1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Диливери бојс

Гордан Георгиев
8 октомври 2019

Балканската пролет ќе биде драматична пресметка со корупцијата, криминалот и удобните позиции на владејачките класи и владејачките опозиции т.е. корупцијата како безбедносно прашање. Пишува Гордан Георгиев

https://p.dw.com/p/3QuJ0
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Изборите на Косово и победата на опозицијата во една релативно чиста и фер кампања (под голем притисок на странски набљудувачи секако) упатуваат на можен почеток на некаква Балканска пролет, овојпат во есен. Или барем некакво ново редење на картите, овојпат со нов шпил, но со стариот добар и познат дилер: САД. Еве ги аргументите кои ако се склопат во некаков логичен мозаик, можеби ќе не’ доведат до посакуваната замислена рамка на Кројачот.

Арапската пролет, се сеќавате, почна чудно и неочекувано, од Тунис. Главниот драјв беа социјалните мрежи кои (неочекувано) ги извадија младите на улица во (често) насилни протести против авторитарните и корумпирани режими. По домино ефект, паднаа повеќе политички и физички глави и се отвори простор за пробив на опозициските сили. Се разбира, како и секоја револуција која завршува со контра-револуција, резултатот од „демократската арапска пролет“ беше проблематичен: Сирија е се’ уште во војна, Јемен крвари, Либија ја распоруваат сектаријански конфликти, а Египет, Либан, Алжир, Тунис се далеку од демократии, а камоли функционални.

Балканската пролет

Балканскава претпоставена пролет добива други, различни атрибути од онаа арапската. Насилството полека станува луксуз на Балканот, особено по влегувањето на Црна Гора, Албанија а сега и Македонија во НАТО. Хибридните закани се присутни и ќе опстојат како такви, но овојпат се чини дека американската шепа повторно и засилено влегува во џбуновите полни со зрели шипинки. Балканската пролет ќе биде драматична пресметка со корупцијата, криминалот и удобните позиции на владејачките класи и владеачките опозиции т.е. корупцијата како безбедносно прашање. 

Претходни колумни на авторот: 

- Мајтап со Државниот завод за ревизија

- Мутави до НАТО

Прво, на минатонеделната конференција на The Economist во Скопје, пензионираниот Вес Мичел одржа необично тврд геополитички говор во кој отприлика на сите нам Балканците ни порача да не се дружиме со расипаните Руси и коруптибилните Кинези. Притоа, тврдо ги потсети ЕУ членките кои се соседи на неинтегрираните балканските државички да не се кочоперат многу и да не ги опструираат интегративните процеси бидејќи со тоа се рушат себеси и општата стабилност на регионот. Простата географија не’ учи дека неименуваните соседи се Бугарија и Грција. Овој говор не наиде на одобрување кај Европјаните присутни на конференцијата кои должно го потсетија Мичел дека Америка веќе одамна го има баталено регионот, при што следуваше серија на „пријателски оган“ помеѓу Американците и Европјаните. Нејсе. Таман помисливме дека Мичел не е веќе официјално лице и може да си дозволи да оди повеќе и подлабоко во реториката, пред неколку дена се појави државниот секретар Мајк Помпео во Охрид и понуди уште потврда реторика визави Русија, Кина и лошите момци наоколу во регионот. А потоа замина за Грција за да ја зацврсти нејзината позиција како (нов) лидер на Балканот. Каша-попара навидум, но со јасна повлечена линија на потреба и нужност од стабилизација. 

„Преоблекување“

За да се остварат овие замисли (доколку ги има и доколку се кохерентни) потребни се таканаречени delivery boys т.е. момчиња-политичари кои можат да испорачаат. Далечно изгледа, но нам ни е блиско „пресоблекувањето“ на радикалниот левичар Алексис Ципрас кој како опозиционер и’ пркосеше на Европската Унија и особено на Германија, а потоа испорача безмалку се’ што му беше бил испорачал неолибералниот фактурист. Сосе Преспанскиот договор, како панделка на кутијата. Истото важи и за Зоран Заев, кој несомнено испорача дури и повеќе отколку што вети и отколку било кој што очекуваше. И двајцата очекуваат Нобелова награда.

Победата на чудната косовска опозиција составена од сега-веќе-бивши левичари-националисти и умерени либерали можеби неочекувано ќе изнедри уште некои диливери бојс во нашето соседство. Довчерашниот озабен Албин Курти, уште вечерта по победата сам си стави маска за некасање и најави дека тој веќе не е тој што беше. И тоа е добро. Во содејство со либералите кои ја содржат оставштината на Ибрахим Ругова и можната претстојна владина коалиција, можеби ќе се роди нешто плодоносно за сите.

Али Ахмети, остана подзинат од резултатот на изборите и евидентниот пораз кој на зелена маса го доживеаја неговите довчерашни побратими по пушка и по занает. Нашата албанска опозиција слави и се проектира себеси во идната власт, а ДУИ во опозиција. Но, тоа нема да им дојде по домино ефект, ќе мораат да поработат на себе, башка Али Ахмети е камелеон кој знае да преживува во секакви услови.

Оверување на стратегиите

Во меѓувреме, Александар Вучиќ, да не остане покусо и притиснат од неминовноста во одлуките со кои се соочува, ги повикува Еди Рама и Зоран Заев на гости во Официрскиот дом во Нови Сад да разговараат за вучичевата идеја за бесцаринска унија на Балканот. Моите писанија изобилуваат со скепса околу српските мотиви на Балканот (бидејќи сите сме се изгореле од врелото млеко на големосрпскиот национализам па сега дуваме и на јогурт), но идејата на Вучиќ не треба да се отфрла ан блок, особено што се чини дека е мотивирана и спонзорирана од меѓународната заедница, секој со своите мотиви. На Вучиќ му треба постура на конструктивност и широкоградост, а оваа идеја може да компензира дел од придобивките кои сите ние ги очекуваме од ЕУ-која-никако-да-дојде. Бесцаринска унија значи подобра економија за сите, а подобра економија создава фина испреплетеност на интересите и е една од гаранциите за помалку тенкови на улиците. И Вучиќ сака да биде диливери бој.

Во оваа каша која се чини дека има некаква крајна цел, има место (замислете!) и за француски бујон. Макрон ќе одлучел сам за судбината на Македонија и Албанија, додека францускиот амбасадор Тимоние постојано терцира околу потребата за владеење на правото и француската тврда позиција во однос на продлабочување наспроти проширување. Којзнае, можеби доколку Франција навистина опстои на оваа позиција (во дослух со Германија) ќе добиеме и проширување и продлабочување, како галантен гест на добра волја или колачиња наместо леб од Елисејската Палата.

А Босна? Босна е аут „до даљњег„...

Уф какво мешање на картите. Какво редење на пионите. Па Американците изгледа навистина се враќаат во регионот, а посетата на Помпео не е претходница на тоа враќање туку оверување на претходните стратегии кои се одигрувале зад завесата.