1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор за молк

7 октомври 2005

Средбата на врвот што вчеравечер ја одржаа партиите на унијата и СПД заврши со договор за молчење – до понеделник

https://p.dw.com/p/AcCE
Кој ќе попушти,Шредер или Меркел?
Кој ќе попушти,Шредер или Меркел?Фотографија: AP

Првиот разговор во осум очи, во зградата на Парламентарното друштво во Берлин траеше неколку часа, но што точно се разговарало за време на вечерата – останува тајна на Меркел, Штојбер, Минтеферинг и Шредер. Најдоцна до недела навечер, четворицата политичари ќе седнат уште еднаш на маса и ќе разговараат за функциите и позициите, заедничките политички програми, бројот и составот на министрите и се разбира – за т.н. К-прашање, односно прашањето кој ќе биде канцелар. Многу штоф за дискусија, но и сосема реални шанси, изјави шефот на ЦДУ, Ангела Меркел пред средбата: “Сите сме единствени дека не смее да има коалиција по принципот – најмал заеднички именител, туку со оглед на големите задачи, шансата треба да се искористи за да се направи коалиција на нови можности за нашата земја.“

Сепак дотаму сеуште не е дојдено, а што се разговарало зад затворени врати – тоа јавноста нема толку бргу да го дознае, најави и лидерот на социјалдеморкатите, Франц Минтеферинг уште попладнето: “Во понеделник наутро ќе известиме. Тогаш од нас ќе дознаете каква е ситуацијата. Во меѓувреме сите обиди се безуспешни, зашто се договоривме да не кажеме ништо. Значи, можете да минете мирен викенд.“

Мирен викенд, као и да е, нема да има. Во Берлин вари кујната со шпекулации. Кој ќе го заземе кое министерско место, какви отстапки ќе направи унијата за СПД да се откаже од канцеларското место? Мора да биде најден компромис во кој двете страни ќе можат да го зачуваат образот, а тоа не е толку лесно да се договори. За партиите на унијата, вели премиерот на Долна Саксонија, Кристијан Вулф, едно е сепак сосема јасно: “Мора да се согледа дека за две позиции не може да се преговара. Тоа е позицијата на шеф на владата, кој го предлага најсилната фракција во парламентот, а тоа е ЦДУ-ЦСУ и не се преговара околу претседателот на Бундестагот, кој исто така го дава најсилната партија. “

СПД, официјално, не сака да се откаже од Герхард Шредер. Но, Шредер самиот рече дека нема да и стои на патот на една голема коалиција, а и шефот на СПД, Минтеферинг вчера попладне веќе не звучеше целосно бескомпромисно: “Ако еден партиски конгрес на социјалдемократите реши – одиме со Герд Шредер или без Герд Шредер, тогаш мислам дека таквиот став ќе го застапи и фракцијата во Бундестагот. “

Сабине Кинкарц