1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорен механизам за одржување на примирјето во Сирија

НД/ дв
24 јануари 2017

Епилогот од сириските мировни разговори во Астана е договор помеѓу Русија, Турција и Иран за трилатерален механизам кој ќе го одржува прекинот на огнот. Во меѓувреме, САД одби соработка со Русија во Сирија.

https://p.dw.com/p/2WJuG
Kasachstan Syrien Friedensgespräche in Astana
Фотографија: Reuters/M. Kholdorbekov

По завршувањето на денешнитепреговори во Астана, Русија, Турција и Иран излегоа со заедничка изјава, во која се вели дека новиот механизам, покрај другото „ќе превенира провокации и ќе ги утврди сите моделитети на прекинот на огнот“.

Русија и Иран, кои ѝ пружаат воена поддршка на сириската влада, како и Турција, која поддржува поголем дел од бунтовничките елементи во Сирија, соопштија дека се одлучни „заедно да се борат“ против терористичките групи Исламска држава (ИД) и Фатах ал-Шам која се поврзува со Ал Каеда.

Исто така, во заедничката изјава на трите земји се истакнува дека на мировниот процес поддржан од ОН, кој се одвива во Женева и во кој учествуваат претставници на владата и опозицијата од Сирија, му треба „брз старт“. Средбата на владините и опозициските претставници во Женева е планирана за следниот месец.

Разговорите во главниот град на Казахстан кои почнаа во понеделникот имаа за цел да го поддржат и осигураат прекинот на огнот помеѓу владата и дел од опозициските групи постигнат со посредство на Русија, Турција и Иран минатиот декември.

Syrien | Rebellen der Free Syrian Army während der Operation Euphrates Shield in Aleppo
Интензитетот на борбите во Сирија е малку намален во споредба со периодот пред декемвриФотографија: picture-alliance/AA/abaca

Договорот од декември успеа да го намали и ограничи интензитетот на борбите во Сирија, иако и владата и бунтовниците се жалат на прекршување на истиот.

Во договорот не учествуваат терористичките групи како Фатах ал-Шам или Исламска држава, кои во моментот се вклучени во голема офанзива против владините сили во провинцијата Деир ез-Зор.

Здружени сили?

Руската армија, во меѓувреме, извести дека изведува заеднички напади со силите на САД врз цели на Исламска држава во Сирија. Министерството за одбрана на Русија сопшти дека командантот на руските воздухопловни сили „ги добил од американската страна... координатите на целите на ИД во Ал Баб, провинција во Алепо“.

„Два авиона на руските воздухоловни сили и два авиона на меѓународната коалиција предводена од САД извршија воздушни напади врз терористички цели“, и притоа уништија складишта со оружје и гориво, додаваат од руското Министерство за одбрана.

Министерството за одбрана на САД ги отфрли тврдењата на руските колеги, но портпаролот на Доналд Трамп, Шон Спајсер, за новинарите во Вашингтон изјави дека новиот претседател на САД е отворен за продолжување на заедничките операции со Русија во борбата против ИД во Сирија.

„Доколку има начин да се бориме против ИД, заеднички со која било држава, без разлика дали тоа е Русија или некоја друга, и имаме национален интерес правејќи го тоа, сигурно, ќе го сториме тоа“, изјави Спајсер за новинарите.

Претседателот Трамп беше отворен во неговата намера да ги подобри односите со Русија и кажа дека негова цел е да се уништи ИД.