1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дипломатски покер околу санкциите против Иран

27 февруари 2007

Петте сили со право на вето во Советот за безбедност на ОН и Германија на средбата во Лондон почнаа да работат на нова резолуција за Иран, со која треба да се зголеми протисокот врз официјален Техеран.

https://p.dw.com/p/Adsx
Одмерување сили: Иранскиот Претседател Махмуд Ахмадинеџад
Одмерување сили: Иранскиот Претседател Махмуд АхмадинеџадФотографија: AP

Британската влада по средбата соопшти дека и понатаму е отворен просторот за преговори.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров меѓутоа изрази загриженост поради зачестените шпекулации околу можен воен удар на САД против Иран. Херман Краузе испрати извештај за ставот на Русија во покерот околу атомската програма на Иран.

Руските медиуми веќе со денови го подгреваат стравот во јавноста од претстоен напад на САД врз Иран. Така во политичкиот магазин „Постскриптум„ на третиот канал на руската државна ТВ можеше да се чуе следното:

„Оваа недела БиБиСи известуваше дека Вашингтон веќе изработил список на цели во Иран за евентуални ракетни напади. Во Персискиот залив доаѓаат нови и нови американски воени бродови.„

Загриженост владее и во владините кругови:

„Прогонозите што ни се сервираат се‘ почесто, не‘ вознемируваат. Американскиот заменик-претседател не ја исклучува можноста од воени удари врз Иран. Затоа ќе сториме се‘ за да најдеме компромисно решение преку предоговори, како што предложивте Вие господине претседател„ – порача шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на седница на владиниот кабинет.

Рускиот Претседател Владимир Путин во повеќе наврати се изјасни против заострување на санкциите на ОН против Иран. Русија ја гради нуклеарната централа во градот Бушер и му продава на Техеран оружје, исто како и Кина. Останува отворено како Кремљ ќе се позиционира понатаму во играта околу Иран. Во секој случај се чини дека руското раководство веќе донело принципелна одлука да не го остави Иран на цедило.

Наспроти сите заканувачки сценарија раководството од Техеран исклучи попуштање во спорот околу атомската програма. Иранскиот амбасадор при Меѓународната агенција за атомска енергија Али Ансгар Солтаниех за ТВ станицата Ал Џазира изјави:

„Нема никакво оправдување за барањето да ги сопреме нуклеарните активности, бидејќи сме под полна присмотра, таму има преку 2.000 набљудувачи. Тоа е најробусна инспекторската мисија во историјата на Меѓународната агенција. Ние во потполност соработуваме со меѓународната заедница и тоа го продолживме дури и по резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, ни тогаш немаше прекин на инспекциите„ – појасни Али Ансгар Солтаниех.