1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Општина Тетово објавила документ за кој не е надлежна

22 септември 2021

„План за еколошки и социјален менаџмент“ на модуларната болница во Тетово, за кој од општината вчера соопштија дека не се надлежни, е поставен на нејзината интернет страница.

https://p.dw.com/p/40fL5
Тетово Општина Болница
Интернет страницата на општина Тетово снимена денеска со документот за менаџирање на ковид-центаротФотографија: Gemeinde Tetovo

На веб страницата на Општина Тетово е поставен документот со кој се регулираат обврскитеи надлежностите во однос на модуларната болница во градот. Документот, во оригинал на англиски јазик, истиот кој е објавен од Министерството за труд и социјална политика, е преземен и од тетовската општина со датум 16 октомври 2020 година. ДВ ја провери содржината на документот, кој е во ПДФ формат, и утврди дека се работи за идентична содржина. Во моментот на објавување на овој текст, се уште немаме објаснување од општината зошто документот е објавен и кај нив, доколку тие немале надлежност за него. Во моментот кога ќе добиеме објаснување, ДВ ќе го објави. 

Општината вчера тврдеше дека нема никаква надлежност во однос на болницата и се повика на измените во Законот за градба направени од владата во ноември 2020 година. 
„Во оваа насока ве известуваме дека врз основа на последните измени од Закон за градење ( Службен весник на Република Северна Македонија бр.279 од 24.11.2020 ) во член 4 го цитираме членот: во член 74 во ставот (2) по зборовите: „решението го издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот“ се додават зборовите: „барањето за изведување односно постапување на модуларни градби или група од модуларни градби, наменети за вршење на здравствена дејност се поднесува до Министерство за здравство и решението го издава Министерство за здравство”. 

Umwelt- und Sozialmanagementplan für das Covid Zentrum in Tetovo, Nordmazedonien
Планот за менаџирање и надзор на тетовската модуларна болницаФотографија: www.mtsp.gov.mk

Надлежности 

Од општината тврдат дека надлежноста за модуларната болница била единствено на Министерството за здравство и на други централни органи.
„Комуналните инспектори немаат надлежност да вршат контроли врз посебни објекти и градби од прва категорија. Системите за безбедност и за гасење на пожар и контролата на нивната функционалност се исто така под надлежност на Министерството за здравство и на други институции од централно ниво“, пишуваат во реакцијата од Општина Тетово.
„Во однос на инсталациите за водовод и канализација ве известуваме дека истите биле во надлежност за градење од страна на изведувачот, а општината извршила само приклучок на истите."  

Umwelt- und Sozialmanagementplan für das Covid Zentrum in Tetovo, Nordmazedonien
Надлежности за контрола на работењето на болницата (на англиски јазик) Фотографија: www.mtsp.gov.mk

Од Министерството за здравство, за телевизија Телма, денеска ги отфрлија овие тврдења на општината.  
„Модуларните ковид центри, не спаѓаат во прва, ниту во втора категорија, што значи дека не се градби за кои е потребно одобрение за градење. Со измените на законот за градење, се дефинираат модуларните монтажни објекти во категорија на градби за кои не е потребно одобрение за градење, оттука според законската регулатива не е предвиден надзор над работите“. 

Примопредавање со ситни забелешки 

Документите од примопредавањето на модуларната болница во Тетово, извршено на 14 април годинава потврдуваат дека тоа било извршено во присуство на претставници на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, изведувачот „Брако“ и економскиот директор на тетовската болница Артан Етеми. Во записникот со мастило дополнително се наведени забелешките (кои можат да се видат и на факсимилот) кои градежникот потоа ги санирал:

Пожар Тетово Болница
Записникот со забелешките од примопредавањето на модуларната болница

Да се исчистат туш кабините; Да се санира панел во рен(т)ген собата; Да се поправи подот во ходниците; Да се затворат доводни кабли во метална кутија; и Да се постави заштитна ограда на излез од болницата- барање што било надвор од договорот, но било реализирано неколку дена подоцна.
Согласно документацијата, од моментот на примопредавањето, во ткн. оперативна фаза, надлежностите и обврската за надзор над објектот ја имал раководниот кадар на болницата во соработка со општината.

Пожар Тетово Болница
Потписници на записникот се претставници на Министерствата за труд и здравство, на фирмата Брако и економскиот директор на болницата во Тетово.

На пример, во делот План за регуларно одржување на инсталациите (вода, одводна мрежа, струја, греење) во модуларната болница како надлежни се наведени: претставници на општина Тетово, директорот на болницата во Тетово, Комунален инспектор и одговорно лице во болницата). Во следната ставка, Подготовка на План за заштита од пожар и имплементација на заштитни мерки како надлежни се наведуваат: директорот на болницата во Тетово и одговорно лице во болницата); и во третата ставка од оперативниот план која носи наслов Подготовка на план за менаџирање на отпад и контрола на зарази надлежни се претставници на општина Тетово, директорот на болницата во Тетово, комунален инспектор и одговорно лице во болницата.