1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Динамо пак ќе се појави на европската фудбалска карта!

23 август 2007

Динамо од Дрезден е веројатно најпознатиот клуб од некогашната Источна Германија

https://p.dw.com/p/BXCt
Навивачите на Динамо од ДрезденФотографија: picture-alliance/dpa

Септември 1967-ма: Динамо од Дрезден за прв пат настапува во европски куп. Му гостува на Глазгов Ренџерс. Екипата го користи патувањето во Шкотска за посета на кино. Дитер Ридел, сега наставник по спорт во Дрезден, тогаш беше млад напаѓач. За него останува незаборавен натпреварот на Ајброкс-парк – во секој случај и киното. “Да, само да се сетам кој филм го гледавме. Филм за Џемс Бонд, поточно ’Се живее само два пати”.

Динамо од Дрезден, всушност, има повеќе од два живота зад себе: во некогашната Германска Демократска Република беше осум пати првак и седум пати победник на Купот. Но, имаше и принудна преселба во понизок ранг, деснорадикални навивачи и еден градежен претприемач, кој како претседател на клубот вети големи пари, а речиси го руинира.

Динамо денес игра во Регионална лига, а расположението на навивачите оди од бес до носталгија: “Екипата веќе не вреди многу. Тогаш дојде еден кој се ’ уништи – градежникот. Мислам дека се’ уште има многу навивачи, многумина одат...”, “Рајнхард Хефнер, Ханс-Јирген Дернер, Хартмут Шаде, Дитер Ридел – сакате уште? Но, сите тие не заработија толку многу пари. Тие се’ уште играа фудбал од страст, а не за пари”.

Големото време започна во 1969-та, кога тренер беше Валтер Фрич. Во 71-ва Динамо за прв пат ја освои “двојната круна” – првенството и Купот на Источна Германија. Две години потоа “за влакно” беше елиминиран од Баерн Минхен во европски куп – едниот натпревар заврши 3 спрема 3, другиот 4 спрема 3 за тимот на Франц Бекенбауер. Тоа беше прва официјална средба на екипи од тогаш поделената Германија. “Баерн тогаш не беше врвнен тим, во нивното првенство загубија од кајзерслаутерн, на пример, со 7 спрема 3. Во основа не беа непобедливи, но секое школо се плаќа” – се сеќава Дитер Ридел.

Во осумдесеттите години дрезденски Динамо доби пресилен конкурент. Истоимената екипа од Берлин освојуваше титули во серија - со помош и на Службат за државна безбедност, чиј шеф Ерих Милке не се воздржувал и од давање упатства и на судиите, само за да победува неговиот Динамо. Па сепак, Дрезденци трипати го освојуваа купот победувајќи ги токму конкурентите од Берлин.

Во историјата влегува уште еден германско-германски дуел: по победата од 2 спрема нула дома, Динамо Дрезден и кај противникот Баер во Ирдинген водеше со 3 спрема 1 – и тогаш уследи катастрофа. На крајот победа на домаќинот од 7 спрема 3 и елиминација на Динамо.

Во 1989-та тимот за прв пат се проби до полуфинале на европски куп. Тренер беше Едуард Гајер: “Тоа не се доживува секој ден. За нас беше неповторливо доживување да бидеме полуфиналисти”. Но, тука Штутгарт беше за класа подобар.

Наскоро по пресвртот и обединувањето на Германија, најдобриот играч на Динамо Матијас Замер му пристапи на Штутгарт. Започна распродажбата во насока кон Запад. “Улф Кирстен, Замер, па потоа Пилц, Траутман и Дешнер отидоа во Фортуна Келн. Со еден удар екипата загуби петмина играчи” – кажува Ридел.

До 1995-та година Динамо Дрезден играше во Бундеслигата. Потоа, поради катастрофалната финансиска ситуација принудно беше преселен во трета лига и за долго време исчезна од професионалниот фудбал.

Денес? Ситуацијата и во вториот живот на Динамо изгледа јадно, иако треба да биде изграден нов стадион за 32 илјади гледачи. Само, навивачите се по зло прочуени со безредијата, поради кои интервенираше дури и Фудбалскиот сојуз на Германија. Сепак, надежта умира последна: “Но, во едно можете да бидете сигурни: дека Дрезден како клуб со традиција било кога повторно ќе се појави на европската фудбалска карта” – сигурен е Дитер Ридел.

Јенс Турау