1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дичев: Блокадата поврзана со амбициите на Каракачанов

11 ноември 2020

Освен за политичките амбиции на Каракачанов, сега ја вршиме и валканата работа на некои западноевропски земји кои не сакаат повеќе проширување на ЕУ, вели бугарскиот професор Ивајло Дичев.

https://p.dw.com/p/3l7qk
Kolumnist Ivaylo Ditchev
Фотографија: Svetla Encheva

Измислуваме некакви смешни причини за блокада на македонското членство заради амбициите на Каракачанов, вели Ивајло Дичев, професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија, во интервју за Радио „Фокус“.

„Се отвори прозорец, историска шанса, а што се случува? Измислуваме некакви смешни причини за блокирање на ова членство. Смешни, бидејќи тие главно се поврзани со политичките амбиции на г-дин Каракачанов, кој гледа дека му се намалуваат гласачите, и повторно наоѓа некаква историја со која треба да стане важен, да биде во центарот на вниманието. Јас лично, како и Македонците и Европјаните, не разбирам што точно бараме од Северна Македонија“, вели Дичев.

Посочува дека Договорот за добрососедство има многу точки, но сето внимание е насочено само кон една точка - историските прашања кои треба да ги решава заедничката комисија.

 „По сите други прашања од овој договор - транспортните коридори, економската соработка, веќе и воена соработка може да имаме во рамките на НАТО, и културна и медиумска размена што е многу важно за приближување на два народа – ништо од ова не се случува! И, кој е виновен за ова? Тоа Македонците го блокираат или ние го блокираме“, прашува Дичев.

Во однос на заедничката комисија, вели дека таа наместо да добие подолго време за да работи и истражува, добила политичко значење што е доста опасно.

„Познавам неколку луѓе во оваа Комисија кои се разумни луѓе, кои вообичаено не размислуваат многу поразлично од мене, но политичкиот момент е таков што немаат што да кажат. Нема како да се спротивстават на она што го прават, затоа што во моментот станува збор за опстанок на оваа луда коалиција што управува. Ако господинот Борисов, за кого исто така мислам дека добро ги разбира работите и мисли како мене, како нормалните луѓе во Европа, ако господинот Борисов се откаже од оваа војна што сме ја повеле, од владата ќе излезат оние лажни патриоти и владата ќе падне. Моментот е таков, политички“, вели Дичев.

Bulgarien Nordmazedonien  Boyko Borissov Zoran Zaev
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Производство на апсурди

Токму затоа тој не гледа начин како бугарската влада може да излезе од сегашниот ќор-сокак. Ја смета за неприродна коалицијата меѓу проевропската ГЕРБ („Граѓани за европски развој на Бугарија“) и антиевропските националисти.

„Оваа комбинација постојано произведува некои апсурди. Многу е тажно што од двете страни на границата има партии што го зедоа името ВМРО - ова минато херојско име на таа организација, и двете се борат со заби и нокти за да не разделат, за да ја утврдат таа граница меѓу нас. Тоа е апсурдот“, вели Дичев.

Повеќе:

-Бугарија не отстапува, Македонија има рок до петок да попушти

-Македонско-бугарски спор: Каноните на Тодор Живков

-На Скопје и Софија не им треба јазик на омраза

На забелешката дека Бугарија ја остава отворена вратата, а додека трае процесот на преговори за европско членство треба да се побара историско и јазично зближување на Балканот, Дичев прашува: „Како точно си го замислувате историското зближување? Што да се случи? Да излезат сите Македонци на плоштад и да почнат да викаат ‘Гоце Делчев е Бугарин’“?

Тој укажува дека постои еден важен проблем во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, а тоа е проблемот со малцинствата.

„Ова е сериозно прашање што треба да се реши: или во двете земји има малцинства од соседните земји, или ги нема и во двете“, вели тој.

Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Фотографија: Government of North Macedonia

Притоа нагласува дека Германија е единствената земја што сака конечно да се решат прашањата со Балканот.

„Тоа што ние го правиме сега - ја вршиме валканата работа на некои западноевропски земји кои не сакаат повеќе проширување на ЕУ. Тоа се земји како Холандија, како Франција, кои многу се радуваат што некој ќе најде некој повод за да ги запре новите кандидати. Ние не ја запираме само Македонија, ја запираме и Албанија, која е исто така важна земја за Балканот. Но, многу земји од ЕУ не сакаат повеќе проширување и ние им правиме многу добра услуга, кога ги запираме кон ЕУ нашите братучеди и нашите пријатели во Северна Македонија и Албанија“, вели Дичев.

