1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Домовите ги заменија урнатини

Клеменс Ференкот2 март 2009

Претставници од преку 70 земји денеска се собрани во Шарм Ел Шеик на донаторска конференција за помош на појасот Газа. На жртвите не им останува ништо друго, освен да чекаат и да се надеваат.

https://p.dw.com/p/H3x3
Палестинско момче проверува што останало меѓу урнатините од неговата куќаФотографија: AP

Источниот дел на бегалскиот камп Џабалија, во северниот дел на појасот Газа, веќе не може да се препознае. На местата каде порано се издигаа четирикатни станбени објекти - сега, до каде стигнува погледот има само бетонски урнатини. Во еден од шаторите, заедно со жена му, лежи 71-годишниот Махмуд Кадер. Меѓу брачниот пар и земјата, се` уште влажна од поројните дождови, има само еден тенок, шарен душек. За време на нападите, Махмуд и неговото пошироко семејство пребегале во соседниот дел од градот. Од дома го зеле само она што можеле на раце да го пренесат. „Не сме ниту некакви борци, ниту милитанти. Ние сме мирољубиви семејства, што си живеат во сопствената земја, вели Махмуд Кадер и раскажува дека на ова место порано имало дванаесет куќи, неговата и на моите деца и браќа. „Овде имаше една зграда на четири ката, таму живееја 140 до 170 луѓе, потомци на моите браќа. Не знам зошто ни го прават ова, кога ниту се бориме за нешто, ниту пак, поттикнуваме насилство. Треба да престанат вака да не` малтретираат“, вели Кадер.

Хуманитарната помош е минимална

Angriffe im Gazastreifen
Многу Палестинци беа принудени да ги напуштат домовите и да побегнат во соседните делови од градотФотографија: AP

Еден од синовите, Ибрахим, го следи разговорот на татко му со странскиот репортер. Дали хуманитарната помош што досега ја добиле од организации како ОН барем малку им ја олесниле положбата? Ибрахим, кој е во раните четириесетти години, одмавнува со главата: „Од денот кога бомбардираа, од ден на ден станува се` полошо, и покрај поддршката и помошта. Ама оваа поддршка што ја добиваме е толку минимална, што нема шанси да ни го врати квалитетот на живот што претходно го имавме“, вели Ибрахим и додава: „Шаториве се ужасни, никој не сака да остане овде. Ова не` потсетува на протерување, на етничко чистење. Затоа, и покрај помошта, овде е секој ден се` полошо“, разочарано констатира Ибрахим.

Да се изврши притисок врз Израел

Gazastreifen - Flüchtlingslager
Палестинците бараат Израел да престане да ги уништува нивните домовиФотографија: dpa

Од целиот нивни имот сега останаа само урнатини - од куќите, од мебелот, од компјутерот за децата, облеката, куферите - се`. Дури и нивите, на кои семејствата заедно одгледувале маслинки и лимони, се разорани од израелските тенкови. Главата на фамилијата, Махмуд Кадер, кој веќе 53 години живее на ова место, се сместува во шаторот и порачува: „Апелирам до светските сили, до меѓународната јавност, до европските земји, до американската власт, до американскиот претседател - конечно да извршат притисок врз Израел да престане со насилството врз нас, Палестинците. Не можеме да си заминеме од разурнатото огниште, ќе останеме овде, се` додека домовите повторно не ни се изградат, онакви какви што беа. И сакаме Израел да биде обврзан никогаш повеќе да не ни ги уништи куќите. Не сакаме ние да градиме, Израел да уништува. Остануваме овде, на лице-место, и не се помрднуваме, се` додека куќите не ни бидат повторно изградени“, порачува Кадер.