1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Додик свесно предизвикува криза

24 септември 2016

Претседателот на Република Српска свесно го зема во предвид загрозувањето на мирот во БиХ, но и во Европа, пишуваат весниците на германски јазик во врска со референдумот во БиХ.

https://p.dw.com/p/2QYDc
Bosnien und Herzegowina Banjaluka Lokalwahlen Milorad Dodik
Фотографија: DW/D. Maksimovic

Проблемот, за почеток, е во тоа што Додик воопшто не смееше да распише референдум околу празнувањето на 9. јануари, зашто тоа го забрани Уставниот суд, пишува весникот „Зиддојче цајтунг“, продолжувајќи:

„Залагањето на Додик за овој празник има првенствено внатрешнополитички мотиви. Неговиот политички маневар говори: ’заедничката државна власт сака да ви го одземе вашиот празник’.

Во БиХ на 2. октомври се одржуваат локални избори. Токму Република Српска се наоѓа во катастрофална состојба. Има многу сиромашни луѓе, кој може, се иселува. Стапката на невработеност е 40 проценти. Единствен позитивен биланс кој Додик, кој инаку важи за многу корумпиран политичар, може да го покаже е самоинсценирана борба против Хрватите и Бошњаците, против ЕУ и НАТО. Многумина набљудувачи референдумот кој го распиша Додик го оценуваат како претходница на неговиот постојано најавуван план за референдум за независност.

Без оглед колку безначаен изгледа спорот околу празникот славен од само нешто повеќе од еден милион луѓе, тој го става под прашалник Дејтонскиот мировен договор, постигнат со посредување на ЕУ, САД и Русија. Со кршењето на Уставот на БиХ,  Додик покажува колку е мал неговиот интерес за добри односи со меѓународните сили и колку е мало влијанието кое тие можат да го ивршат врз него. Српскиот премиер Александар Вучиќ,  кој се смета за заштитник на Србите во БиХ, не дозволи ова прашање да го сврти од неговиот курс кон ЕУ.  Тој не го поддржа референдумот.Рускиот претседател Владимир Путин го прими Додик и изјави дека босанските Срби имаат право да решаваат за себе“, пишува „Зиддојче цајтунг“. 

Само ЕУ може да ја запре кризата во БиХ

Како и порано, во БиХ се‘ се врти околу симболите, пишува австрискиот весник „Клајне цајтунг“. Уставниот суд го забрани референдумот, робустниот претседател на Република Српска одговара со игнорирање. Сепак, по две недели се одржуваат локални избори и БиХ потоа брзо ќе западне во својата позиција на внатрешна парализа во која се наоѓа повеќе од две децении од завршувањето на војната, пишува весникот:

„Надвор од БиХ се верува дека Босанците и Херцеговците се глупи и наивни за воопшто да можат да ги разберат триковите на своите политичари. Но, тоа не е точно. Мнозинството луѓе одлично знае за каква игра станува збор. Сепак, иако добро знаат дека е во прашање игра, тешко е да се излезе од неа. Кризата предизвикана од политичарите во БиХ е вистинска. Доколку Додик загуби, неговите политички противници ќе триумфираат, и обратно. Тоа е логиката на ’државата од три нации’: штом еден ќе ја почне играта, мораат и другите да се вклучат во неа, иако на крајот сите се во загуба.

Европските држави, и само тие, можат да помогнат за излез од оваа ситуација. За таа цел дури не мораат ни да настапуваат како колонијални сили. Би помогнала понудата БиХ, со сите нејзини парадокси, да биде примена во ЕУ. Тоа не би ја укинало ’невозможната’ структура на оваа држава, но би ја релативизирало. За Европејците е поевтино да се вклучат во играњето ’кризни игри’, кои постојано почнуваат во БиХ. Би можеле да платат скапа цена ако играта прерасне во нешто друго. А тогаш ќе биде предоцна“, заклучува „Клајне цајтунг“.