1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долго и прецизно планиран напад

СН/дв/дпа/афп25 јули 2016

Полицијата уапси другар на напаѓачот од Минхен под сомнение дека знаел за нападот. Против 16-годишното лице се води истрага за непријавување на казнено дело. Покрај тоа, објавени се нови детали за нападот.

https://p.dw.com/p/1JVGO
Фотографија: picture-alliance/AA/S. Widmann

По апсењето, полицијата во Минхен соопшти дека младото момче во петокот вечерта по злосторството со девет загинати, самото се пријавило. На повторното сослушување меѓутоа осомничениот се заплеткал во противречности. Против него се води истрага за непријавивање на казнено дело.

Претходно беше објавено дека 18-годишниот напаѓач неговото злосторство детално го подготвувал цела една година и слично како и норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик составил манифест. Во подготовките на крвопролевањето, психички болниот ученик отпатувал и во местото Виненден кај Штутгарт, каде во март 2009 година 17-годишен ученик истотака изврши масовно убиство во едно училиште. Според последните информации, неговите жртви, кои претежно потекнуваат од мигрантски семејства, тој не ги избрал целно.

Deutschland München nach dem Amoklauf Trauernde
Фотографија: DW/D. Regev

Злосторството на младиот Германец со иранско потекло во петокот вечерта предизвика страв и шок во цел Минхен. 18-годишниот пукаше околу себе пред и во Олимпискиот трговски центар, како и во еден ресторан за брза храна и притоа уби девет луѓе, главно млади - и на крајот самиот си го одзеде животот. Три лица и натаму се наоѓаат во животна опасност. Според безбедносните служби, во нападот имало вкупно 35 повредени лица.

Оружјето набавено од Даркнет

Ученикот, според информациите на полицијата и обвинителството, страдал од „социјални проблеми“ и од депресии. Два месеца бил стационарно лекуван, а потоа и амбулантно, последен пат во јуни годинава. Во неговиот стан се пронајдени и лекови. Во 2012 година тој бил цел на мобинг од страна на негови соученици, соопштија властите. Дали постои поврзаност на тој инцидент со нападот од петокот вечерта, е сѐ уште нејасно, соопшти истрагата. Меѓу жртвите нема негови соученици.

Нападот се случи на петтата годишнина од масовното убиство во Осло и на норвешкиот остров Утоја кое го изврши десничарскиот екстремист Брејвик и во кое загинаа 77 лица. Напаѓачот од Минхен преку интернет се информирал за детали од злосторството на Брејвик, а во неговиот стан е пронајдена и книга за масовни убиства кои ги извршуваат ученици. Според наводи на истрагата, напаѓачот интензивно играл компјутерски игри како „Каунтер Страјк“ кои се критикувани како насилни.

Deutschland Polizeikräfte nach dem Amoklauf in München
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Babbar

Инаку ,за време на нападот тој испукал најмалку 57 куршуми од неговиот пиштол. Оружјето најверојатно го набавил во анонимниот дел на интернет, таканаречениот Даркнет. Пиштолот, прво деактивиран, бил користен како театарски реквизит, а потоа бил активиран и понуден на продажба на Даркнет, изјави шефот на Покраинската служба за борба против криминалот, Роберт Хајмбергер. Со лажен профил на Фејсбук, напаѓачот најавил дека во еден ресторан за брза храна ќе части оброци, рече Хајмбергер. „Тоа навистина бил обид таму да се привлечат луѓе“. Според досегашните податоци, меѓу жртвите нема луѓе кои биле во контакт со напаѓачот преку Фејсбук.