1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долгот на Грција во 2012. ќе надмине 370 милијарди евра

3 октомври 2011

Берзите ширум светот бележат негативен тренд поради признанието на грчките власти дека нема да можат да ги исполнат преземените обврски кон меѓународните кредитори за намалување на буџетскиот дефицит.

https://p.dw.com/p/12kuH
Фотографија: DW/Fotolia-Giordano Aita/Dan Race

Берзите од Токио до Вашингтон бележат загуби како резултат на соопштението на официјална Атина дека нема да успее да ги исполни бараните намалувања во буџетскиот дефицит за тековната и за следната година, кои беа договорени со ЕУ и ММФ. Проектираниот буџет за годинава предвидува дупка од 8,5 проценти, што е над проектираната рамка од 7,6 отсто. Слични се проценките и за следната година, за која се предвидува дефицит од 6,8 проценти од брутодомашниот производ, наспроти бараните 6,5 проценти.

Грчката Влада предвидува дека долгот на земјата во 2012 година ќе достигне 172,2 проценти од БДП, или околу 372 милијарди евра, што е за 11 отсто повеќе од годинава. Економијата и следната година ќе биде во длабока рецесија.

Веста беше соопштена во истовреме кога во земјата се наоѓаат ревизорите на ЕУ, ММФ и Европската централна банка кои треба да проценат дали Атина ги исполнува условите за доделување на новата транша од меѓународната помош во вредност од 8 милијарди евра.

Оценката треба да бидат објавена в среда.

Одлуката за новата рата од помошта денеска треба да донесат и министрите за финансии на земјите-членки на еврозоната. Министрите ќе слушнат од еврокомесарот за финансии Оли Рен што треба Грција да стори за да ги исполни задачите кон ММФ. Без новата транша од кредитот Грција нема да може да ги исплати платите и другите трошоци, а веќе кон средината на месецот ќе остане целосно без средства.

Griechenland Athen Troika Experten Finanzkrise
Претставници на меѓународните кредитори во АтинаФотографија: dapd

Берзите во шок

На пазарите денеска паѓаат цените на нафтата и вредноста на еврото, а особено негативен тренд имаат неколку финансиски корпорации кои се кредитори на грчкиот долг, како француската Дексиа.

Берзите во Азија кои први отворија денеска, реагираа негативно на вестите од Атина и бележат загуби од 2 до 5 проценти во утринското тргување. Европските пазари отворија со загуби од околу 2 проценти. Сличен е трендот и на берзата во Њујорк.

Проценките кои доаѓаат од одредени политички кругови не ветуваат оптимизам за состојбата во Грција. Според Михаел Фукс, еден од водечките пратеници на конзервативната коалиција на германската канцеларка Ангела Меркел, Грција е веќе банкрот и ќе мора да и се простат дел од долговите.

„Грција е банкротирана. Веројатно не постои друг излез за нас, освен да и простиме 50 проценти од нејзините долгови“, рече Фукс, кој се наоѓа на чело на бизнис-групацијата на конзервативците во Бундестагот.

Автор: БГ/ AT/ афп/ ројтерс/ дпа

Редактор: Александра Трајковска