1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијалогот власт -опозиција повторно во ќорсокак

Александар Чомовски28 март 2007

ДУИ нема да се врати во Парламентот додека не постигне договор за правата на припадниците на ОНА и законите што треба да се усвојат по Бадентерово правило,владата не прифаќа ултиматуми

https://p.dw.com/p/AdYk
Фотографија: aptn

Разговорите меѓу владеачката ВМРО ДПМНЕ и опозиционата ДУИ се во сериозна криза.Ниту по две недели нема елементарно приближување околу пакетот закони што според партијата на етничките Албанци треба да се гласа во Парламентот со нивните мнозински гласови според т.н. Бадентерово правило.ДУИ сега инсистира и на Бадентеровото правило во врска со идните закони,вклучувајќи ја и децентрализацијата.Јаловиот дијалог во понеделникот меѓу партиските делегации го напуштиле и дипломатите од САД и ЕУ,кои во Скопје се во својство на набљудувачи во преговорите меѓу ДУИ и ВМРО ДПМНЕ.Во арсеналот на притисок е вклучена и новата закана за враќање на мандатите на 17 пратеници од ДУИ.

-Барање за враќање на мандатите уште еднаш ќе повторам,имаше уште од почеток,кога не се почитуваше гласот на Албанците во Македонија.Што се однесува на работата на Парламентот,ние бевме во Парламентот,кога се гази Охридскиот рамковен договор,ние решивме да не присуствуваме,и затоа имаме една агенда која ја претставивме и потоа дојде господин Груевски,се согласи да разговара,но не се работи само за дијалог,туку за решавање на тие прашања,рече денеска Агрон Буџаку,близок соработник на Али Ахмети по разговорите со Мајкл Ли.Високиот европски дипломат ги стимулира политичките дијалози меѓу власта и опозицијата во Македонија во пресрет на најновиот извештај на Европската комисија.Но,ниту евродипломатот не успева со притисок ДУИ да се врати во Парламентот.Напротив,нејзиниот лидер Али Ахмети испратил ново,второ писмо до премиерот Груевски со кое инсистира припадниците на ОНА да добијат статус на борци со социјални права.Тоа изедначување со македонските бранители е неприфатливо за владеачката ВМРО ДПМНЕ.И додека опозициската ДУИ оценува дека со владата постојат крупни разлики,а кај кабинетот на премирот Груевски и тенденции да се ревидира Охридскиот договор,челникот на владеачката ДПА со став:

-Ние инсистираме и очекуваме целосна примена на Охридскиот договор и неговите стандарди,рече Арбен Џафери.

Состојбите на антагонизам меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ добиваат пак нова димензија.За Социјалдемократите е изненадувачко повлекувањето на уставните промени и новата владина тактика,задолжителното средно образование да се воведе со законски измени.Исто така во опозициската партија се изненадени и од решенијата за гласање на иселеништвото и вклучувањето на дијаспората на следните парламентарни избори,дотолку повеќе што тоа беше агенда што СДСМ ја понуди во разговорите со премиерот Груевски акко основа за дијалогот меѓу власта и опозицијата.