1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дилемите на ВМРО-ДПМНЕ

Гордан Георгиев
21 мај 2019

Денес ВМРО-ДПМНЕ е повторно на крстопат, можеби најважниот од своето постоење. Денес на сите разбрани луѓе им е јасно дека лудата ролекостер националистичка забава заврши. Колумна на Гордан Георгиев.

https://p.dw.com/p/3IpKy
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Јунаштво е кога се бранам себе од другите, а чојство е кога другите ги бранам од себе. Јунаштвото никогаш не им недостасувало, но чојството кај нив било ретка монета. Уште на почетокот на 90-ите, кога јуначки ја најавија новата нација, чисто македонска, само за нас а другите ќе почекаат, сите останавме вџашени.

Одгледувани под стаклениците на титоизмот и „великосрбијанството“, задоволни и скромни од рамноправноста на Македончето со другите поголеми и постари братучеди, не ни беше јасно дека толку брзо, по само педесетина години, некои таму „кои не ги знаеме" најавуваат суверена, самостојна и независна држава, со нација вгнездена во неа. Па уште и македонски пари, македонска фудбалска репрезентација...

Јуначката најава за нацијата, несмасно артикулирана и полна со романтичарски набој, не бевме подготвени да ја дигестираме. Кога бившите комунисти и југоносталгичари се снебиваа (заради носталгија, страв од новото, или пак заради удбашките врски), довчерашните отпадници сесрдно и „оберучке“ ја прегрнаа нацијата. И тука веднаш почнаа нивните дилеми.

Јунаштвото се судри во ѕидот на реалитетот. Како ќе комуницираме со Другиот кој живее тука кај нас, но и насекаде околу нас? Како ќе го одржиме конгресот во Солун, кога немаме пари ни за гиро? Како да го одиграме „второто полувреме“ кога во првото изгубивме 3:0 службен резултат? Како да ја одржиме чистотата под ноктите, кога дланките ни се калливи?

Што ни покажа ВМРО-ДПМНЕ?

Не, ВМРО-ДПМНЕ не успеа да отиде отаде јунаштвото и чојски да ги одбрани другите од себе. Тоа не можеме да им го простиме. Таа кусогледост, заслепеност, аконтекстуалност, па дури и национална алчност скапо нѐ чинеше во 2001-ва година, подоцна ни го донесе Лудиот крал Лудвиг кој списка сѐ што ни се чинеше вредно, и до темел ја расклати нацијата на 27-ми април. ВМРО-ДПМНЕ, преку своите дела и изгорените прсти на меѓуетничката рингла, индиректно ни покажа и колку е опасно да си играш со меѓуетничките односи. И за тоа сите сме им благодарни.

Дали сум објективен, постојано се прашувам?!?

Мисијата на ВМРО-ДПМНЕ, градена и надградувана од историскиот происход на Организацијата, е создавање и одржување на македонска нација. Нација која ненужно е врамена во држава, туку нација која поточно би се простирала низ Балканите и на која постојано ѝ се одзема(ше) правото да се нарекува така. Затоа и Вардарска Македонија е тесна да ги собере сите Македонци, па уште и Другите во неа. Оваа „тесност“ постојано му прави проблеми на ВМРО-ДПМНЕ и го става во невозможни идеолошко-практични дилеми. Политичките резултати од овие дилеми обично се покажаа како катастрофални по здравјето и на „вардарската“ нација и на оние другите, пиринската и беломорската. А сепак, постојаното потсетување на нацијата е своевиден корективен фактор за сите нас „останатите“, да не се заборавиме од каде доаѓаме и каде ни е дома.

