1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор за слободна трговија меѓу БиХ и Турција

Мехмед Смајиќ
3 мај 2019

Претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган потпишаа ревидиран Договор за слободна трговија помеѓу БиХ и Турција.

https://p.dw.com/p/3Hs6C
Türkei Mitglieder des Präsidiums von Bosnien und Herzegowina bei Präsident Erdogan
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Kula

За турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган односите со Турција отсекогаш претставувале приоритет. По средбата со членовите на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и Шефик Џаферовиќ, тој изјави дека „Турција продолжува да вложува напори за стабилност на БиХ во секој поглед и јакнењето на економската соработка ќе придонесе кон внатрешната политичка ситуација и напредок на општеството.“

Турскиот претседател, кој често на Запад добива критики поради зголемената авторитарност на режимот во неговата земја, оцени дека Договорот за слободна трговија помеѓу БиХ и Турција е од големо значење зашто „ќе придонесе кон трговска размена од милијарда евра.“ Единствени две земји на кои Турција им дозволи слободен пристап на услуги и трговија се Сингапур и сега БиХ.

Според министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ, Мирко Шаровиќ, спогодбата со Турција е бенефиција за босанскохрватското земјоделство. Шаровиќ во интервју за Klix.ba изјави дека Договорот за слободна трговија овозможува БиХ да има слободен пристап на пазарот на Турција, како и на Турција во БиХ кога се во прашање услуги и јавни набавки.

Во БиХ се регистрирани најмалку 100 турски компании со околу 4.000 вработени. Вложувањата на турски претпријатија во БиХ се проценуваат на приближно 600 милиони евра.

„Кога е во прашање говедско месо, Турција врз база на веќе испреговараниот договор во наредните пет години на БиХ ѝ обезбеди извоз од осум илјади тони, на што се надоврзуваат две илјади тони пилешко и овчко месо. Така БиХ годишно би требало да извезува околу 15 илјади тони месо“, нагласи Шаровиќ. Обезбеден е и извоз на масло и гликозен шеќер, како и на брашно и други производи. 

Силна поддршка на Турција за членство на БиХ во НАТО

Турскиот претседател Ердоган на гостите од БиХ, меѓу кои поради здравствени причини не беше присутен третиот плен на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, изјави дека Турција силно ги поддржува евроатланстките интеграции на БиХ, а посебно зачленувањето во НАТО.

Türkei Mitglieder des Präsidiums von Bosnien und Herzegowina bei Präsident Erdogan
Милорад Додик, Реџеп Таип Ердоган и Шефик ЏаферовиќФотографија: picture-alliance/Xinhua/M. Kaya

БиХ претставува вистински мозаик на Балканот, истакна Ердоган, поради што мирот и стабилноста во таа земја се од важност за цела Европа. Милорад Додик истакна задоволство што „Ердоган ги чу нашите разлики во БиХ во поглед на пристапот и поради што тоа се случува. Неопходно е што поскоро формирање власт заради продолжување на соработката, но и заради овозможување продолжување на реализацијата на битни прашања, како соработката со НАТО. Во врска со членство во Алијансата, на јавноста ѝ се познати разликите кои постојат во БиХ“, заклучи Додик. 

Во текот на посетата на делегацијата од БиХ во Турција, потпишан е и Меморандум за разбирање во врска со изградбата на автопатот Белград-Сараево, со кој е предвидена динамика на процесот во изградбата на делот од патот кој поминува низ БиХ.

Повеќе:

Турција го игра „Големиот брат“ и во БиХ

Турција и Балканот: Нова отоманизација или деловни интереси?

Милорад Додик истакна дека при разговорите со Ердоган, турскиот претседател повеќепати истакнал оти изградбата на автопатот Сараево-Белград е меѓудржавен проект.

Договор за изградба на овој автопат Турција веќе потпиша со Србија, но само за дел од сообраќајницата која поминува низ Србија. Изградбата на автопатот би требало да чини близу три милијарди евра, а на цената ќе влијаат бројот на тунели и мостови.

Кога станува збор за делот од автопатот низ БиХ, Милорад Додик појасни дека трасата ќе се движи од „Рача преку Бијелина, па преку Брчко и Лончари и ќе се спушти кон Сараево (преку Тузла и Жепче), од каде се оди на Пале, Рогатица и Вишеград, каде ќе се прави поврзница за Горажде, а со Србија ќе се прави спојница кај Вардиште.“