1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Огорченост ја зафаќа Европа

Немања Рујевиќ
17 декември 2018

Франција, Унгарија, Србија, Австрија... зад нас е викенд на протести. Се протестираше против социјални неправди, за и против миграции, авторитарност... Дали Европа е на праг на експлозија?

https://p.dw.com/p/3AFKL
Belgrad - Demonstration in Serbien
Протести во Србија против авторитарноста на властаФотографија: picture-alliance/dpa/A. Drobnjakovic

Не е лесно да се најде заеднички именител кој би ги поврзал протестите кои викендов се случуваа од Париз до Белград, од Рим преку Виена до Будимпешта. Се протестираше против социјални неправди, протекција на крупниот капитал, против или за миграции, против авторитарно владеење, сеприсутна корупција... Доколку постои нешто заедничко тогаш тоа е фактот што сѐ повеќе луѓе ширум Европа се лути на својата власт и не сакаат повеќе да молчат.

„На секој протест му е потребна ситуација на голема огорченост. Дифузното незадоволство не е доволно. Мора да постои силно чувство дека сте третирани неправедно“, изјави познатиот социолог Дитер Рухт во интервју за германскиот јавен сервис ЦеДеЕф, коментирајќи ги протестите во Франција и Унгарија.

„Протестните движења во Франција и Унгарија се насочени на социјална неправда. Во двата случаи иницијална каписла беше социјално-политичка тема. Но се работи за протести кои се многу национално ограничени, во овој момент не гледам единствен европски протест“, вели Рухт.

Весникот Франкфуртер рундшау го коментира фактот дека во Франција имаше нешто помалку демонстранти на улиците од претходните недели. „Добро е што многу Французи во текот на викендот ги оставија жолтите елеци во орманите. Но не затоа што немаат повеќе за што да се бунат откако претседателот Макрон набрзина најави неколку чекори за да воспостави социјален мир. Туку затоа што на земјата ѝ е потребна мала починка - а на сите страни време за размислување“.

Frankreich Gelbwesten-Proteste in Paris
Добро е што многу Французи во текот на викендот ги оставија жолтите елеци во орманитеФотографија: Getty Images/AFP/Z. Abdelkafi

Обединета опозиција против Орбан?

Во неделата на улиците на Будимпешта излегоа десетина илјади луѓе кои протестираа против авторитарниот режим на Виктор Орбан, корупцијата, задушувањето на слободата на медиумите... Повод за демонстрациите на кои повика опозицијата - од левицата и синдикатите, преку либералите па сѐ до десничарскиот Јобик - беа два закона донесени во средата. Првиот критичарите го нарекуваат „робовски закон“ бидејќи дозволува вработените годишно да работат и до 400 прекувремени часови, наместо досегашните 250. Вториот закон му даде на министерот за правда широко влијание врз изборот на нови судии.

„Поврзувањето на опозицијата е вредно внимание кога се знае дека досега предизборната соработка секогаш пропаѓаше, дека левицата себеси гордо се означува себеси како демократска опозиција наспроти радикалната партија Јобик. Таа поделеност на противниците на Орбан значително придонесе за неговите убедливи победи. Доколку заедничката работа на опозицијата се покаже одржлива, тоа би можело да му предизвика сериозна главоболка на шефот на Владата“, пишува швајцарскиот Ноје цирхер цајтунг.

Ungarn, Demonstration in Budapest
Може ли да се обедини унгарската опозицијата. фото: Будимпешта 16.12.2018Фотографија: picture-alliance/dpa/Z. Balogh

Поинакви беа мотивите во Виена каде 17 илјади луѓе се собраа на годишнината од формирањето на владејачката коалиција меѓу Австриската народна партија и Слободарската партија на Австрија. Левичарските организации и синдикати, со поддршка на Социјалдемократите и Зелените, протестираа против „вртењето в десно“ на земјата во текот на првата година од мандатот на канцеларот Себастијан Курц.

За и против мигрантите
 

Весникот Стандард пишува дека коалицијата испраќала целни сигнали: била благонаклонета кон возачите и пушачите, строга кон вработените и учениците, великодушна кон здруженијата на работодавачи и претприемачи, ги игнорираше барањата на невладиниот сектор и беше остра кон барателите на азил.
„Притоа доаѓа и 'факторот Курц': сојузниот канцелар ја продлабочи улогата на омилен зет на нацијата. Својата политика ја објаснува разбирливо, секогаш делува љубезно и отворено, никогаш не изгледа уморно. Курц е еднакво добар во објавување на пораките колку што е тврдоглав во премолчувањето на непријатните теми“, пишува Стандард. весникот додава дека „перфектната презентација“ на Курц е една од причините што Австријците се мнозински задоволни од владата.

Rom - Demonstration gegen Einwanderungspolitik in Italien
За правата на бегалците се протестираше во РимФотографија: picture-alliance/dpa/A. Tarantino

Слична беше причината за демонстрациите и во Рим каде повеќе илјади луѓе, меѓу нив и бројни мигранти, протестираа за правата на мигрантите и бегалците под паролата на песната на Боб Марли „Стани за своите права“. Демонстрантите носеа жолти елеци во знак на солидарност со Французите. Поводот беше декретот за имиграција кој го протурка министерот за внатрешни работи Матео Салвини, шеф на десничарската Лега. Со тоа е ограничено доделувањето на хуманитарни дозволи за престој на семејства, жени кои патуваат сами и за трауматизирани бегалци.

Во Брисел, протестите беа во сосема спротивна насока- илјадници десничари протестираа против Пактот за миграции кој неодамна беше потпишан во Маракеш. Беа уапсени речиси 100 луѓе, најмногу поради сторена материјална штета. Полицијата користеше солзавец и водени топови против демонстрантите.