1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Диктаторски поглед на британските нереди

11 август 2011

Ахмадинеџад бара од Камерон да го слушне „гласот на народот“, Либија оценува дека „Камерон го загубил легитимитетот“, а од Дамаск ја обвинуваат меѓународната заедница за „хипокризија“

https://p.dw.com/p/12F1d
Фотографија: dapd

Режимите во Сирија, Иран и Либија ги дочекаа своите „пет минути“ по нередите кои деновиве зафатија повеќе градови во Велика Британија.

Дел преку државните телевизии, но и директно преку највисоките државни претставници, Техеран, Дамаск и Триполи ја осудуваат британската влада, поради насилството и нередите и притоа бараат повеќе права за тамошните граѓани. Режимите кои константно и со години се обвинети за прекршување на правата на своите граѓани, сега се обидуваат да го „вратат ударот“ со иронични, и на моменти, комични забелешки.

Либиската државна телевизија, на пример, јави дека британскиот премиер Дејвид Камерон користел „ирски и шкотски платеници“ за да ги растури протестите во неговата земја.

„Британските бунтовници се судираат во Ливерпул со бригадите и платениците на Камерон од Шкотска и од Ирска“, јави либиската државна телевизија во утринската програма.

Речникот кој го користи либиската телевизија во многу наликува на оној кој НАТО сојузниците го употребуваа за да ги оправдаат нападите врз Либија и режимот на Моамар Гадафи. Притоа „забелешките“ на сметка на Камерон за користењето на „платеници“ во пресметката со бунтовниците се практична копија на речникот на западните сојузници, наведува агенцијата Ројтерс.

Во средата, и либиската Влада користеше слични формулации. „Камерон го загуби легитимитетот и мора да си оди“, соопштија лојалистите на Гадафи во Триполи, како контрапункт на формулацијата која за неговото 41-годишно владеење ја користат Лондон и Вашингтон.

Во Лондон може, во Дамаск не може

Libyen / Gaddafi / Tripolis
Гадафи бара од Камерон „да си оди“Фотографија: AP

Во сличен тон, во ОН вчера аргументирал и сирискиот амбасадор Башар Џафари, што предизвикало остри реакции од британските претставници во светската организација. Тој имено, ги спореди демонстрациите во неговата земја, со нередите во Британија. Џафари го оцени како „хипокризија“ и „ароганција“ ставот на западните земји кои го прифатиле описот на британскиот премиер Дејвид Камерон на протестантите во неговата земја како членови на „банди“, а не ја прифаќаат истата терминологија и во неговата земја.

„Тие не ни дозволуваат да ја користиме истата терминологија и за вооружените групи и терористите во мојата земја. Ова е хипокризија“, тврдеше Џафари.

Британскиот заменик-амбасадор во ОН, Филип Пархам жестоко се бранеше од ваквите обвинувања.

„Во Обединетото Кралство, имаме ситуација во која владата презема одмерени, пропорционални и легални чекори за да го обезбеди владеењето на правото за сите граѓани. Во Сирија, имаме ситуација во која илјадници невооружени цивили се напаѓаат и убиваат. Споредбата на сирискиот амбасадор е смешна“.

Ахмадинеџад бара „слободи“ за Британците

Во протестите во Британија, своја шанса виде и иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад.

Iran Krawall Proteste
Протестите во Техеран во 2009.Фотографија: AP

„Овој дивјачки третман на луѓето е неприфатлив. Британскиот државник мора да го слушне гласот на народот и да му ги даде бараните слободи“, оцени Ахмадинеџад. Според него, британската јавност го „загубила трпението и станала фрустрирана“, и затоа владата треба да застане на нивна страна и да го смени „управувањето“.

Во јасна алузија на западната осуда на растурањето на про-демократските демонстрации во Техеран во 2009-та, Ахмадинеџад отиде и чекор понатаму, па побара и реакција од Советот за безбедност на ОН.

„Подготвена е сцената за да се провери дали Советот за безбедност е подготвен да осуди една од своите постојани земји-членки“, констатира иранскиот претседател Ахмадинеџад.

Автор: Борис Георгиевски/ афп/ ројтерс

Редактор: Александра Трајковска