1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Директна помош за Палестинците - Европејците го направија првиот чекор, САД ќе го следат

19 јуни 2007

Американската влада има намера повторно да упатуваат директна помош за Палестинците, да ја укине и политичката блокада против палестинската влада и повторно да воспостави нормални контакти на билатерално ниво.

https://p.dw.com/p/AyJl
Ливни и ШтајнмаерФотографија: AP

Американскиот министер за надворешни работи Кондолиза Рајс во Вашингтон рече дека заедно со колегите од Блискоисточниот квартет работи врз изнаоѓање патишта како меѓународната заедница може да и’ даде подсршка на новата палестинска влада. Во меѓувреме Америка и сама презема итни акции.

“Имаме намера да ги укинеме финансиските рестрикции за палестинска влада која ги прифаќа претходните спогодби со Израел и го отфрла насилството. Тоа ќе овозможи воспоставување нормални деловни врски со палестинската влада. Со своите акции Хамас се закани да ја подели палестинската нација, што ние го отфрламе” – рече Рајс.

Таа навести американска помош од 40 милиони долари за страдалничкото палестинско население, посебно во Газа, што ќе се реализира преку хуманитарните рганизации на ОН. “Еден ипол милион Палестинци нема да ги препуштиме на милоста на терористичка организација” – додаде Рајс.

Претходно и министрите за надворешни работи на земјите на ЕУ решија да ја обноват директната финансиска помош за новата палестинска влада поставена од претседателот Махмуд Абас и го повикаа и Израел да соработува со неа. “Од денешната средба на Советот ќе произлезе сигнал дека по можност не само ние, туку и израелската влада ќе соработува со претседателот Абас и владата” – рече претседавачот со Советот, германскиот министер Франк-Валтер Штајнмаер.

На средбата во Луксембург беше присутна и Ципи Ливни, шеф на израелската дипломатија, која најави дека Израел колку што е можно побргу ќе им ги упати на Палестинците досега блокираните средства од собраниот данок. Станува збор за околу 634 милиони евра. Влада без учество на радикалното исламистичко движење Хамас е “нова шанса за целокупниот мировен процес” – рече Ливни.

“Ова е можност да се соработува со новата влада, можност на Палестинците да им се покаже дека има алтернатива. И, ако владата ја подржува визијата за решение со две држави, израелска и палестинска, ако ги прифаќа барањата поставени од меѓународната заедница, мислам дека тоа создава нови можности за Палестинците” – изјави Ципи Ливни по средбата со европските колеги.

Европските министри, инаку, кај другата голема тема на нивната средба не направија никаков напредок во спорот со Полска околу начинот на идното гласање во Унијата. Владее целосна блокада, Полска ни за милиментар не го менува одбивачкиот став, а германското претседателствово моментов не гледа никаков излез. Со тоа му се заканува неуспех и на претстојниот самит на шефови на држави или на влади на Унијата.

Б. Ригерт / З. Јордановски