1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патот на свилата против 'Америка прво'

БГ
25 јануари 2017

Кина се обидува да го искористи празниот простор во меѓународните односи оставен со преземањето на Доналд Трамп на претседателската функција во САД. Патот на свилата против 'Америка прво'.

https://p.dw.com/p/2WLzn
Schweiz Weltwirtschaftsforum Davos - Chinesicher Präsident Xi Jinping
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/L. Hongguang

Кина мирно ги дизајнира своите глобални лидерски аспирации, од трговијата до климатските промени, исцртувајќи јасна линија на поделба меѓу мирната рака на претседателот Ши Џинпинг (на насловната фотографија) и американскиот претседател Доналд Трамп,чии први денови на функцијата минуваат во конфликти со медиумите и протести.

Неколку дена откако Трамп ја презеде функцијата, самоуверениот Ши беше главен говорник на Светскиот економски форум во Давос, застанувајќи во цврста одбрана на глобализацијата и сигнализирајќи ја желбата на Пекинг да игра поголема улога на светската сцена.

Дури ни за контроверзното прашање на Јужното Кинеско Море, Пекинг не се фати на мамката на Белата Куќа која говореше за „одбрана на националните територии“ во спорните води. Кина ја потенцираше желбата за мир и му испрати смирен повик на Вашингтон да внимава што зборува.

„Вие ја имате вашата 'Америка прво', а ние нашата 'заедница на заедничка судбина за човештвото'“, напиша во својот блог пензионираниот кинески генерал Луо Јан, инаку вообичаено познат по својот радикален тон.

„Вие имате 'затворена држава', а ние 'еден појас, еден пат'', додаде тој алудирајќи на повеќе милијарди долари вредниот нов кинески „Пат на свилата“.

Иако Кина повеќепати повторуваше дека не сака да ја преземе традиционалната американска улога на светски лидер, висок кинески дипломат прифаќа дека земјата можеби би била принудена на тоа.

„Доколку некој рече дека Кина има водечка улога во светот, јас би рекол дека тоа не е затоа што Кина се турка кон врвот, туку дека досегашните лидери се повлекле оставајќи простор за Кина“, изјави Жанг Јун, генерален директор на секторот за меѓународна економија во кинеското Министерство за надворешни работи. 

USA Präsident Trump frühstückt mit Wirtschafts-Bossen
Трамп експресно ги повлече САД од Транспацифичкиот договорФотографија: picture alliance/AP Photo/P. Martinez Monsivais

Одговорност наместо лидерство

Таа порака се засили неделава откако Трамп формално ги повлече САД од Транспацифичкиот трговски договор, дистанцирајќи ги САД од своите азиски партнери. Неколку преостанати членки на ТПП најавија дека ќе се обидат да ја вклучат Кина во ревидираното партнерство, или ќе бараат начин да се приклучат кон алтернативните договори за слободна трговија на Кина.

„На бројни важни мултилатерални форуми, кинескиот лидер ги претстави кинеските предлози, давајќи позитивен поттик за светскиот развој“, смета Су Сиаохуи, истражувач во кинескиот Институт за меѓународни студии.

„Во процесите на економска интеграција на пацифичка Азија, во споредба со некои земји кои постојано ја потенцираат нивната лидерска улога, Кина обрнува повеќе внимание на нејзината 'одговорност' и 'засилување'“, вели Су.

Претстојната меѓународна конференција посветена на нејзината иницијатива за новиот Пат на свилата во мај, е нова можност за Пекинг да го покаже своето лидерство во глобалната инфраструктура и инвестиции.

„Кина ги кани речиси сите“, вели еден дипломат за конференцијата.

Уште една област во која Кина сака да се прикаже како лидер се климатските промени. Трамп во минатото ги отфрлаше климатските промени како „измама“ и во кампањата најави дека ќе ги повлече САД од Клкиматскиот договор од Париз.

Ли Јунхуа, шеф на одделот за меѓународните организации во кинеското МНР, вели дека светот е загрижен поради климатските промени и придржувањето на државите до обврските од Париз.
„Што се однесува до Кина, мојот претседател стави многу јасно до знаење дека Кина ќе ја исполни својата обврска“, вели тој.

Großbritannien Erster Güterzug aus China trifft nach 18 Tagen in London ein
Првиот кинески воз минатата недела пристигна во Лондон по Патот на свилатаФотографија: Reuters/S. Wermuth

Процес на учење

Не беше секогаш така. Кина мина низ долг процес на учење за да стане поодговорна сила. Во 2013, лут поради спорот со Манила околу Јужнокинеското Море, Пекинг ја прекина помошта за Филипините откако тие беа погодени од тајфунот Хаијан, предизвикувајќи ретки критики во државните медиуми.
Ни односите со САД нема да одат мазно. За некои клучни прашања како што е островот Тајван, Кина нема да попушти. Во првата реакција по преземањето на функцијата од страна на Трамп, кинеското МНР ја повика новата администрација да ја сфати важноста на принципот „една Кина“, кој Трамп го доведува во прашање.

Кина очекува дека администрацијата на Трамп ќе ја остави намира и во однос на темата која најчесто ги оптоваруваше односите со Вашингтон - човековите права.

Меѓународниот подлисток на официјалниот весник на Комунистичката партија, Народниот дневник со одобрување коментираше дека во инаугуративниот говор Трамп не ги споменал зборовите „демократија“ и „човекови права“.

„Можеби, доколку погледнеме наназад, овие нешта биле претерано споменувани од американските политичари“, напиша медиумот.

 

Извор: Ројтерс