сакаат да го имитираат”. Сепак, дали тој тренд е автономно инициран од земјите-имитатори, или пак инспириран, поттикнуван и дифузиран од страна на самите земји кои донеодамна предводеа во ширењето на „либералниот хегемонизам”? Дилемата е оправдана, посебно по неодамнешниот осврт на државниот секретар Мајк Помпео во Брисел и директниот атак на „мултилатералната бирократија”. Во неговото излагање, Помпео без ракавици ќе запраша: „Мултилатерализмот често се опишува како цел сама по себе. Но дали е тоа воопшто точно? Клучното прашање на денешницата е дали системот како што денес е конфигуриран воопшто делува? Дали делува за сите луѓе во светот?” 

На другата страна на светот, во Азија, темата на вестернизацијата и де-вестернизацијата добива и поинакви политички и цивилизациски третмани. Па така, во онлајн изданието на Asia Times се дебатира „што тековниот процес на де-вестернизација ќе подразбира за релативно новата декларација на ООН за ‘човекови права' како секулизирани христијански вредности“. Како навремено предупредување за „растечкиот потенцијал за конфликт помеѓу вестернизираните слоеви во азиските земји и мнозинството образовано и социјализирано во традиционални вредности”.

Други колумни од авторот:
Патриономија и Етнофилија

Про-Западен Анти-Демократски Фило-Путинизам

Де-вестернизација и де-европеизација

Геополитичката распределба на цитираните автори не е воопшто случајна – со распон од Русија, Туција, Азија, до источна Европа и САД, толку различни, а сепак блиски во подвлекување на блискоста на ставовите (или грижите) за трендот на де-вестернизација во подем. Но со мала  дигресија – не станува збор воопшто за де-вестернизација, која, настрана сите поплаки од Русија, Турција, Кина, не е целта сама по себе, колку што е кодно име за вистинскиот тренд – процесот на де-европеизација. Или пак, сведување на влијанието на Европа во нејзините природни реалности. Почнувајќи од нејзината диспропорционална дипломатско-политичка гласност и воено-безбедносна анемичност, па сѐ до преиспитувањето на воспоставените дипломатски конвенции низ кои Европа „обича“ да го диктира врз другите тоа што не го применува по дома. Примерот со глаголивоста на Европа за скандалот Кашоги (на турска територија) и „ќутологијата“ за случајот Груевски (на сопствен терен) е само јавно попознатата илустрација за двојните стандарди на Брисел низ кои самата Европа спадната на „величини” како Хан, Могерини, Јункер, Коцијанчиќ, Туск се де-Вестернизира до непрепознатливост, презир и потсмев. 

Де-европеизацијата на меѓународната политика доаѓа како од никого посакуван, туку наметнат исход на колапсот на т. н. дипломатија на мека моќ, на разрешување конфликти преку дијалог и соработка, на демонстрирање европски вредности и стандарди, искуства од образованието, културата, науката, социологијата и.т.н. Разјадена одвнатре со подемот на суверената демократија на национализмот, еуфоријата на брутална експлоатација под плаштот на „европски искуства”, импонирањето на национални и шовинистички интереси под превезот на „исполнување европски стандарди” неминовно резултира со  - првично – сомнеж во искрените намери, а потоа и со гневно отфрлање на севкупниот acquis во кој силата ја има истиснато правичноста и добронамерноста. Широкоградото прифаќање на европскиот трејдмарк како можност и скица за прогрес, реформа и модернизација сѐ повеќе завршува во желба за вртење грб кон колонијалната култура на арогантно наметнување комплекси и исмевање на оние кои од Брисел очекуваа симпатија и разбирање, а сѐ повеќе добиваат условувања за понижување, емаскулизација, комплексирање и постетување дека не се достојни да бидат - Европејци. 

Немаме трпение за игри

Некогаш инхерентно најсилната и надворешно најпопуларна алатка на вестернизацијата, денешната разединета, арогантна и самобендисана Европа стана најслабата алка на западниот корпус и Ахилова пета, во која „источните ветувања” ги забиваат сопствените отровни стрели. Изгубена во неспособноста да одговори на предизвикот на сопствената митологија, принудена на кусогледи ѓаволови пакти со новите автократи во кои бара спас за нејзината стар-дамска неатрактивност, Европа самата стана предводник во исцицување на квалитатвната суштина на Западот, сведувајќи се себеси на квантитативна статистичка глобална формулација на принципот „сарма”. Бриселската вестернизација е оксиморон, кој веќе не се преведува по автоматизам во модернизација, реформа, соработка, владеење на правото и.т.н. Европа, вели Тимоти Гартон Еш, стана „жртва на сопствениот мит за успешност”. Девестернизирана од одговорност и десензибилизирана од реалноста, Европа станува „загроза“ за самата себе – и сите нас како потенцијални жртви на нејзиното самозалажување.

Теми

Кога претставниците на таа Европа, доскорешните срдечни бранители на Европската унија ќе почнат (како што неделава веќе се случи) да ги советуваат државите да комуницираат со земјите членки и ја избегнуваат Евроуниската бирократија на „статистички успешни реформи” и шарлатански манипулатори со „хлад и 3-8-9” – тогаш вината веќе не треба да се бара во вашингтонската заситеност со мултилатерализмот. Ниту пак во Путиновите сништа за „трети царства”, кинеските „свилени појаси и патишта”, Реџеп-таиповите „а ла турка отомани”. Последен час е на Брисел да му се укаже дека немаме веќе трпение за игри со нашето достоинство, разум и интелигенција. Не поради гордоста наша непостоечка, туку како обврска за зачувување и спас на нашата прозападна ориентација.