1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор за Изборниот законик

ЕМФ/миа15 јануари 2014

Владата и парламентарните политички партии во Македонија постигнаа консензус во врска со измените и дополнувањата на Изборниот законик.

https://p.dw.com/p/1Ar1x
Фотографија: MIA

Министерот за правда Блерим Беџети денеска (15.01) информираше дека е постигнат договор за сите отворени прашања меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата, и дека пред следните парламентарни избори ќе се разгледува само поглавјето што се однесува на дијаспората.

„Можеме слободно да кажеме дека се исполнети сите препораки од ОБСЕ и ОДИХР и што е најбитно силната волја на Владата и на политичките партии дојде до израз и имаме консензуален изборен законик, кој е веќе во собраниска постапка“, изјави Беџети.

Тој денеска имаше куса средба со претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ, Државната изборна комисија, Никола Тодоров, Цветанка Иванова и Весна Бендевска, Абдилаќим Адеми и претседателот на ДИК, Никола Рилковски.

Рилковски, изразувајќи задоволство од постигнатиот договор, рече дека ДИК е подготвена за претстојните претседателски избори со тоа што највисокото изборно тело во државата ги чека финалните измени на Изборниот законик за по него да се направат и последните подготовки за успешно да се спроведат претстојните претседателски избори.

Според постигнатиот договор, во предизборниот период предвидено е одделување на државата од партијата, забрането е почнување со градежни работи, ставање камен- темелници, пуштање во употреба на објекти изградени со буџетски средства. За непочитување на оваа одлука предвидена е затворска казна од шест месеци до една година. Забрането е да се врши исплаќање субвенции, плати, пензии, социјална помош и други материјални надоместоци од буџетски средства кои не се редовни месечни примања, како и исплаќање на годишни трансфери од буџетот. Секој носител на јавна функција којшто ќе исплати субвенции, плати, пензии, социјална помош и други материјални надоместоци од буџетски средства ќе се соочи со казна затвор од три до пет години.

Mazedonien Das Parlament in Skopje
Фотографија: Petar Stojanovski

Обврска на министерот за финансии е да ги објавува сите финансиски исплати во изборен период и обврска да достави изборен финансиски извештај во преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи во буџетот. За непочитување на оваа одлука, според договореното, е предвидена казна затвор од шест месеци до една година. Исто така, договорено е МВР да врши ажурирање на избирачките списоци четири пати во годината и да се направи посебен извод на лица кои на денот на изборите се во странство, како и тоа партиите да можат да бараат корекција на избирачкиот список. Донациите се ограничени на 50.000 евра, вклучително и за медиумите.

Измените и дополнувањата на Изборниот законик предвидуваат новинари, уредници, презентери да не смеат да учествуваат во предизборните активности на политичките партии. Исто така, предвидена е забрана за платено политичко рекламирање од денот на распишување на изборите до почеток на изборната кампања. Од тој датум ќе има забрана и за објавување на реклами финансирани од буџетот. Рекламирањето ќе биде ограничено на 12 минути во текот на изборната кампања и јавно ќе биде утврден ценовникот. МРТ за време на изборната кампања треба да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма. За непочитување на оваа законска одредба следува разрешување на директорот. Дополнително, Собранискиот канал ќе обезбеди бесплатно рекламирање по три часа и за опозицијата и за владејачките партии.

Во разговорите за измените и дополнувањата на Изборниот законик не учествуваа претставници на ДПА и, според најавите, се очекува тие да не гласаат за овие измени.