1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доаѓа ли и „етиопска пролет“?

Филип Санднер/ Симе Недевски18 август 2013

Критиката за властите во Етиопија е сѐ посилна. Муслиманите, кои се малцинство во земјата, но и опозицијата, организираа демонстрации против раководството во Адис Абеба, кое го обвинуваат за произволни апсења

https://p.dw.com/p/19RBr
Фотографија: Stringer/AFP/Getty Images

Делови од муслиманското население минатата недела протестираа ширум Етиопија. Бараа ослободување на религиските лидери и активисти. 29 уапсени ќе мораат да одговараат пред суд - обвинети се за тероризам - неправедно, тврдат демонстрантите. Нив ги поддржува Амнести интернешнал. „Претпоставуваме дека тие лица се кривично гонети поради нивното ангажирање во мирни протесни движења“, вели стручњакот за Етиопија, Клер Бестон од Амнести инетрнешнал. „Видовме дека муслиманското протесно движење, активно повеќе од 18 месеци, е изложено на огромна репресија.“
Муслиманите во претежно христијанската Етиопија се малцинство - но сепак чинат третина од населението. Одвојувањето на религијата од политика е запишано во Уставот. Меѓутоа владата, критикувајќи ги демонстрантите, тоа го игнорира. Некои муслимани се особено лути на тоа што владата финансиски ја поддржува умерената исламистичка група „Ал-Ахбаш“- за да спроведе во земјата умерено религиско образование. Освен тоа владата се вмеша и во изборот на лица за највисокиот исламски совет во земјата.

Äthiopien Addis Abeba Fastenbrechen Eid al-Fitr Gebet
Фотографија: Reuters

Протести и тероризам

Повеќе пати во текот на демонстрациите на почетокот на месецов дојде до конфронтација помеѓу демонстрантите и полицијата. Спред официјалните податоци загинале три лица. Очевидците и блогерите, меѓутоа, зборуваат за повеќе од 10 мртви. Етиопската полиција тврди дека салафистите ги координираат протестите.
Владата и натаму се обидува да го поврзе муслиманското протесно движење со тероризам, вели Клер Бестон. „Истото се обидува да го стори и со различни политички партии и со протесните движења во земјата.“ И политички активисти, повторно под изговор дека се осомничени за тероризам, се апсат. Основа за таквата акција претставува законот за борба против тероризам кој стапи во сила во 2009 година. За изјавите кои би можеле да бидат сфатени како охрабрување на терористички активности, е предвидена казна и до 20 години затвор. Борците за човекови права веќе со години се жалат дека таквите широки можности за толкување на законот ја ограничуваат слободата на населението. Германската Фондација Хајнрих Бел поради протест против заострената ситуација со човековите права во 2012. ја затвори својата канцеларија во Адис Абеба.

Зрак надеж

Веќе неколку недели и политичките опозициски групи демонстрираат против самоволните апсења, во знак на солидарност со муслиманите. Групата „Сина партија“ бара либерална демократија и особено ги привлекува младите луѓе. На почетокот на јуни групата организираше големи демонстрации во главниот град Адис Абеба, на кои учествуваа илјадници луѓе. Изненадување: За разлика од претходите години автократската државна власт ги дозволи протестите. Демонстрантите одбраа вистинско време, вели Алелуја Луле од Институтот за безбедносни студии во Адис Абеба. „Првите демонстрации се одржани неколку дена по одбележувањето на 50. годишнината на Африканската унија.“ Владата ги дозволи протестите за да избегне скандал во тек на меѓународната прослава, вели Луле.
Но демонстрациите се проширија и во градовите на северот на Етиопија- Гондар и Деси- и таму беа дозволени. Сепак прерано е да се каже дали е владата подготвена за реформи, вели Луле. Очигледно бил извршен притисок врз организаторот на демонстрациите. Јилкал Гетнет, шефицата на „Сината партија“, во интервјуто за ДВ зборува за анонимни закани: „Ни се јавуваа од различни телефонски броеви и рекоа дека не треба да ја критикуваме власта.“ Но Гетнет не се заплашува толку лесно: „Секогаш сме во опасност, но сме подготвени на се' за да ги одбраниме нашите права.“
Во Етиопија долго беше незамисливо да се протестира против политичкото раководство. Владата на поранешниот премиер Мелес Зенави во 2005. насилно ги задуши протестите и со тоа предизвика егзодус на критичарите на режимот. Тоа што сега опозицијата повторно се осмелува да го крене својот глас, е навистина зрак на надеж , вели набљудувачката Луле.

Demonstration in Addis Abeba 02.06.2013 Protest Slogan
Фотографија: DW/Y. G.Egziabher