1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

200410 Türkisch Zertifikat Schule

26 април 2010

Властите на германската покраина Северена Рајна Вестфалија стартуваат пилот-проект во седум средни училишта, каде се отвора можност да се изучува турскиот јазик и за тоа да се добие соодветна диплома.

https://p.dw.com/p/N4YC
Младата генерација Турци во Германија не го знае доволно турскиот јазикФотографија: dpa

Проектот на седумте средни училишта во Северна Рајна Вестфалија поставува нови акценти за цела Германија. Со воведувањето можност за стекнување државна диплома за познавање на турскиот јазик се истакнува важноста на мајчиниот јазик на доселениците. Иницијативата потекнува од Министерството за образование, а како партнери се појавуваат универзитетите од Анкара и од Дуизбург-Есен. Дипломата ќе го носи името TÖMER, според истоимениот Институтот за јазици при универзитетот во турскиот главен град. Таа треба да ја поттикнува повеќејазичноста во Германија, но исто така на заинтересираните да им овозможи полесен пристап до меѓународните високо-школски установи, како и до разните претпријатија, на кои им треба персонал со познавање на турскиот јазик.

Поттик за двојазичноста

Во проектот е вклучена и Емел Хубер од Институтот за турски јазик при Универзитетот Дуисбург-Есен: „Северна Рајна Вестфалија покажува со тоа дека турскиот јазик е важен за покраината и тоа не само т.н. ’домашен’ турски, туку навистина со високо ниво. Со тоа покраинските власти од една страна сигнализираат дека пружаат поддршка за двојазично воспитување, а од друга дека им е битно сограѓаните со турско потекло да користат квалитетен турски јазик со ниво.“

Türken in Deutschland Männer auf der Straße
Младата и старата генерација Турци во Берлин-КројцбергФотографија: AP

Моментално во покраината Северна Рајна Вестфалија турски јазик учат повеќе од 7.000 деца. Освен тоа во дополнителна настава има уште 58.000. На новата иницијатива особено и’ се радуваат родителите со турско потекло. Танја Каја во неа гледа и нова можност за нејзината ќерка, која живее во семејство со два јазика: „Ние го воспитуваме детето двојазично и тоа според принципот, еден родител - еден јазик. Тоа значи дека јас со ќерка ми постојано зборувам само германски, а мојот сопруг само турски. Но, таа тоа ќе може да го докаже само ако добие државна диплома за познавање на турскиот јазик. Јас ќе и’ препорачам да се стекне со таа диплома, а по можност и со дипломи од други јазици како англиски, шпански итн. - што повеќе јазици познава, тоа подобро!“

Шанси за кариера

Овие дипломи се многу битни и за лицата со завршена педагошка академија, кои доаѓаат од Турција. Тие од сега ќе можат да полагаат испит и да се стекнат со диплома за познавање на соодветно ниво на турскиот јазик, по што ќе можат да работат во Германија како учители по турски. Со тоа им се отвораат големи професионални перспективи. Секако за нив ќе биде услов да го положат и испитот за познавање на германскиот јазик и тоа исто така на високо ниво. Но, тоа може да се стекне веќе сега во Гете институтите во повеќе турски градови, како Анкара, Истанбул или Измир.

Автор: Улрике Хумел/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска