1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Длабокиот пад на македонските „Чарлиеви ангели“

БГ
30 јули 2019

Корупциската афера во која се споменува и името на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ја нарушува довербата во политиката и во државата, пишува австрискиот весник „Стандард“.

https://p.dw.com/p/3MxOC
Nord-Mazedonien | Sonderstaatsanwaltschaft Katica Janeva
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Тие беа симбол на надежта, иднината, правдата, а од пред некој ден станаа најголемото разочарување. Ова е заклучокот на австрискиот весник Стандард кој денеска објавува анализа за случајот „Рекет“ и неговите последици врз специјалната обвинителка Катица Јанева и целото СЈО. 

„Катица Јанева, шефицата на Специјалното јавно обвинителство, кое беше формирано во 2015 година, за да расчисти со стариот корумпиран систем во Северна Македонија, од пред некој ден е најголемото разочарување во малата земја во Југоисточна Европа. Сомнежот е дека таа интервенирала во еден случај за многу пари. Во меѓувреме, таа поднесе оставка,“ пишува Стандард

„Медиумите се сомневаат дека Јанева интервенирала во полза на Камчев и самата извлекла корист. Нејзиното однесување во секој случај е сомнително. Прво тврдеше дека имала само еден телефон, но подоцна беше пронајден вториот мобилен телефон кај пријателка на нејзиниот син. Притоа, нејзиниот син работи во телевизијата која му припаѓа на првоосомничениот Бојан Јовановски. Постојат и фотографии на Јанева кои го потврдуваат пријателството со Боки 13. 

Во центарот на скандалот се аудио снимки од разговори меѓу Камчев и Јанева, кои тој самиот ги снимил. Јавното обвинителство го потврди постоењето на снимките. Јанева, во моментов, не е осомничена. Но, таа двапати го примала Јовановски во својата канцеларија во СЈО.“ 

Весникот заклучува дека штетата е веќе направена и дека тоа ја става во неповолна позиција и актуелната влада. 

„Без оглед дали и колку е Јанева инволвирана, штетата е веќе огромна: Затоа што Специјалното јавно обвинителство, кое го доведе и поранешниот премиер Никола Груевски пред суд, е една од ретките институции во Северна Македонија на која граѓаните ѝ даваа огромна доверба од 70 проценти. Трите водечки обвинителки беа нарекувани 'Чарлиевите ангели' и 'Челичните дами'. За многу граѓаните тие беа најголемите херои во земјата, а многумина носеа и маички со нивните ликови.“ 

„Сега стануваат погласни оние гласови во Северна Македонија, кои тврдат дека бездруго 'сите јавни обвинители и судии' во земјата се корумпирани и дека Специјалното јавно обвинителство е политички проект со кој требало да се урне Груевски од власт. Тоа му наштетува и на актуелниот премиер Зоран Заев, кој ветуваше промена на политичката култура. 

Притоа, скандалот се случува во еден деликатен момент. Затоа што Специјалното јавно обвинителство може да продолжи со работа само доколку се донесе закон со двотретинско мнозинство во парламентот, со кој тоа треба да стане дел од етаблираниот правен систем. 
Сѐ уште е нејасно дали опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка за законот. Како услов за поддршката тие ќе бараат поголемо влијание во распределбата на функциите во правосудството“, пишува австрискиот весник Стандард