1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Домот за стари лица се претвора во топло животно катче

Себастијан Ерб9 јануари 2009

Проектот „Животен сон“ е алтернативно решение за растечкиот проблем со згрижување на постарите лица во Германија.

https://p.dw.com/p/GUVp
Заеднички живот против осаменоста на постарите лицаФотографија: Bilderbox

Со продолжувањето на човечкиот век, расте и бројот лица на кои им е потребна нега во длабоката старост. Во модерните западни општества тие најчесто не се интегрирани во класични семејни структури со по три генерации, туку за нив треба да се грижат социјалните системи.

Веќе сега во Германија негата на постарите лица се смета за една од најпросперитетните бранши. Во неа работат повеќе од половина милион лица, што е 30 проценти повеќе од пред осум години. Експертите проценуваат дека нивниот број до 2050 година ќе се зголеми за три пати, значи на преку 1,5 милиони негуватели. На крајот на минатата година бројот на германски државјани на кои им треба нега од трети лица се искачи на 2,25 милиони или 11,4 проценти повеќе во однос на почетокот на третиот милениум. Една третина од нив се постари од 85 години.

Домовите за стари лица, покрај високиот стандард во земјата, сепак не се омилена опција. Затоа во Германија се во тренд разни алтернативни решенија, кои се обидуваат на природен начин да обезбедат подобра интегрираност на постарата генерација. Пример за тоа е проектот „Животен сон“ во Берлин.

Еколошки дом

Сончев зимски ден во квартот Берлин-Трептов, на маргините на главниот град. Во близината се наоѓа природен резерват, каде што порано имало воен аеродром. Се’ е покриено со снег, дува студен арктички ветер.

Solaranlage in Südspanien Andalusien
Соларна енергијаФотографија: DW / Leidel

Хартмут Гленцел му пркоси на ветрот и упорно ни ја покажува малата населба: „Има 19 куќи и во нив живеат 21 семејство. Вкупно овде има 70 жители, од кои 40-тина се возрасни, а 30-тина деца. Со тоа што деца има се’ повеќе и повеќе...“

Куќите се изградени од дрво и тоа според еколошки стандарди, значи без примена на отровни бои, лакови и други материјали што можат да бидат штетни за човечкото здравје. За греење се користи сончева енергија, а кога таа недостига, тогаш дрва.

Хартмут Гленцел покажува кон покривот на една од куќите:„На покривите можат да се видат соларни ќелии. Значи, користиме соларна енергија за добивање на топла вода во домаќинствата, делумно за создавање на електрична енергија и делумно за греење“.

Три генерации живеат заедно

Во средината на населбата се наоѓа убаво детско игралиште со сите нишани. Веднаш покрај него има направено место за огниште, каде што летно време се собираат жителите на малата еколошка населба и минуваат пријатни вечери покрај логорскиот оган.

Christa Gräfin von Hardenberg
Заеднички живот на повеќе генерацииФотографија: dpa

Во куќата што го носи бројот осум дознаваме дека живеат заедно три генерации. Тука е баба Ина Тауторат со семејството на нејзината ќерка.

Ина Тауторат е кревка жена на возраст од 65 години. Неодамна заминала во пензија по работниот век минат како музејски педагог. Не’ води по скалите на горниот кат од куќата, од каде што се отвора прекрасна глетка врз средиштето на населбата со детското игралиште.

„Одовде имам многу убав поглед врз целата населба и секогаш можам да видам што се случува во неа. Многу сум среќна овде и не жалам ни најмалку што се решив за живеење во ваква населба. Под мене живее семејството на ќерка ми и ако некогаш ми затреба помош тие се подготвени да ми се најдат при рака. Но, не сум упатена само на моето семејство, тука се и другите жители, од кои исто така можам да побарам нешто, ако ми притреба...“ раскажува тукуречи разгалено баба Ина.

