1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дискриминација во германските училишта

Марие Тодескино/ Жана Ацеска17 август 2013

Навреди, изолација, полоши шанси: секој четврт мигрант се чувствува дискриминиран во образованието. Тоа произлегува од нова германска студија. Што треба да се промени?

https://p.dw.com/p/19PAy
Фотографија: picture alliance / JOKER

Аниа Арслан е всушност пример за успешна интеграција: ќерка на турски доселеници, студирала на универзитетот во Келн, потоа започнала докторат во областа на медиумите и културата. Но, чувството дека не е еднакво третирана поради своето потекло, не ја напушта уште од ученички денови.

„Горко страдав“, вели Аниа. Нејзе посебно ја погодува една предрасуда: кога на мигрантите им се подметнува слабо познавање на германскиот јазик.

„Тоа секогаш им се префрлува на мигрантите, никогаш на Германците“. Поводот може да биде странско презиме или лесен акцент. Аниа Арслан често се обидувала да се брани од вакви дискриминирања. Според нејзиното искуство, биле вршени проверки во конкретни случаи, но зборот дискриминација ретко се изговара:

„Спротивната страна вели - не, не е точно и немало такво нешто“.

Секојдневен расизам

Аниа Арслан не е осамена во своите маки. Секој четврт ученик или студент со мигрантско потекло се чувствува нерамноправно третиран во германскиот образовен систем. Тоа произлегува од студија, објавена деновиве од Службата за антидискриминација, АДС. На дискриминација и навреди се жалат и инвалидите и учениците хомосексуалци, се вели во извештајот доставен до Бундестагот.

Bildergalerie Diskriminierung
Христине ЛидерсФотографија: picture-alliance/dpa

Досега не постоело толку опсежно истражување на дискриминацијата во образованието и при работа во Германија, вели Христине Лидерс, раководител на АДС: „Постојат различни форми на дискриминација, на пример суптилна, кога некој постојано е навредуван“. Притоа се работи за секојдневен расизам, каков што го доживеала Шаронија, ученичка во десетти клас во Берлин, чии родители потекнуваат од Шри Ланка. Таа објаснува како на улица и‘ дофрлувале: „Здраво чоколадо“: „Можеби тоа беше само шега, но се‘ има свои граници“.

Нивото на образование зависи од родителскиот дом

Новата студија известува и за структурална дискриминација. На пример, кога од двајца основци, еден со и еден без мигранстко потекло, кои имаат исти оценки, препорака за учење во гимназија добива само оној без доселеничка историја.

Bildergalerie Diskriminierung
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тоа е одлука која учителите во основно училиште ја носат заради заштита од неуспех на своите ученици, вели учителката Беате Милер (името е променето).

„Во многу германски гимназии во Северна Рајна Вестфалија учениците се упатени на силна поддршка од родителите. Но, некои родители мигранти не можат да им помогнат на децата зашто за тоа немаат доволно образование или малку го знаат јазикот. Во гимназиите мора да постои поголема понуда за поддршка за шанса да добијат и децата од мигрантски семејства“.

Можност за поплаки во секое училиште?

Последиците на дискриминацијата се фатални: нерамноправноста негативно влијае врз успехот во образованието, врз мотивацијата. Но, што да се направи за да се обезбеди поголема еднаквост на шансите? Христине Лидерс бара проширување на можностите за вложување поплаки. Во претпријатијата овие служби каде можат да се обратат дискриминираните луѓе се веќе законска обврска:

„Потреба постои. Кога жртвите ќе имаат чувство дека ќе бидат заштитени, тогаш тоа помага“.

И Санем Клаф, координатор на мрежата „Училиште без расизам - училиште со кураж“, сака поголема поддршка за учениците од мигрантски семејства. „Во училиштата веќе постои функцијата на учител кому учениците може да се доверат. Пред да воведеме нови функции, треба да обезбедиме обука и поддршка“.

Bildergalerie Diskriminierung
Можност за поплаки против дискриминацијата - важен предусловФотографија: picture-alliance/dpa

Санем Клеф подвлекува: „Мора да постои желба во општеството за интеграција на децата на доселениците“. Токму тоа, според Клеф, недостасува во Германија. Потребно е на почеток да се отстранат јазичните бариери и училиштата да имаат поинаков став кон културната разноликост. Во тоа спаѓаат и примерите на учители со мигрантско потекло.

Разградување на клишеата

„Истото важи и за работата во фирмите. Секој човек има некои клишеа и треба да ги разгради. Тоа е можно меѓу другото и преку постапката за анонимно конкурирање“, смета Христине Лидерс.

Во својата професионална работа таа е постојано соочена со конкретни случаи на дискриминација: „На вакви луѓе им советувам задолжително да се обратат на служба против дискриминација“.

А Аниа Арслан?

„Ништо не помага кога на луѓето одозгора ќе им наметнете правила. Мора да се промени нешто во луѓето“, истакнува таа. Аниа на универзитетот доживеала колку добредојдени и благопријатни можат да бидат солидарноста и разбирањето од колегите. Таа затоа се надева дека идните генерации подобро ќе се справуваат со еднаквоста на шансите. Но, дотаму се чини дека има долг пат.