1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Диригирана еуфорија во Прешевската долина

13 август 2018

Магичниот збор „разграничување“ во Прешево и Бујановац разбуди еуфорија меѓу Албанците. Чувствуваат дека со децении се граѓани од втор ред. Но некои се плашат дека Приштина ги користи како монета за поткусурување.

https://p.dw.com/p/333Fu
Serbien Reportage aus dem Preševo-Tal
Фотографија: DW/J. Đukić-Pejić

Работен ден во Прешево, никаде нема место за паркинг. Иако речиси никаде нема засолниште од жешкото сонце, животот на улиците е како во кошница. Кафулињата полни, седат најчесто само мажи. Келнерите се исто така мажи. Од звучниците одзвонува странска поп музика. Од автомобилите кои минуваат, со спуштени прозорци, албански фолк. Има и некоја свадба- се слушаат сирените на автомобили накитени со албански знамиња.
Според официјалните статистики, над 95 отсто од населението на Прешево се етнички Албанци. Српски на улиците се слуша ретко. На пазарот среќаваме најмногу луѓе. Тука има и жени, но повторно во малцинство. „Повелете“, вели една. Сепак, откако слушна дека пред неа е новинарка, интересот исчезна.
„Што, како живееме? Погледнете ги натписите по улиците, како се викаат продавниците? Гледате ли некоја српска буква? Гледате ли било што што личи на Србија? Не сакам ништо веќе да кажам. Кој ќе го купи нашето овошје“, вика таа видно потресена. Човекот кој покрај неа продава сливи додава: „А кога стига пензијата или детскиот додаток, не можеш од нив да влезеш во продавница“.

„Албанските деца без учебници“

Повеќето луѓе на улиците не се лути. Така вели и претседателот на општината Шчиприм Арифи кој пред пет години дошол во градот од Германија и веќе втор пат ја врши функцијата со куса пауза меѓу двата мандати. Српски не зборува, затоа е тука преведувач.
„Мислењата се поделени, некои сметаат дека со спојувањето со Косово би се остварил долго сонуваниот сон, а некои се скептични“, вели Арифи за ДВ. „Сепак, стандардот на албанскиот народ тука доста се разликува од српскиот на северот на Косово. Тие имаат некои законски предности, имаат можност за донесување одлуки поврзано со именувањето на полициски началник, имаат влијание во судството, а она што им овозможува уште поголемо учество се резервираните места во парламентот на Косово“.
Ни три директни потпрашања не се доволни за Арифи отворено да каже што мисли за идејата за спојување кон Косово. Вели дека се занимава со реална политика и сака да ја спроведува волјата на народот која уште пред 26 години беше искажана на референдум- кога Албанците во Прешевската долина на непризнат референдум изгласаа спојување со Косово.
Арифи повеќе сака да зборува за тоа дека Албанците во Прешево немаат пристап до работните места во Електростопанството на Србија, во Поштата, на граничните премини, царината, катастарот, Телеком. Тврди дека во тие државни фирми и служби работат речиси исклучиво само Срби.
„Ние сме општина и би требало тука да имаме независен основен суд, но немаме, ни суд ни јавен обвинител. Албанските деца учат без учебници, тие пишуваат 45 минути на час. Ние сме сега во демократска Србија, важи ли истиот стандард за сите? Исто така, немавме питка вода. Да не беше меѓународната заедница во Србија, јас никогаш немаше да можам да го решам овој проблем. Зошто? Дали е во прашање демократија или националистичка свест?“, прашува Арифи.
Во Бујановац, кој е еднакво оддалечен од Косово како и Прешево, е нешто поинаку. Таму живеат нешто помалку од 13.000 Срби и нешто повеќе од 20.000 Албанци. Но тоа воопшто не ја менува сликата за животот. На улиците бројни знамиња како украс, Германија, Франција, САД, ЕУ, но не и на Србија. На зградата на општината се виорат две: знамето на општината и на ЕУ. Уличната атмосфера е пресликана и во кабинетот на претседателот на општината Шаип Камбери. Сите знамиња се тука, но не и српското.
„Прешевската долина беше тема која долги години беше целосно заборавена. Ако ништо друго, ова е првпат повторно да се интернационализира прашањето за Прешевската долина и јас се надева дека, како што вети претседателот Тачи, прашањето на Албанците во Прешевската долина ќе биде на маса на бриселскиот дијалог“, вели Камбери за ДВ.

Serbien Reportage aus dem Preševo-Tal | Shaip Kamber, Bürgermeister von Bujanovac
Шаип КамбериФотографија: DW/J. Đukić-Pejić
Serbien Reportage aus dem Preševo-Tal | Shqiprim Arifi, Bürgermeister von Presevo
Шчиприм АрифиФотографија: DW/J. Đukić-Pejić

„Косово нѐ заборави“

Камбери, кој одлично зборува српски, е поречит и по прашањето на фамозното „разграничување“. Скептичен е кога ќе се спомене „размена на територии“, посебно ако новото цртање на границите остави голем број Албанци во рамките на Србија. Тоа, вели, би значело раселување и хуманитарна катастрофа. Во преговорите на Србија и Косово, додава, не сака да се меша.
Назад во Прешево разговараме со локалниот новинар и активист за човекови права Белгзим Камбери. Нему се што се случува му е чудно, и сета таа еуфорија која по малку се чувствува во Прешево. Потсетува дека на Албанците на југот на Србија еден од големите проблеми им е тоа што не се признати косовските дипломи. Камбери се прашува како Тачи и Вучиќ ќе се договорат околу најтешкото прашање, ако не можеле за дипломите?
„Мислам дека за Прешевската долина треба да зборуваат и да одлучуваат луѓето одовде. Требаше прво да разговараат Србија и Албанците од југот на Србија како држава со свои граѓани, а од друга страна Косово и Србите од северот на Косово. Како можете да имате дијалог горе, кога немате дијалог со своите граѓани и не знаете што тие мислат и не ве интересира што тие мислат“, вели овој новинар за ДВ.
„Тие прават еуфорија. Знаете што? Белград не дискриминира сите овие години, а Косово не заборави. Дваесет години Приштина нема дадено ниту еден цент за југот на Србија. Тоа е многу важно! Тоа значи дека Приштина целосно не заборави, не беше подготвена ни да изгради некое училиште. И сега одеднаш некако плаче за нас. Мене сето тоа ми е малку чудно. Се плашам дека тие прават пазар со Белград“, вели Камбери.
Диригираната еуфорија, додава, можеби и носи на Приштина уште некој адут во преговорите со Белград. А на граѓаните? Што им носи ним? Камбери врти со главата и вели: „Само соништа“.

Serbien Reportage aus dem Preševo-Tal | Belgzim Kamberi, Journalist und Menschenrechtler
Белгзим КамбериФотографија: DW/J. Đukić-Pejić
Serbien Reportage aus dem Preševo-Tal
Пазар во ПрешевоФотографија: DW/J. Đukić-Pejić