1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Документарни филмови ќе ја унапредуваат наставата во Македонија

Сузана Тодоровска-Павлоска23 јуни 2013

Филмот претставува извонредно наставно визуелно средство, говорат искуствата од проектот „МакеДокс во училница“. Целта е да се поттикне употребата на документарните филмови во наставата во основните и средните училишта.

https://p.dw.com/p/18udA
Фотографија: DW/S.T. Pavlovska

Деветнаесет професори од осум градови во Македонија, беа обучени и користеа креативни документарни филмови по предметите граѓанско образование и социологија во средните училишта. Како дел од проектот кој се базира врз искуствата од повеќе европски земји, беше издаден едукативен сет составен од 12 краткометражни и 2 долгометражни филмови и прирачник за работа со нив, наменет за учениците на возраст од 14-18 години, а приспособен за наставата по овие предмети во средните училишта во Македонија.

Суштината е да се понуди нов активен пристап, поинаква перспектива на значајни оштествени, социјални и други теми, да се размислува и разговара, да се поттикнат развојот на критичката свест, естетските и моралните норми и вредности.

Визуелизирање на човековите права низ автентични приказни

„Темите во прирачникот ги дефиниравме афирмативно- ако ја обработуваме сиромаштијата како тема по граѓанско образование и социологија- избираме филм на таа тема“, објаснува Киријана Николоска од здружението „Македокс“ и директор на Фестивалот на креативен документарен филм.

Kirjana Nikolovska
Кирјана НиколовскаФотографија: DW/S.T. Pavlovska

„Или темата 'Јас столбот на општеството' каде што се обработуваат маргинализираните групи. Филмот 'Летечката Ана' зборува за едно девојче од Холандија болно од Туретов синдром и за тоа како се снаоѓа во средината и како општеството ја поддржува или инхибира. Нудиме активности со кои наставниците ќе можат да ги обработат стереотипите, предрасудите или начините на справување со маргинализирани групи. Битно ни беше да ги визуелизираме човековите права“, вели Николоска за ДВ.

Филмовите влијаат и на емоционално ниво

Вака нестандардно структурираните часови- со проекција на филм, се интересни и динамични, а учениците се мотивирани да ги споделат своите размислувања- говорат искуствата на професорите со кои разговараше ДВ.

„На учениците им е поинтересно. На пример, темите глобализација, семејно насилство или конфликти- едно е кога само им се предава, а друго е кога тоа ќе го видат и на документарен филм. Потоа, се развива дискусија, размислувања, критики, коментари“, вели Борка Дончева, професор по социологија и граѓанско образование во СОУ „Јане Сандански“ во Струмица.

„Реализиравме четири часа програма со документарни филмови и секое дете имаше можност нешто да каже и да се изрази себеси. Ние сме мешана заедница па сметам дека вака можат да се елиминираат некои стереотипи и предрасуди кои политиката тенденциозно ги одржува на површината “, ни рече Ѓузимтар Лабеништи, професор по социлогија во средното училиште „Ибрахим Темо“ во Струга.

Gymnasium Ibrahim Temo in Struga Mazedonien
Гимназијата „Ибрахим Темо“ во СтругаФотографија: DW

Денес речиси сè околу децата е визуелно!

Новите генерации растат во свет кој главно е визуелен- пред ТВ и компјутерските екрани, па и наставата треба да одговори на нивните потреби, вели Николоска. Таа смета дека визуелните деца во Македонија се запоставени.

„Програмата за деца и млади на фестивалот 'МакеДокс' ја започнавме уште во првата година, со проекции на филмови во Кинотеката на Македонија. Не станува збор за филмови кои се само забавни туку имаат и одредена содржина која би било добро да се вклопи во наставниот процес.

Не само што сакаме да го промовираме документарниот филм туку во едукативниот процес сакаме да понудиме визуелни содржини за да се комплетира она што е цел на современата настава- да биде сеопфатна и да ги третира сите типови деца. Сметам дека најголемиот дел од наставните содржини кај нас им се обраќаат на аудитивните деца- наставникот предава, тие го слушаат и така ги помнат и резонираат содржините. Или со репродукција“, вели Николоска.

Schüler bei der Vorführung eines Dokumentarfilmes
Документарниот филм за ученицитеФотографија: DW/S.T. Pavlovska

Проектот „МакеДокс во училница“ е поддржан од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и од септември ќе продолжи со обука на уште 177 наставници, за користење на креативните документарни филмови во наставата по социологија и граѓанско образование.

Според Законот за основно и Законот за средно образование на РМ од пред 3 години, наставниците се обврзани 20% од наставата да ја реализираат со дигитални содржини.