1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијаспората се приклучува на протестите во Романија

Роберт Шварц
10 август 2018

Под мотото #rezist од почетокот на 2017 година во Букурешт луѓето протестираат против корумпирани политичари и за независно правосудство. Сега сакаат да се приклучат и десетици илјади Романци кои живеат во странство.

https://p.dw.com/p/32wbp
Rumänien Protest Demonstration
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Bandic

На западните гранични премини кон Романија се тркала лавина од автомобили со британски, шпански, италијански и германски регистерски таблички. Романците кои живеат во странство, од Скандинавија до Португалија, преку социјалните медиуми со недели најавуваа дека ќе го поминат летниот одмор во Букурешт за на 10 август да бидат пред седиштето на владата и да демонстрираат за зајакнување на правната држава. Тоа е премиера во ЕУ.

Повеќе: Доста беше корупција!

Дијаспора - надворешна сила

Во европските држави живеат, работат или студираат околу четири милиони Романци - тоа се 20% од вкупното население на земјата. Најголемиот дел од нив се добро интегрирани во новата средина. Настаните во татковината ги следат преку романските телевизиски канали и пред сѐ - преку социјалните мрежи. Нивните коментари, оставени меѓу другото и на страницата на ДВ на романски јазик, за постојаните обиди на социјално-либералната влада и моќниот социјалдемократски шеф и човек кој ги влече конците, Ливиу Драгнеа, за ставање под политичка контрола на правосудството и за онеспособување на правната држава, се критички. Овде-онде се организираат демонстрации во европските големи градови за на Романците дома да им се покаже дека се дели незадоволството со сонародниците.

Rumänien Giraffen-Figur am Platz vor dem Regierungsgebäude
Романците кои живеат и работат во странство денеска треба да се соберат пред „Жирафата“, која се наоѓа спроти зградата на владатаФотографија: DW/C. Stefanescu

Сега, меѓутоа, многу од нив веќе не сакаат да стојат „на маргините“. Тие сакаат да земат удел во општеството кое, според романскиот Завод за статистика, секоја година го финансираат со над три милијарди евра. Негуватели или лекари, ИТ-стручњаци или градежници, жетвари или возачи - сите финансиски ги поддржуваат семејствата во татковината и со тоа - економијата во земјата. Само во последните 10 години Романците кои живеат и работат во странство, главно во ЕУ, дома префрлиле околу 40 милијарди евра. Без овие пари многу семејства во Романија би живееле под границата на сиромаштија, а потрошувачката, која е движечка сила на романската економија, драстично би опаднала. Поради овие причини, ако поради ништо друго, многу Романци од дијаспората сметаат дека имаат право активно да се вмешаат во политичките случувања дома.

Повеќе: Романија: Нема простување за корумпираните политичари

Нивното незадоволство во последните недели е дополнително зголемено поради непристојните изјави на нивна сметка од страна на политичари од владејачката ПСД и нивни приврзаници. Беа нарекувани „питачи, крадци и курви“ или „лумпендијаспора“, им беше подметнувано дека се платени од Сорос со цел да ја дестабилизираат Романија, дека се манипулирани од страна на Брисел... Вакви и слични „информации“ секојдневно се емитуваат од страна на ТВ-станиците под контрола на владата. Токму затоа Романците кои живеат и работат во странство сакаат денеска да се соберат пред „Жирафата“ (фигура на животното во природна големина пред Природонаучниот музеј), која се наоѓа спроти зградата на владата.

Полицијата - пријател и помагач на ПСД

„Не само што властите во Букурешт нѐ игнорираат, туку сега уште и нѐ навредуваат“, се лути Дана Херинг, која работи како медицинска сестра во Шведска. Разван Стефанеску, кој во Шведска вози камион на долги релации, своето незадоволство го изрази на оригинален начин. Со легални шведски регистерски таблички, направени по желба, на кои има вулгарен слоган на фудбалските хулигани против ПСД, ја разбесни владејачката партија. Романската полиција го уапси по влегувањето во Романија со неверодостојни  образложенија, но по огромните критики од земјата и странство мораше да го ослободи. Слоганот, токму поради претераната реакција на власта, стана повик за борба на протестното движење кој се слуша насекаде. Полицијата е обвинета дека реагирала своеволно, по политичка наредба.

Rumänien,Bukarest, schwedisches KfZ-Nummernschild mit einer verdeckten Beschimpfung der rumänischen Regierungspartei PSD wird viral im Netz
Регистерските таблички кои ја разбеснија власта во РоманијаФотографија: DW/R.Schwarz

Меѓу Романците дома и оние во странство не смее да има разлика - тоа е централната порака на оние што протестираат. Тоа го подвлекува и Кристијан Пресура во разговор за ДВ. Тој е научник кој работи во Холандија и се спротивставува на „од ракав“ извадените обвинувања дека дијаспората е платена за да учествува на протестите во Букурешт. „Нам не ни се ставаат на располагање бесплатни превозни средства“, вели тој, алудирајќи на начинот на кој владејачката партија ги носи своите приврзаници на собири во романскиот главен град. „Ние ги плаќаме сами нашите авионски билети и го организираме нашиот одмор така да бидеме навреме овде“, додава тој со насмевка.

Габриела Миреску од Цирих е уверена дека клеветењето на Романците кои живеат во странство од страна на владата е јасен знак дека власта се плаши од моќта на дијаспората. „Романците во странство имаат видено како функционира демократско општество. Сега сакаат такво нешто да биде можно и во нивната земја.“