1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добро е да се види и да се биде во Берлин!

Силвера Падори-Кленке31 август 2013

Интересот на македонските уметници за Берлин е голем. Особено последниве години кога над 60-тина македонски творци се претставиле и побарале свое место во креативната сцена на престолнината.

https://p.dw.com/p/19ZOp
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Берлин е полн со млади творци и е во центарот на вниманието и на креативните случувања во Европа. И тоа не само поради музеите и галериите кои се вистински магнет за сите оние кои имаат барем малку чувство за убавината и уметноста, туку и поради разните стипендии, грантови и студиски престои кои ги нудат најразлични институции. Ваквата позитивна понуда на престолнината ја уживаат и уметниците од Македонија и Балканот, кои рамноправно како и другите творци од светот се обидуваат да освојат свое катче во некогаш поделениот град, кој се’ почесто се дефинира како нов центар на современата, млада и авангардна европска уметност. Во оваа слика на престолнината се вклопува и квартот Вединг со бројните галерии меѓу кои е проект просторот Прима Центар низ кој изминативе 9 години, преку претставувањето на над 60 македонски автори се етаблираше како вистинска лансирна рампа за младите творци од земјата, но и Балканот. Многупати низ галеријата минуваат сосема непознати нови миња, а делумно и веќе афирмирани творци. ДВ се обиде да даде одговор колку престојот во Берлин, на кус или подолг рок, влијае врз животот и творештвото на уметниците од Македонија и колку навистина претставувањето пред оваа публика е критериум за успехот?

Различни желби, индивидуални одлуки

Како сите луѓе, така и уметниците се различни и секој еден поинаку го доживува Берлин. Од разговорите со многумина кои минале низ Берлин, меѓутоа би можеле да се диференцираат неколку групи уметници. Такви кои сакаат само да се запознаат со локалната креативна сцена на Вединг и Берлин. Други кои во престолнината минуваат безмалку „туристички“, кои по претставувањето и полнењето на „креативните батерии“ со впечатоци од градот, без поголеми амбиции се враќаат на старото во Македонија. Трети кои престојот го користат за собирање информации за натамошно студии и можна соработка со други галерии. И такви за кои Берлин бил пресвртница и придонел за промена на нивниот творечки пат, за разбирање на суштината да се живее како самостоен уметник во Европа и чувството финансиски да се опстане од сопственото творештво.
„Постојат автори кои се индивидуалци и не ги интересира ништо локално што се случува во Македонија. Ги интересира само она што во моментов е ’хит’ во Европа и светот. Тие се концентрираат на таа продукција и естетика и се обидуваат да се лоцираат и да си најдат место во тој светски процес. Тоа се автори кои се посебно интересни, кои се борци. На пример во Берлин беше изложена една прекрасна инсталација на Тихмоир Топузовски, кој во моментов се труди да си создаде убав живот како уметник во Лондон. Или Љупчо Темелковски, кој на почетокот не беше сигурен дали да остане во Берлин или не. Но, градот го фасцинирал и тој е моментно на постдипломски студии на форографија. Тука остана и Ана Матовска, која по изложбата во Прима Центар, ја продолжи наобразбата токму во Берлин. Па Мимоза Велиу, која е исклучително надарена фотографка. Има и автори кои дошле, останале на дообразба два-три месеца, и заминале назад во Македонија како на пример Благоја Наумовски Бане или Олгица Антовска “,подвлекува Јован Балов, уметник, куратор,човекот кој стои зад Прима Вентари и кој има најголем придонес за претставувањето на македонските уметници во престолнината.

Да се споредиме!