Семејниот и социјалниот живот отвораат нови перспективи


И зетот Холгер сведочи дека меѓу трите генерации во домот на Тауторат владее слога: „Често се чудев што луѓето вакво нешто сметаат за посебно, за ретко. За мене тоа никогаш не било некое големо чудо што живееме заедно, што мајка и’ на сопругата е во истата куќа со нас. Впрочем, таа си има посебен стан горе и секој може да си се повлече во сопственото катче кога му треба. Ние така си го организиравме животот што имаме само предности од тоа, бидејќи заедничкиот соживот не ни е обврска, туку само можност“.

Практично, тоа изгледа така што баба Ина понекогаш ја чува внука и’, а ќерката и зетот за возврат нејзе и’ помагаат кога нешто ќе и’ затреба. Значи, што би се рекло на модерен јазик - синергија, здружување на позитивните аспекти, од една страна, и оставање на доволно простор секој да си ја живее живејачката на свој начин, од друга.

Млади и стари против самотијата

Три генерации под ист покрив, тоа порано беше нормално во Германија. Но, денеска повеќе не е! Затоа концептот на малата населба во Берлин излегува од чисто семејните рамки. Тука не живеат заедно само најблиски роднини, туку и непознати луѓе, кои сепак се обидуваат заемно да се поддржуваат во секојдневните активности и обврски.

Senioren beim Nordic-Walken
Социјални активности против самотијатаФотографија: www.BilderBox.com

Токму заради тоа овде се дојдени и Хартмут Гленцел и неговата сопруга: „Откако се отселија нашите деца од дома, сакавме да смениме нешто. Притоа, не сакавме да одиме во некоја комбинација каде што има само постари луѓе, туку сакавме да се вклучиме во некој проект каде што има и млади. Тоа беше свесна одлука во настојувањето да сториме нешто против самотијата што ги снаоѓа постарите. И тоа на време, додека сме уште витални и подвижни, а не кога ќе снемогнеме“.

Хартмут Гленцел сега има 65 години и изгледа многу витален. Тој се’ уште работи три дена во неделата како учител, иако би можел да се пензионира. Хартмут со сите во малата населба со голем ентузијазам го дели неговото долгогодишно искуство и знаење како учител и се надева дека и другите исто така ќе возвратат со она што тие го знаат и умеат. Што се однесува до одењето во старечки дом, тој одмавнува со рака. Таму луѓето само чекаат да им дојде крајот и ништо друго, вели Хартмут.

Потребно е да се најде заеднички јазик

Во изминатите три години на заеднички живот, 70-те жители на малата населба „Животен сон“ во Берлин сфатија дека не оди се’ како подмачкано, дека има и различни, па и спротивни интереси. Тоа понекогаш значи долготрајни разговори и барање на заеднички решенија, бидејќи жителите на малата населба со три генерации сакаат по можност сите одлуки да бидат донесени едногласно.

Fußballspielender Junge
Децата сакаат да играат фудбалФотографија: picture-alliance/dpa

И тоа секако не е лесно, зашто децата, на пример, сакаат да играат фудбал во дворот, што на дел од постарите им е премногу бучно. За некои е битно да може да се дојде со автомобилот колку што е можно поблиску до куќите, за други тоа претставува проблем поради безбедноста на децата кога си играат итн.

Значи, идеална средина нема никаде, но жителите на „Животниот сон“ сепак се среќни и задоволни што живеат заедно. Пред се’ затоа што меѓу нив не владее страшната анонимност, како во останатите делови од големиот и непрегледен град.

„Можам да си замислам дека во куќата во која порано живеев може некој да почине, некој човек кој си живее сам и тоа да не го забележи никој од соседите. Во многу населби е така...“, замислено и помалку тажно вели Ина Тауторат. Во нејзината експериментална населба секако не е така, бидејќи овде жителите можат да си ги одберат соседите по своја волја. Тоа е секако добра подлога за заеднички живот:

„Можам да си замислам овде да остарам, да го минам навистина остатокот од мојот живот“, нагласува Ина Тауторат.