1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Динамо од Берлин – клубот на Штази

14 август 2007

Од серијата „Портрети на германските фудбалски клубови„ денеска ви го претставуваме Динамо од Берлин, клубот на познатата Служба за државна безбедност во Германската Демократска Република – Штази.

https://p.dw.com/p/BUOS
Новото Лого на БФЦ Динамо предизвика дебати и е оспорувано поради годината 1966

Клубот, протежиран од моќниот Штази министер Ерих Милке, во финалето на купот на ГДР го совлада ФК Карл- Маркс- Штат со голот на Андреас Том, кој подоцна мина во Баер Леверкузен и стигна до дресот на националната фудбалска репрезентација:

„Во игра беше многу, зашто оној што ќе победи ќе се најде во идната година во купот, значи на меѓународната сцена. Можно е натпревраот да не беше добар зашто и нервите играа улога, но јас сум задоволен што успеавме„, изјави тогаш Андреас Том. Кусата историја на успесите на БФЦ имаше долг пролог што започна во ноември 1954 година. Преку АСК Форверц, Берлин беше застапен во регионалната лига. Меѓутоа, спортското раководство на ГДР, сакаше секој викенд на главниот град да му понуди натпревар од Првата лига за да ја држи публиката подалеку од западно-берлинската Херта. Од тие причини функционерите ја прекомандуваа екипата на Динамо од Дрезден во Берлин заедно со одличниот техничар Гинтер Шретер. Тоа беше почетокот на едно исклучително непријателство. Онака како што Ерих Милке од неговата тајна служба Штази сакаше да направи штит и меч за партијата, така сакаше слава и почест за неговиот Динамо од Берлин. Страшниот министер се мешаше се повеќе: како во одлуките на клубот, така и во играта. Легендарни се неговите тиради што ги упатуваше од ложата на стадионот чија западна трибина свесно граничеше со Берлинскиот ѕид:

„Зад него седеше тогашниот одговорен за изборот на фудбалерите, познатиот тренер Георг Бушнер и му се обрати на министерот: Другар министер, дали можете малку да се повлечете? На тоа министерот Милке се заврти и му рече на Бушнер: ете, и во оваа држава може да се искаже сопственото мислење„, раскажува радио-репортерот Томас Шварц. Насмевките на публиката престанаа најдоцна во 1979 година. Јирген Богс кој веќе две години ја тренираше екипата, го одведе Динамо до првата титула државен првак. До 1988 следуваа уште девет. Под Богс БФЦ Динамо играше модерен фудбал: компактен и ефикасен. Меѓутоа, со секоја титула, растеше и одбивноста на публиката во ГДР против Штази клубот, особено и затоа што судиите му гледаа низ прсти на љубимецот на Милке. Неверојатниот успех на клубот во прв ред треба да му се припише на фактот што Динамо, за разлика од конкурентите, во своите редови можеше да ги донесе најдобрите фудбалери од целата ГДР. Овој единствен систем на делегирање придонесе одбивноста да се претвори во гола омраза против Берлин во целост, и посебно против Динамо.

Тимот кој доминираше во ГДР во 80-десттите години по желба, во Европа ретко постигнуваше некој успех, како на пример во 1984 кога го совлада Абердин по изведувањето пенали. Двапати Динамо играше против други германски прваци: во 1982 година против Хамбург нерешено 1 спрема 1 и пораз од 2 спрема 0. Во 1988 година дома го совлада Вердер од Бремен со 3 спрема 0, но во Бремен загуби со 5 спрема 0.

На 9 ноември 1989 година падна Берлинскиот ѕид, кој го делеше динамовиот стадион од западано-берлинската општина Вединг. Еден месец подоцна Андреас Том потпиша договор со Баер Леверкузен. Започна распродажбата на серискиот првак во ГДР, а со тоа паѓањето на БФЦ Динамо на најниските гранки на севкупниот германски фудбал.