Дека во Македонија не е лесно да се живее и твори, особено последниве години, подвлекува и Симонида Фидановска-Китановска која како дел од „Динамичното дуо“ деновиве заедно со Касиопеја Наумовска излага во Берлин. За Симонида, Македонија сепак останува местото на кое сака да создава. Инаку, таа смета дека македонските уметници имаат шанси и можат успешно да се претставуваат и во странство. Дури и повеќе од оноие кои таму живеат и творат само на тој простор.
„Претставувањето во Берлин за мене е прилика на некој начин да се измерам до каде сум стасала со творештвото, споредувајќи се со уметноста и со она што се случува тука, во Европа. Се отвора и можност да се запознаат и нови луѓе, да се остварат нови контакти“, кажува за ДВ Касиопеја Наумовска, која е категорична дека од економски аспект Македонија никогаш не била добра за творештво, зашто е мала и сиромашна земја и на уметниците секогаш им било тешко да опстанат. Но, од друга страна „Македонија отсекогаш била почва која е богата со таленти. Тоа се негува, постои и ќе постои и од овој аспект Македонија е добра за уметничко творење, зашто во суштината уметноста нема цена на создавање“.
И на Наумовска и на Филипова-Китановска Берлин не им’ е ниту прва, ниту последна станица каде се претставуваат. Во Македонија и обете професионално се ангажирани освен со своето творештво и со педагошка работа со млади творци. Согласно востановените критериуми секој би рекол дека се успешни уметници како во Македонија, така и пошироко. Но, дали овие критериуми се оние истите кои владеат во креативните престолнини, за каква последниве години се дефинира и Берлин? Што значи да си успешен уметник во Берлин? Дали тоа значи дека живееше од уметноста и финансиски си независен или успехот се мери по бројот на изложбите и оценките на критиката?

Цената на успехот

За да се разбере поимот „успех на еден уметник“ особено во Берлин, според искуството на оние кои тука творат, најпрво треба да се разберат трите принципи кои важат за еден автор во овдешниот амбиент. Како и за кого тие творат? Првиот сегмент на нивната работа се однесува на комерцијалните галерии, за кои уметникот создава производ, кој доколку е квалитетен, еден добар галерист успева и добро да го продаде. Второто ниво се комуналните и институционалните изложбени простори кои имаат одредени програми и заради својата концепција индиректно го диктираат трендот кој уметниците сакаат да го следат. Тие нудат стипендии, студиски престои и сл. Кон ова ниво се ориентираат уметници чие твоирештво честопати веќе се наоѓа во музејски колекции, значи не создаваат дела кои еден галерист може да ги продаде.Тоа се творби со друга концепција, со друга намена и значење. И третатиот сегмент во која припаѓа и Прима Центар, се независните проект-простори кои ги помагаат и кон кои се ориентираат пред се’ младите автори.
Во Берлинската сцена ваквите простори се тренд. Регистрирани се над 200 проект-галерии кои имаат финансиска помош од Сенатот за култура на Берлин кој преку јавни конкурси доделува 7 – 8 еднократни грантови од по 20.000 евра со кои се стимулира нивната работа. Важно е што во овие проект-галерии твореците, меѓу кои и македонските, имаат можност двојно да се презентираат: и како уметници кои создаваат производ и како уметници кои создаваат содржини. Шансите кои ги нудат овие проект простори будно ги следат и креативците од Македонија. И добро е што е така. И добро е што имаат можност на кусо или подолго, да го почувствуваат предизвикот и ризикот, магијата и неизвесноста на уметничкиот импулс - токму во Берлин.

Die Kunst "Dynamische duo" - Zwei Kunstlerinen aus Mazedonien
Живот и работа во Македонија - изложби во светот - е определбата на Симонида Филипова-КитановскаФотографија: DW/S. Padori-Klenke
Photographin Mimoza Veliu
Фотографот Мимоза Велиу сега твори во БерлинФотографија: DW
Jovan Balov
Дел од уметниците ја искористија шансата, дел само ги полнат „батериите“: Јован БаловФотографија: DW/ Padori-Klenke
Die Kunst "Dynamische duo" - Zwei Kunstlerinen aus Mazedonien
Да се спореди сопствената со уметноста на Европа - Касиопеја НаумовскаФотографија: DW/S. Padori-Klenke