Решението на проблемот во гледа во пренасочување на фокусот од историјата (да се остави повеќе време тие прашања да бидат решавани) и целата енергија да се насочи кон транспортот, железничката и патна линија Скопје -Софија, економијата, медиумите, културата образованието...

„Не е ли тоа поважно, отколку - што бил Самуил? Тоа е нешто што ќе го смени односот на менталитетите преку современи активности, а не со копање по минатото. Минатото нема да се промени, тоа е таму, се случило. Енергиите треба да бидат насочени кон важните работи. Да го заборавиме овој чад што го креваат политичарите“, порачува Дичев.

Почетокот на политичката пародија            

Причините кои ја натераа Бугарија да се покаже во поинакво светло, не се тешки за дешифрирање и во домашната јавност. Професорот и поранешен амбасадор, Нано Ружин, потестува дека соседната земја се наоѓа во политичка криза, таа од јули година е соочена со масовни демонстрации против криминалот, корупцијата, олигархијата и владата, а сето тоа во пресрет на изборите.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

„Бугарија ја очекуваат редовни парламентарни избори во март 2021, и целокупниот внатрешно политички товар како да реши да го истовари некаде во соседството кај најслабиот сосед. Од тој момент отпочна политичката пародија кон Северна Македонија. Владата во Софија под притисок на коалициониот партнер од екстремната десница, потклекна пред неразбирливиот национализам и уцени кон владата во Скопје и се закани со блокирање на преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија. Чудно е што таква прилика еднаш пропушти во Брисел, кога државата стана членка на Алијансата. И тогаш Софија можеше да блокира под изговор на загрозеното добрососедство, како што тоа почна да го истакнува последниве неколку месеци“, вели Ружин.

Според него, по вчерашниот самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, на прв поглед не се случи ништо драматично, освен што по десетти пат сме потсетени дека Бугарија не отстапува ни сантиметар од ставовите за блокирање на Северна Македонија. „Патем, суспенсот го зголеми Канцеларката Меркел со патетичната порака ‘мора да се согласувате, не го заборавајте тоа’, што се доживува како Софија и Скопје да се на исто рамниште, иако Бугарија е членка на ЕУ а ние аспирант чија игра ја води Софија. Таквиот  смирен тон не значи дека германската дипломатија е индиферентна, туку дека отвора перспективи за натамошни договори“, вели Ружин.

Прифаќањето, а потоа отфрлувањето на нон пејперот од бугарска страна, според него, укажува на можноста дека шансите за консенсус се уште постојат, со оглед дека бугарската дипломатија покажала променливи позиции.

„Бугарија е свесна дека дури и амблематично познатите кочничари на проширувањето на ЕУ како Франција, Холандија, Данска, не ја поддржуваат нејзината вето - политика. Како добри познавачи на Западен Балкан, веројатно не можат да се изначудат како Србите и Црногорците кои етнички се многу побликсу до заедничкиот идентитет и јазик отколку Бугарите и Македонците, взаемно не си ги оспоруваат етничката припадност, националниот идентитет и јазик, а тоа го прави Бугарија кон Северна Македонија во името на некои романтични соништа од минатиот век. Балкански илузии или алузии? Можеби ќе се најде компромис, а можеби ке се чека идната пролет за оваа разврска“, смета Ружин.

Bulgarien Nordmazedonien  Boyko Borissov Zoran Zaev
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

До последен миг

За компромис останува малку време. Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Кракачанов „се истакна“ и вчера, кога на Северна Македонија и даде рок „до петок брзо да корегира, а потоа да се види дали тоа е доволно за да почне преговори со ЕУ“.

Според македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, таков рок нема.

„Одлуката се носи на Совет на министри за европски прашања и надворешни работи кој што требаше да биде на 10-ти ноември, меѓутоа е одложен од Претседателството првично на 17-ти ноември и со тоа се добиваат дополнителни денови за усогласување помеѓу земјите членки по однос на текстот на рамката. Не можам да прејудицирам сто проценти во моментов каква ќе биде одлуката на 27-те земји членки. Тоа што знам е дека ние ќе работиме до последната минута од последниот ден за да можеме да испорачаме“, изјави Османи за „ТВ 24“.

Напорите за надминување на спорните прашања не прекинуваат.

„Разговаравме отворено. Остануваат овие денови да се искористат меѓусебната комуникација помеѓу групите. Направивме пресек на тоа што е постигнато. Сепак, има одредени исчекори напред во надминување на загриженостите. Зборувавме за достоинствени разговори помеѓу двете држави. Продолжуваат преговорите до последната минута пред одржувањето на самитот“, најави Османи.