1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долгиот пат на Русија во СТО

15 декември 2011

Цели 18 години траеја преговорите за прием на Русија во Светската трговска организација. Конечно, Русија треба да стане 154. членка, но преговорите покажаа дека на многумина во земјата тоа и не им е многу важно

https://p.dw.com/p/13Sh3
Фотографија: AP

Министерскиот совет на Светската трговска организација на состанокот кој почнува денеска треба да ја даде препораката за членство на Русија во таа организација. Кон средината на следната година, најголемата светска земја конечно треба да стане полноправна членка на СТО, иако преговорите започнаа уште во 1993 година.

Причините за толку долгите преговори лежеа и во Русија, но и во светската заедница. Голем број светски компании кои побрзаа во Русија по падот на комунизмот брзо сфатија дека бизнисот во Русија се склопува или на „руски начин“ или никако.

Тој руски начин, во принцип означуваше корупција, непотизам, и заштита на руските државни компании, кои во меѓувреме станаа сопственост на локалните тајкуни блиски до Кремљ.

Wladimir Putin hält Rede zur Lage der Nation
Рускиот премиер Владимир ПутинФотографија: AP

На таквите, застарени бизнис модели, воопшто и не им беше во интерес земјата да стане членка на СТО и притоа да се отвори слободна конкуренција за фирми од странство.

Правна сигурност и интелектуална заштита

Ролф Лангхамер од Институтот за светско стопанство во Кил потсетува дека членството во СТО не значи дека сега Русија „ќе мора целосно да се отвори“.

„Тоа не е институција за слободна трговија, туку инструмент кој спречува дискриминација меѓу членките и дискриминација меѓу домашните и странските производители“, вели Лангхамер.

Од друга страна, Русија во моментов е на најдобар пат да се врати на старото, царско доба. Имено и денес земјата, најголемиот дел од своите приходи го остварува со извоз на суровини, пред се‘ гас и нафта, додека индустриските погони безнадежно пропаѓаат.

Токму тоа беше главниот мотив на Русија да и‘ пристапи на СТО и повторно да ги привлече странските инвеститори во земјата, вели Лангхамер.

„Членството во СТО ќе значи дека странските инвеститори ќе можат да се надеваат на правна сигурност и на заштита на интелектуалната сопственост“.

Русија заостанува

Schweiz WTO Verhandlungen in Genf Pascal Lamy
Генералниот директор на СТО, Паскал ЛамиФотографија: AP

Иако поимот „правна сигурност“ за Русија се‘ уште звучи многу апстрактно, Сузан Стјуарт од Фондацијата за наука и политика од Берлин смета дека Русија нема друг избор.

„Членството во СТО за Русија значи и излез од маргинализацијата. Заостанувањето и провинцијализацијата и‘ се закануваат на Русија бидејќи таа недоволно се модернизира“.

Долг период пречка за членство на земјата во СТО беше и политиката. Имено, одлуката на Кремљ да ги признае како независни држави регионите во Грузија: Абхазија и Јужна Осетија, поради што Тбилиси стави вето на членството на Москва во СТО. Двете земји долго преговараа во Швајцарија, за конечно, пред извесно време да постигнат компромис за меѓународен надзор на трговската размена со тие покраини. Тоа беше и причината што Грузија прифати членство на Русија.

Автор: Андреј Гурков/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска