1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добри вести се одлични вести

Астрид Пранге
1 јануари 2019

Дајте ни дневна доза катастрофи? Не, благодарам! Ова е ода за добрите вести, кои ни се неопходни. Никогаш немале толку големо значење колку што имаат денес.

https://p.dw.com/p/3Ap08
BdT Symbolbild Silvester 2018/2019
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Изгледа како никогаш да немало толку лоши вести колку денес. Да ги немаше на претек, ќе мораше да ги измислуваме. Војни, болести, глад, природни катастрофи – дали човештвото воопшто ќе излезе на крај без лоши вести?

Дневната доза катастрофи покажува колку е фрагилен светот во кој живееме и колку е ранлив секој човек и човештвото воопшто. Покажува и колку е битно да имаме емпатија и солидарност. Луѓето не само што знаат да предизвикаат катастрофи, туку тие знаат и да ги спречат, да се справат со нив и да помогнат во надминување на нивните последици.

Мир кој помина незабележан

Во октомври 2018 година претседателот на Етиопија, Аби Ахмед, и претседателот на Еритреја, Исајас Афверки потпишаа мировен договор по 30-годишно крвопролевање. Историски договор кој прекина децениско војување и предизвика еуфорија.

На Корејскиот Полуостров започна внимателно помирување. Во 2018 имаше три самита помеѓу Северна и Јужна Кореја. Од заедничката зона Панмунјом треба да се повлечат голем дел од војниците и оружјето. Годинава севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун првпат треба да отпатува во Јужна Кореја.

Нежно и жилаво

Добрите вести се нежни растенија кои бараат нега и внимание. Во времиња на лажни вести, говор на омраза и слично, добрите вести се губат во напливот од лоши. Па така и во општиот Брегзит хаос остана незабележано дека Грција по осум години, како трета земја по Ирска и Португалија, го напушти аранжманот со ЕУ за помош. Повеќе внимание заслужија и милионите луѓе кои во Унгарија, Полска и Романија излегоа на улиците да протестираат против корупција и за демократија. Наместо тоа, на сите канали се зборуваше за растечкиот десен популизам.

„Ќе успееме"

Добрите вести се жилави. Тие долгорочно го менуваат светот. Тие не исчезнуваат во дигитална нирвана како „твитовите“ на американскиот претседател Доналд Трамп, Александар Гауланд или новиот бразилски претседател Жаир Болсонаро.

На пример, обновливи енергии: Без оглед на тоа дали САД се оддалечуваат од договорот за климатски промени, учеството на обновливите извори на енергија во глобалното производство на електрична енергија се зголемува. Според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), уделот на „еко“ електрична енергија на светско ниво е 25 проценти, а во Германија дури 38 проценти.

Дури има напредок и во интеграцијата на бегалците, иако таканаречената бегалска криза секојдневно предизвикува дебата. Претседателот на работодавачите Инго Крамер неодамна изјави дека германската канцеларка Ангела Меркел со својата реченица „ќе успееме", имала право. Од речиси еден милион луѓе кои во 2015-та година дојдоа во Германија, над 400.000 илјади завршиле некаква обука или работат.

Овие успешни приказни покажуваат дека луѓето можат да се справат со кризите, да ги совладаат болестите, да се откажат од оружје, да ги заштитат животите, да ја намалат сиромаштијата, да создадат благосостојба и да ја заштитат животната средина. Тие се триумф на човековиот разум и емпатија наспроти говорот на омраза и теориите на заговор.

Желба за мир

Иако може да изгледа чудно поради големиот број војни и конфликти: 2018-та за поголемиот дел од светското население беше добра година. Само еден поглед на статистиките од Светска банка и Светската здравствена организација покажуваат дека сиромаштијата во светот се намалува, сѐ поголем број домаќинства (речиси 90%) имаат пристап до струја, драстично се намалени болести како маларија и туберкулоза, а намалена е и смртноста на мајки и деца. Овие позитивни промени не се постигнати преку Твитер-пораки или демонстрации на самопрогласени заштитници, туку преку безбројни иницијативи од луѓе кои веруваат во промени и придонесуваат тие чекор по чекор да се остварат.

Резултатот гласи: добрите вести никогаш не биле толку важни како денес. Бидејќи без нив ќе ја загубиме вербата во еден подобар свет, а со тоа и мотивацијата да се бориме и залагаме за човекови права и слободи.

Добрите вести се жилави. Тие преживуваат многу мали и големи катастрофи кои секојдневно ги прогонуваат преку дигиталните мрежи и телевизиски канали. Добрата вест за крајот на годината гласи: и во 2019-та нема ништо да се промени. Среќна Нова Година!