1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добри концепти за градење на мирот се на цена повеќе од било кога

Клаус Даман23 август 2006

Не е пресуден мандатот на меѓународните мировни мисии, туку она што следи по нив: актуелните безредија во Конго покажуваат дека успехот на мисиите зависи и од ефикасни мерки за стабилизација

https://p.dw.com/p/Ady6
Војниците на ОН во Киншаса (Конго)
Војниците на ОН во Киншаса (Конго)Фотографија: AP

Во Њујорк се во тек подготовките за меѓународната мировна мисија за Либан, се дискутира за нејзиниот состав и кој ќе ја води. Таму меѓународната заедница треба да осигури едно кревко примирје, за да постигне траен прекин на огнот. Но, истовремено многу прашања се и натаму отворени. Меѓу другото, и како да се наведе милицијата на Хезболах да го предаде оружјето. Или, како потоа од Либан да се оформи една стабилна суверена држава, која ќе коегзистира во мир со јужниот сосед Израел. Тоа тешко ќе е можно без трајно присуство на меѓународни трупи, а како што покажуваат слични случаи, ни тоа не е гаранција за успех.

Најнов пример е Конго. 17-те илјади војници на ОН стационирани таму, за изборите засилени со уште 2 илјадни трупи на ЕУ, не успеаја да спречат повторно избивање на борби меѓу приврзениците на двајцата најизгледни претседателски кандидати Жозеф Кабила и Жан-Пјер Бемба. На Хаити од пред две години има повеќе од 7 илјади војници на ОН, но тие не можат да го заштитат населението од бандите што пустошат, дури и самите се цел на напади. Ни во Источен Тимор меѓународните трупи не можеа да спречат подметнување пожари и грабежи од страна на вооружени банди – земјата е се’ уште далеку од безбедност и стабилност.

Но, ни без инертните ОН не оди подобро – како што се покажува во Авганистан, каде трупите предводени од САД и сега НАТО треба да воспостават ред и мир. Наспроти првобитните надежи, тие ни го фатија шефот на терористите Осама бин Ладен, ниту го скршија отпорот на талибанците. Напротив, талибанците јакнат, не е на повидок крај на тероризмот во име на Ал Каеда, а власта на централната влада во голема мера е ограничена само на главниот град Кабул. За уште покатастрофалните искуства на САД и нивните сојузници во Ирак воопшто и да не се зборува.

Успешните мисии се ретки. Тешко е како светли примери да бидат наведени Босна и Херцеговина или Косово, но за разлика од Хаити, Конго или Авганистан, тие сепак се’ тоа. Рецептот за успех на мировните мисии во југоисточна Европа од една страна е во значително поголемата сила на трупите: на Косово, на пример, се ангажирани 17 илјади војници на НАТО – спредливо со бројот на војници на ОН во Конго; само, таа земја е 200 пати поголема и има 25 пати повеќе жители отколку Косово. Но, во југоисточна Европа многу поважна е географската и политичка близина до ЕУ, оти таа ја финансираше обновата во некогашна Југославија и понуди средно- до долгорочна перспектива за пристап.

Мировните трупи на ОН навистина можат да смират конфликти, но изгледите за мир се минимални кога се тие толку длабоко вкоренети, како на Блискиот исток. Јасно е: нужни се концепти за времето потоа. За да ги соберат позитивните повоени искуства од таквите региони, ОН годинава востановија таканаречена Комисија за градење на мирот – добар и важен чекор. Патентирани рецепти, навистина, нема, но едно сознание веќе може да се извлече: траен мир чини многу, далеку повеќе отколку досегашната готовност за инвестирање во кризни земји – од Хаити, до Источен Тимор.