1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долг пат до помирување во постјугословенските земји

Динко Грухоњиќ/ Жана Ацеска19 мај 2013

Иницијативата за формирање Регионална комисија за утврдување на фактите за жртвите на војните на просторите на екс СФРЈ од невладините организации ќе премине кај претставниците на претседателите на државите од регионот.

https://p.dw.com/p/18ahX
Фотографија: DW/D.Gruhonjic

Имено, како што беше речено на Деветтиот меѓународен форум за транзициска правда, кој под насловот „Помирување во постјугословенските земји“ заврши вчера (18.05.2013) во Јахорина, специјалните претставници на претседателите од земјите од регионот би требало наскоро да се состанат и да го разгледаат статусот на РЕКОМ кој им го доставија претставниците на цивилното општество.

Потоа би следел процес на усогласување на моделите на идната комисија за помирување, а целата работа на крајот би требало да резултира со потпишување мултилатерален договор и формирање на РЕКОМ.

Иницијативата РЕКОМ заговара основање меѓудржавна и независна комисија со мандат за утврдување и јавно изнесување на фактите за воените злосторства и другите тешки повреди на човековите права во поранешна Југославија, вклучувајќи ја и судбината на исчезнатите лица.

На собирот во Јахорина своето видување на помирувањето меѓу државите од регионот го дадоа, покрај политичарите и невладините организаици, низа  претставници на верските заедници, уметници, културолози, научници. 

Recom in Bosnien und Herzegowina
Дино МустафиќФотографија: DW/D.Gruhonjic

Нема мир без соочување со минатото

Сараевскиот режисер Дино Мустафиќ оцени дека владејачките политики во регионот се‘уште манипулираат со фактите и се‘уште слават воени злосторници, наместо да се посветтат на постигнувањето правда за жртвите  на војните.

Загрепскиот професор Жарко Пуховски оцени дека историјата на неодамнешните војни не се пишува всушност врз основа на фактите, туку тие се фалсификуваат во интерес на „патриотската историја“.

Се‘ додека е така, војните ќе се повторуваат, предупреди тој.

Белградскиот режисер Лазар Стојановиќ ја критикуваше и улогата на уметничката заедница во минатите војни, со оценка дека поголем нејзин дел се приклучи кон националистичките режими.

Публицистката од Словенија, Споменка Хрибар потсети дека порано и денес некои жртви се глорифицирани, додека некои напротив се премолчени.

„Додека не ги закопаме и едните и другите жртви, односно додека не престанеме со дискриминација на жртвите, нема да има мир“, рече Хрибар.

Вина за војните и кај верските заедници?

Посебно занимлива беше сесијата посветена на улогата на верските заедници во помирувањето на просторите на бивша СФРЈ.

Така католичкиот свештеник Иван Шарчевиќ рече дека извршителите на злосторствата често сакаат да го избришат минатото, а со самото тоа и сопствената одговорност за извршените недела.

„Се зборува за боледување од премногу, од вишок историја. Но, ние мораме да се соочиме со нашето минато заради нашата иднина“.

Сараевскиот муфтија Хусеин Смајиќ ги отфрли обвинувањата на сметка на верските заедници во регионот за нивна вина во изминатите војни.

„Не сме ни трошка виновни за она што се случи. За тоа се виновни политиките на Балканот“, рече Смајиќ, додавајќи дека во БиХ не се водеше верска војна. Тој сепак призна дека и во религиските заедници имаше поединци кои поттикнуваа омраза.

Recom in Bosnien und Herzegowina
Фотографија: DW/D.Gruhonjic

Православниот сараевски парох Вања Јовановиќ смета дека помирувањето е процес кој ќе потрае, зашто „човекот не  е машина, ниту проект на кој може да му се заповеда да се помири со некого. Ништо не е толку злоупотребувано како жртвите на овие простори. Тоа е трагедија на нашите простори и со тоа мора да се прекине, а основањето на РЕКОМ е вистински пат до тоа“, смета Јовановиќ.

Претседателот на еврејската заедница во БиХ Јакоб Финци оценува - никогаш за злосторствата не може да биде виновен еден цел народ, туку само поединци.

„Мислам дека на овие простори прво треба да зборуваме за довербата која ја нема, па дури потоа за помирувањето“, порача Финци.

Имамот на Исламската заедница на Косово Реџеп Љушта ги критикуваше верските лидери во регионот оценувајќи дека не сториле доволно за намалување на национализмот и верската нетрпеливост:

„За жал, имаше и такви примери, кога верските лидери продонесуваа за разгорување на амозитетот. А омразата не ги залекува раните“.

Затворен круг

На Форумот во Јахорина се чу и тоа - народите на просторот на бивша СФРЈ беа толку поврзани што војната ги раскина не само врските, туку и ги „скрши срцата“ на луѓето. Се‘ на се‘, беше заклучено, без соочување со минатото нема да има ниту долгорочна регионална стабилност. Односно, со затворени и тврди срца не може да се сподели болката на другите, туку само омразата, која ќе продолжи да ги држи луѓето во затворениот круг на нови судири.