Други колумни од авторот:

Дилемите на СДСМ

Уживајте во политиката

Но ВМРО-ДПМНЕ нѐ научи на други работи, работи кои не сме ги знаеле дотогаш. Што ни покажа ВМРО-ДПМНЕ? Дека во Македонија постојат и други луѓе, исто така Македонци како и ние, дури и такви кои се сметаат себеси за поголеми Македонци од нас. Но и дека тие биле постојано невидливи за нас. Дека читале тајни и забранети книги, се напојувале од други извори, негувале друга паралелна историја неиспишана од победниците. Дека во збиените предградија, села и мали гратчиња ги живееле дневните и историски фрустрации. Се хранеле со бес, со сиромаштија, со непрепознатливост, непрепознаеност и непризнавање. Останувале без работа, на улица, имале ограничен пристап до добро образование, им се распаѓале семејствата под налетот на транзицијата... Не го познавале Другиот во нивната држава, освен како некакво далечно плашило или пак вуду-кукла за истурање на гневот од катадневните небиднини. И полека дознававме дека таквите Македонци не се малку, многу биле. И дека одеднаш ја откриле моќта на гласачкото ливче. И дека таа моќ е разорна, и создава раздор, особено кога е канализирана од страна на манипулаторите, дрпачите и лажните пророци.

Груевски ни покажа како треба лудачки да се работи, дека добрата организација во рамките на фирмата наречена „Влада“ постигнува завидни резултати и максимално ги впрегнува сите капацитети во администрацијата. Дека државниот апарат е машинерија која треба да се подмачка и да се вклучи. Ах каква пропуштена шанса беше тоа, какво погрешно впрегнување, каква погрешна насока и какви девастирачки резултати за државата и за самата ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски ни покажа и дека економијата е важна, и дека можеш колку сакаш да ја спасуваш државата, но ако економијата не оди напред, џабе е сѐ. Ако успееме малку да се оттргнеме (иако многу тешко ни оди таа работа) од клиентелизмот, корупцијата, државниот и партиски рекет, ќе видиме дека семето на економијата е веќе посадено и мора да се одгледува. Веќе ниту една идна влада нема да може туку така да се однесува кон економскиот перформанс на државата, потиснувајќи ја оваа тема зад големите политички наративи. Ова е тежок предизвик и за самата СДСМ.

Две дивергентни мантри

Денес ВМРО-ДПМНЕ е повторно на крстопат, можеби најважниот од своето постоење. Денес на сите разбрани луѓе им е јасно дека лудата ролекостер националистичка забава заврши. И дека нацијата нема да може да се одржи без држава, а државата не може да биде само на етничките Македонци. Разбирањето на оваа вистина може длабоко да ја подели партијата: едниот (поголемиот) дел да се трансформира во пристојна десничарска партија по урнекот на европските партии, а другиот (помалиот) дел да се отцепи од матицата и да стане некаква македонска „Златна зора“. Тоа не би значело постојани изборни порази на матицата, напротив, тоа би привлекло и луѓе од центарот и неопределени. На нашата држава ѝ треба таква ВМРО-ДПМНЕ, за да може политичката конкуренција да се сосредоточи на објективните теми во општеството, а не на невозможните националистички акробации. Само така патриотската локомотива ќе може да им парира на либералните вагони во македонската композиција. И само така ќе можат да ги убедат не-вмровците дека љубовта кон нацијата е важна, но само кога не е токсична.

Дали сум објективен, постојано се прашувам?!?

Се надевам дека денешната постизборна тивкост на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде искористена за внатрешна контемплација. Нека прават програма за следните избори, нека се приближат кон Албанците, нека се оградат од Груевски и неговото наследство кое имаше свој апекс на 27-ми април, нека го овозможат европскиот пат на државата. Нека го исчистат теренот од нагазни мини. Ете им нов почеток. Македонија, Северна или било каква, ќе им биде благодарна. Толку ли е тешко ова да се направи?

Ако во СДСМ отсекогаш биле убедени дека ВМРО-ДПМНЕ ја растура државата, за ВМРО-ДПМНЕ социјалдемократите биле постојана петта колона на нацијата. Двете дивергентни мантри оделе отприлика вака: СДСМ сака да ја сочува државата, а ВМРО-ДПМНЕ нацијата!  Дали овие две линии се непомирливи? Мислам дека може да се помират. Доколку меѓусебно се признаат како постоечки, важечки, добронамерни...